Студентите не пријавуваат случаи на коруптивно и неетичко однесување од страна на наставно-научниот кадар или административните служби, велат студентите со кои ПИНА направи мини анкета. Причините за непријавување на корупцијата, кои тие ги наведоа најчесто се поради стравот од можните последици и недоволната информираност каде можат да се обратат.
За поефикасно спречување и заштита од корупција, универзитетскиот Сенат од редот на редовните професори на Универзитетот избира овластено лице за прием на пријави на корупција, но пријавени случаи на корупција нема.
Антикорупцискиот офицер на УКИМ, проф. д-р Гордан Калајџиев вели дека имајќи предвид тоа што студентите не пријавуваат конкретни случаи на корупција, тој смета дека обемот и тежината на корупцијата во високото образование е преценета.
„Формално, кај мене како офицер за корупција на УКИМ досега нема ниту една пријава од студенти, а ни од професори. Од медиумите дознаваме за некои повремени пријави директно до Државната комисија за спречување корупција (ДКСК). Тие се очигледно повидливи и повеќе афирмирани. Можно е студентите да немаат доверба во системот, иако лично сум убеден дека тоа не е клучна причина. Студентите се доволно возрасни и свесни за своите права и за значењето на борбата против корупцијата. Верувам дека перцепцијата за корупција е повисока од онаа реално во овој сектор,“ вели Калајџиев.
Според него, оваа состојба се должи на повеќе фактори, најповеќе можеби на општата актуелност на корупцијата во државата.
„Работите се прилично променети од времето пред некои десетина и повеќе години. Сега не постои монопол на УКИМ, со студентите се работи во помали групи, на испити се бара помалку од порано и низа други фактори може да играат улога. Корупцијата тука отсекогаш била, главно ситна корупција, врски и сл. Најдобро би било да се спроведе некакво научно истражување на сегашните состојби и фактори, наместо да се шпекулира’’, вели за ПИНА.мк, Антикорупцискиот офицер на УКИМ.
Студентите молчат поради недоверба во системот
Студентите не се обраќаат ниту кај Студентскиот правобранител кој постапува по поднесок од страна на студент или по сопствена иницијатива доколку увидел дека е повредено право на студент од страна на органите на Универзитетот или друг член на академската заедница на Универзитетот. А потоа реагира до надлежните институции како што се единиците на Универзитетот, Антикорупциски офицер, ДКСК или Јавно обвинителство.
Во разговор за ПИНА.мк, Савче Ѓошева, студентски правобранител на УКИМ вели дека на студентите им е потребна и обука за препознавање на корупцијата и нејзините облици и охрабрување.
Таа потенцира дека во нејзиниот петмесечен мандат ниту еднаш и нема стигнато претставка која се однесува на корупција на факултетот. Иако корупција постои, а за неа се зборува само во секојдневните муабети помеѓу студентите.
„Сметам дека е присутен страв кај нив, дека и да пријават нема кој да им помогне, дека сѐ уште професорите се поставени на едно повисоко авторитарно ниво над нив, па затоа имаат механизми кои ги штитат нив, а не студентите. Но, исто толку битно колку охрабрувањето, е спроведувањето на кампања за подигнување на свеста за корупцијата и сите механизми кои ни се на располагање за да се заштитиме,“ додава Ѓошева.
Според нејзе, промената може да започне со воведување на ставка за корупција во анонимната анкета за самоевалуација за квалитетот на наставниот и соработничкиот кадар, при што студентите ќе можат да се изјаснат и на оваа тема.
„Доколку се изведе на правилен начин, може да помогне барем со воспоставување на првични информации колку се свесни студентите за постоење на корупцијата.Отука, би можеле да го продлабочиме истражувањето или побурно да реагираме доколку ситуацијата е алармантна и постои корупција на секој факултет и студентите тоа го гледаат,“ потенцира Ѓошева.
Законот за спречување на корупција предвидува секој да има право да пријави сомневање или сознание за корупција и да биде заштитен согласно со закон. Студентите се заштитени и со секоја таква пријава која води до праведна разрешница ќе се зголеми довербата во системот.
„Иако проблемот на корупција е комплексен и поднесувањето претставка до некоја надлежна институција е само почеток на процесот, сепак ги охрабрувам студентите да го сторат истото. Доаѓа периодот кога нашата генерација ќе мора да ја воспостави здравата политичка и општествена култура, а почетокот мора да дојде пркосно уште денес,“ апелира Студентскиот правобранител на УКИМ.
Што покажа онлајн анкетата на ПИНА.мк
Според анонимната мини онлајн анкета за студентите во која добивме 21 одговор, сите студенти кажале до сега не пријавиле таков случај, а 66,7% од нив не знаат каде можат да си го остварат тоа право, што е поразително и говори за неинформираноста на студентите за нивните права и неактуализацијата на оваа тема.
Дел од одговорите во онлајн анкетата беа дека забележале коруптивни дејства како: „парично“, „сум забележала од страна на професор пишана оценка на студент кој воопшто го нема полагано испитот“, „да на пример убави девојки поминуваат на испит кај некои професори“,„купување на оригинал книга за испит во спротивно немаш право на потпис“, „пишување незаслужена преодна оценка на студент кој воопшто нема право да го полага предметот (поради неположен колоквиум).“
Исто така, во онлајн анкетата најголем број од студентите одговорија дека не веруваат во праведна разрешница во случаи на корупција, поради страв од можните последици, најчесто од неположување на испит, па затоа и замижуваат на таквите ситуации, 60% од нив не знаат каде да пријават корупција, а 40% знаат.
Лани во септември имаше судска пресуда за тројца професори на Економскиот факултет, за примање на поткуп во случајот „Еразмус“ и двајца професори беа осудени на 4,5 години затвор за примање поткуп, додека еден професор кој посредувал во шемата доби условна казна.
Авторка: Бојана Спасовска
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА