„Постои ли некоја група мајки која тајно се собира доцна навечер и се договара дека сѐ што е негативно и тешко – ќе се сокрие?“ реторички праша мајка на две деца.
Според неа, жените се изложени на претстава дека бременоста и мајчинството се едноставно и безусловно – позитивни искуства, додека тешкотиите често остануваат премолчени.
„Првата бременост ми беше многу тешко искуство. Мислам дека ќе беше далеку полесно кога би знаела и би била подготвена за дел од евентуалните искуства“, вели таа.
Како пример ја посочува и болката при доењето, на која, како што вели, воопшто не била подготвена.
„Неколкуте месеци додека го доев син ми беа исклучително болно искуство, физички. Самата болка, чувството на неподготвеност, резултираше со постојано неколкумесечно плачење“, раскажува таа.
Од своето искуство, како особено важно го издвојува присуството на партнерот. Според неа, партнерот треба да биде информиран за физичките и емотивните промени низ кои поминува жената и активно да учествува во грижата и за детето и за неа.
„Ние бевме сосема сами, без роднини и пошироко семејство со нас кои евентуално би помогнале. Доколку не бевме и добри партнери, ќе се распадневме како пар. Мора да се споделат обврските и да бидете тука еден за друг“, вели таа.
„Кога ќе почнеш да зборуваш, започнува и заздравувањето“.
Соговорничка од Куманово, која станала мајка на 22 години, го сподели своето искуство со постпородилната депресија и анксиозност. Таа смета дека секоја жена треба веднаш по породувањето да биде посетена од психолог или психијатар, што може да помогне во навременото препознавање на состојбата.
„Тоа ми беше прво дете. Мислиш дека знаеш што те очекува, но кога ќе дојде бебето сфаќаш дека всушност не знаеш ништо. Породувањето беше многу тешко и заврши со итен царски рез. Континуирано плачев речиси две недели. Медицинскиот персонал забележуваше дека нешто не е во ред со мене, но наместо помош добив потсмев. Ми велеа: ‘Само ти ли си се породила што толку плачеш?’“, раскажува таа.
По враќањето дома, стравовите станале уште посилни. Постојано проверувала дали бебето дише и се плашела дека нешто ќе му се случи. Иако побарала помош од психолог или психијатар, никој не ја сфатил сериозно. Во следните две години се обидувала да функционира, со постојано чувство на вина, додека нејзината состојба постепено се влошувала. Единствената вистинска поддршка во тој период ја добила од својот татко, кој се грижел и за неа и за бебето.
„Сè што требаше да прави мојот сопруг, правеше татко ми. Две години поминав без лекови и без каква било стручна помош. Се обидував да преживеам. Однадвор изгледаше како да функционирам, но одвнатре секој ден водев битка сама со себе.“
Се соочувала со постојана нервоза, плачење, панични напади и чувство дека ја губи контролата. Дури и се плашела сама да го бања детето и избегнувала да останува сама со него. Конечно, во втората година по породувањето, побарала стручна помош.
„За првпат целосно се отворив и кажав сè што со години носев во себе. После тој разговор како целото тело да ми попушти. Два месеци речиси не станував од кревет. За првпат си дозволив да не бидам силна.“
Закрепнувањето било постепено. Со терапија, поддршка од семејството и вклучување во проект за лична асистенција преку Црвениот крст, повторно почнала да излегува од дома и да зборува за своето искуство. По околу година и пол научила како да се справува со паничните напади.
„Сфатив дека сè што те боли мора да излезе од тебе. Додека молчиш, товарот останува во тебе. Кога ќе почнеш да зборуваш, започнува и заздравувањето.“
„Очекував дека животот ќе ми се промени, но не знаев колку голема ќе биде промената“
Ана Таневска од Скопје вели дека иако откако станала мајка, очекувала дека животот комплетно ќе и се промени, но не можела да предвиди колку таа лично ќе се промени.
„Целосно ја изгубив концентрацијата, целиот фокусот ми беше на синот, да биде добро и да расте ‘како што треба’, бидејќи нели тој буквално зависи од мене, а се останато тргнав на страна. И дојде моментот кога сфатив дека некаде по патот сум се изгубила себеси. Иако правев се за него, постојано чувствував дека грешам и го изневерувам“, вели Ана.
Како резултат на исцрпеноста и намалената концентрација работата и одела тешко, и ѝ заостанувале работните обрвски.
„Никако не можев да најдам време за себе, да се вратам барем малку во ‘нормала’. На крајот на денот сфатив дека сепак не сум сама, имам поддршка од околината, сите мајки се соочуваат со слични искуства и дека не треба да се обвинуваме себе“, дополнува таа.
