Почетна Анализи Илјадници граѓани на Скопје заложници на една дупка

Илјадници граѓани на Скопје заложници на една дупка

0
17
Фото: Ангел Димовски, ПИНА

Огромен кратер на главна раскрсница предизвикува страв и несигурност кај жителите на булеварот Киро Глигоров во новата населба кај универзитетот ФОН во скопска Гази Баба.

Ова е една од најфрекфентните раскрсници во Гази Баба и неколку илјади граѓани се соочуваат со сообраќаен ризик, како пеш, така и со своите возила.

Еден од нив е и 65-годишниот Вангел, кој реагира поради овој инфраструктурен проблем за кој, како што вели тој, надлежните не преземаат никакви мерки, а во меѓувреме издаваат дозволи за изградба на нови згради.

„Ова е катастрофа, децата кога одат на работа секојдневно се жалат дека мора да излезат половина час порано бидејќи доцнат од преголемиот хаос. Кога ги носам внуците на училиште се плашиме да не нè удри некој со возило, многу е небезбедно, секој ден поминуваме со страв“, вели Вангел.

Фото: Ангел Димовски, ПИНА

Вангел веќе две години живее во овој дел од Скопје. Се надевал дека функционирањето во нова околина и нови згради ќе му го пододбрат квалитетот на живот. Но, вели, се плаши да ги пушти внуците да си играат надвор, да не паднат во дупката. Огромниот кратер, додава, ризик е и за сите жители од околните згради кои што поминуваат на ова место.

„Тука веќе не се работи само за искршени коли и уништени гуми, туку за живи глави, секоја раскрсница е руски рулет, особено за пешаците. Срамно е во 21 век да газиме во кал и дупки додека околу нас никнуваат згради како печурки. Како имаат план и дозволи за нови профити, а немаат план како да ја закрпат оваа дупка што не загрозува?“, прашува тој.

Институциите ја префрлаат одговорноста

Од Град Скопје велат дека дупката е ископана за поставување на дел од колекторски систем за изградба на пречистителна станица и оти, заради судски спор, градежните работи се сопрени.

„За дупката која подолг период е оставена отворена, поврзана е со проектот за изградба на колекторите по левиот и десниот брег на реката Вардар. Во моментов за овој проект се води судски спор надвор од државата, поради што градежните активности се запрени. Инвеститор на проектот е Министерството за животна средина, преку ИПА фондовите, додека изведувач е фирма од Европска унија. Под дупката се наоѓа дел од колекторскиот систем, кој е предвиден како инфраструктура поврзана со идната пречистителна станица за отпадни води во Трубарево“, велат од Град Скопје.

Фото: Ангел Димовски, ПИНА

Ниту Град Скопје, ниту Министерството за животна средина не откриваат кога е ископана дупката. Тие си ја префрлаат одговорноста. Според жителите од населбата, дупката стои таму најмалку три години. Од Министерството за животна средина велат дека конечната одлука за арбитражната постапка се очекува да биде донесена во текот на летото.

„Во моментов Министерството за животна средина и просторно планирање заедно со Град Скопје и ЈП Водовод и канализација работат на изнаоѓање на најбрзо и најефективно решение за целосно завршување на проектот за колекторски систем за Скопје во рамките на кој е и отворен ископ во близина на објектот на ФОН. Конечната одлука од арбитражната постапка се очекува да биде донесена во текот на летото, а јавноста ќе биде навремено информирана за исходот. Институциите на државата кои се вклучени во процесот се во континуирана комуникација со надлежните меѓународни тела што ја водат постапката“, велат од министерството.

„Дупката веднаш да се затвори!“

Сообраќајните експерти алармираат дека дупката треба веднаш да се затвори, бидејќи доколку се случи несреќа, ќе биде доцна.

Според сообраќајниот експерт Зоран Кракутоски, до нејзиното затворање просторот треба да биде соодветно заграден, а во вечерните часови да има и осветлување, бидејќи се наоѓа на еден од најфреквентните булевари. Дополнително, вели, немањето на сообраќајна сигнализација сериозно ја загрозува безбедноста на граѓаните.

„Значи, сообраќајна сигнализација не само за преку ден, туку и вечерна, со трепкачи, да навестува дека тука има некаков проблем на самата инфраструктура, и после тоа треба и физички да се загради тој простор за луѓето да немаат пристап. Во однос на непоставувањето на семафорите, апсолутно е штетно. Кога се оставаат работите сами, едноставно луѓето да бираат што би направиле, тоа е најлошото решение“, вели Кракутоски.

Фото: Ангел Димовски, ПИНА

Оваа дупка не е единствениот проблем на жителите од новата населба кај ФОН.

За Пина тие раскажуваат дека се соочуваат со основни инфраструктурни проблеми, до своите згради одат по раскопани и неасфалтирани улици, а на главната раскрсница на булеварот „Киро Глигоров“ нема ниту семафор. Прашуваат како е можно општината Гази Баба да дава дозволи за изградба и технички прием на зградите без да биде изградена основната инфраструктура.

„Живеам во станбениот комплекс Космос, улицата не е направена, кога ќе се направи никој не знае,од горе патот е до половина направен, немаме услови за живот тука“, вели жител на населбата.

Булеварот Киро Глигоров се користи за транзитен сообраќај низ повеќе скопски општини. Ги поврзува општините Аеродром и Гази Баба и поминува покрај трговски центри, факултети, но води и во нови урбани населби.

Во меѓувреме жителите бараат конкретни решенија.

„Надлежните само си ја префрлаат топката од едни на други, а ние сме заборавени како да не постоиме. Не бараме луксуз, бараме само основна безбедност за нашите внуци пред да се случи некоја поголема трагедија. Доста ни е од лажни ветувања, сакаме асфалт, а не страв при секое излегување од дома!“, вели Вангел.

Автор: Ангел Димовски

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА
ПИНА
Privacy Overview

This website uses cookies so that we can provide you with the best user experience possible. Cookie information is stored in your browser and performs functions such as recognising you when you return to our website and helping our team to understand which sections of the website you find most interesting and useful.