Во разговор со Би-би-си три жени од арапските земји ги споделиле своите искуства со постпарталната депресија:
„Имав многу тешка бременост. Се чувствував беспомошно, како никогаш повторно да нема да водам нормален живот. Се чувствував многу чудно, како да се обидувам да се отарасам од ќерката. Тоа е нешто на кое потсвесно се сеќавам. Додека ја доев замислував како ја фрлам од прозорец или од тераса. Семејството се вознемири кога им признав. Сопругот ми рече да не ја хранам во близина на прозорецот. Се чувствував како да никој не ми помага“, раскажува Сaлма од Обединетите арапски емирати.
„Плачев по цела ноќ додека го доев синот. Помислив дека тоа се знаци на депресија. Често размислував на смрт. Се прашував што си направив на самата себе, како да продолжам да живеам вака. Постојано ми велеа дека не сум единствена која се породила. Секоја мајка поминала низ истото, што е твојот проблем, ми велеа“, вели Еман од Египет.
За Далија од Јордан ситуацијата станала потешка бидејќи нејзината новородена ќерка пројавила алергија на многу нешта.
„Исто така моето тело многу се промени после породувањето. Особено бидејќи морав да се породам со царски рез. Кога се вратив на работа се чувствував како да сум излегла од затвор“, вели таа.
Состојби кои бараат навремен и соодветен третман
Тешките постпородилни состојби, според експертите, најчесто се резултат на мрежа премолчени искуства: егзистенцијални и социјални предизвици, нова животна улога, хормонални промени, континуиран умор и ненаспаност, предизвик за партнерските односи, потполно нови животни искуства и улоги, континуиран умор и ненаспаност.
Според последните достапни податоци, цитирани во истражувањето на Реактор „Кој се грижи? – Мајчинство, ментално здравје и невидливиот товар на очекувањата“ постпородилна депресија се манифестирала кај 27,6% од младите мајки во Северна Македонија, додека 27,8% биле погодени од умерена до екстремна анксиозност. Односно, повеќе од 50 проценти од жените кои скоро станале мајки пријавиле сериозно емотивни и психолошки потешкотии во прифаќање на новата улога и адаптирање на новиот живот и промените. По 2022 нема нови официјални податоци од институциите за тоа колку мајки пројавиле предизвици со перинаталното ментално здравје.
Сања Јовановска, семејна и системска психотерапевтка, вели дека иако раѓањето на детето претставува еден од најзначајните животни настани не само за жената, туку и за целото семејство, тоа истовремено е и период на големи промени.

„Во првите денови и недели по породувањето кај голем број жени се јавуваат реакции познати како ‘baby blues’ кои најчесто вклучуваат плачливост, емоционална чувствителност, раздразливост, анксиозност, променливо расположение и чувство на преоптовареност. Овие реакции обично се повлекуваат спонтано во рок од две недели и се сметаат за дел од процесот на адаптација. Она што најчесто го среќавам во работата со мајки, покрај претходно наведените реакции се и несигурност во родителската улога, страв дека не се доволно добри мајки, чувство на вина, анксиозност, постојана грижа за бебето, плачливост, раздразливост и постојано преиспитување дали прават доволно и дали правилно се грижат за своето дете. Често се присутни и чувство на осаменост, недостаток на поддршка и чувство на губење на сопствениот идентитет“, вели Јовановска.
Таа потенцира дека кога постпородилните потешкотии траат подолго, стануваат поинтензивни и почнуваат значително да влијаат врз секојдневното функционирање, може да станува збор за посеризни клинички состојби како постпартална депресија, анксиозност, опсесивно-компулсивни симптоми, посттрауматско стресно нарушување поврзано со бременоста или породувањето или, во ретки случаи, постпартална психоза.
„Постпарталните потешкотии од ваков вид се состојби кои бараат навремен и соодветен третман не само од психолошки и психотерапевтски аспект, туку кај одредени состојби, како што е постпарталната психоза (која е многу ретка, но возможна состојба) неопходна е итна психијатриска проценка и соодветен медикаментозен третман. Би сакала да додадам и дека секоја жена го доживува овој период на различен начин и не постои едно единствено искуство кое важи за сите мајки“, вели Јовановска.
Ана Бојчевска-Митревска, психолог, психотерапевтка и истражувачка во полето на родовата еднаквост, како и една од авторките на анализата на „Реактор“, вели дека дури откако самата станала мајка разбрала колку бременоста, породувањето и грижата за едно дете се политички и системски прашања.

„Дотогаш, дел од тие искуства ги разбирав првенствено како интимни и семејни. Но, искуството ми даде до знаење дека желбата да се има дете не е доволна за да се издржи физичкиот, психолошкиот и економскиот товар на родителството, особено кога најголемиот дел од тој товар го носи жената. Тоа се гледа и во начинот на кој е организиран здравствениот систем. Во бременоста жената има релативно редовен контакт со гинеколог и се следат нејзиното физичко здравје и развојот на плодот. Но многу поретко некој ја прашува како се чувствува, дали спие, дали е постојано вознемирена, дали има поддршка, дали се чувствува безбедно дома, дали се соочува со мисли што ја плашат. По породувањето, овој недостаток станува уште повидлив. Мајката станува важна главно како ресурс за бебето“, објаснува Бојчевска-Митревска.
Таа вели дека на мајките, пред сè, потребно им е некој да ги слушне и да им поверува. Вели дека тие често се плашат да зборуваат затоа што мислат дека ќе бидат прогласени за „лоши мајки“.
„Жените често кажуваат дека не се добро, но не со речникот на кој здравствениот систем е навикнат. Можеби нема да кажат: ‘Имам постпородилна депресија’, туку: ‘Не се чувствувам своја’, ‘Не можам да престанам да плачам’, ‘Не можам да спијам ни кога бебето спие’, ‘Се плашам да останам сама со него’ и слично. Депресијата не изгледа секогаш како очигледна тага. Може да се појави како раздразливост, емоционална отсутност, губење интерес, чувство на безвредност, повлекување или тешкотија во поврзувањето со бебето. Анксиозноста, пак, понекогаш се крие зад однесување што однадвор изгледа како претерана совесност: постојано проверување дали бебето дише, неможност да му се довери на друг човек, непрекинато пребарување информации или убедување дека само мајката може правилно да се грижи за него“,вели Бојчевска-Митревска.
Додава дека кај некои жени се појавуваат наметливи, несакани мисли што силно ги вознемируваат. Затоа, вели таа, многу е важно професионалците да обезбедат доверба, но и да умеат внимателно да направат разлика меѓу наметливи мисли што жената ги доживува како туѓи и застрашувачки и психотична состојба во која е нарушен контактот со реалноста.
Во контекст на анализата, заедно со „Психолариум“ спровеле и групи за поддршка на мајки каде посведочиле колку често жените имаат чувство дека мораат да покажат дека се снаоѓаат, дури и кога одвај издржуваат.
„Кога една жена ќе кажеше дека е исцрпена, чувствува вина или понекогаш посакува само да избега од сите обврски, речиси секогаш следуваше: ‘И јас’, ‘Мислев дека сум единствена’ или ‘Не знаев дека е дозволено вака да се чувствувам’”, вели Бојчевска-Митревска. Како особено проблематична ја потенцира нееднаквата распределба на неплатениот труд.
„Жената најчесто не ја извршува само физичката грижа, туку го носи и целиот ментален товар: знае кога јадело бебето, кога треба да оди на контрола, што треба да се купи, испере или подготви и кој симптом треба да се следи. Затоа, не можеме на исцрпена жена едноставно да ѝ кажеме дека треба да практикува повеќе ‘грижа за себе’. Ако нема со кого да го остави детето, сама ги носи обврските, економски e зависна или живее со насилен партнер, тој совет не само што не е доволен, туку може повторно да ја направи лично одговорна за проблем што во голем дел е структурен“, вели таа.
Според истражувањето на професорката Викторија Боровска „Траектории на мајчинството: Феминистичка перспектива и демистификација на идеологиите“, очекувањата од општеството вршат притисок врз мајките не само да се справуваат добро, туку и безусловно да уживаат во мајчинството – да ја потиснат амбивалентноста, фрустрацијата или заморот во корист на општествено прифатливата слика на мајчинска среќа. Боровска потенцира дека еден од најупорните митови што го одржуваат идеалот за „добрата мајка“ е верувањето во природен, универзален мајчински инстинкт.
Оваа идеја претпоставува дека жените поседуваат вродена, биолошки одредена способност за грижа и емоционална чувствителност кон своите деца. Како што забележува Боровска, мајчиното однесување често се толкува како манифестација на овој инстинкт, кој се претпоставува дека се појавува спонтано во моментите по породувањето. Таквата идеја го засилува ставот дека жените се природно предиспонирани за мајчинство и дека мајчинската љубов и компетентност произлегуваат без напор од биологијата, наместо да се обликуваат преку општествени, психолошки и контекстуални фактори.
Но, останува најважното прашање, кое го поставуваат и експертите: ако гинекологот или патронажната сестра препознаат дека жената не е добро, каде точно ја упатуваат? Кој ја презема, кој ја следи и каде таа добива бесплатна помош во својата заедница?
(продолжува)
Авторки: Лени Фрчкоска и Марта Стевковска





