Почетна Анализи Патронажните сестри заминуваат во пензија: кој ќе се грижи за мајките и...

Патронажните сестри заминуваат во пензија: кој ќе се грижи за мајките и бебињата?

Бројот на патронажни сестри во земјава постојано се намалува, а голем дел од нив се пред пензионирање. Иако потребата од патронажна грижа расте, млад кадар сè поретко се одлучува за оваа професија поради тешките услови за работа. Последниот јавен повик за ангажирање патронажни сестри бил објавен во 2019 година, а Институтот за јавно здравје препорачува доекипирање на службата и околу 400 сестри за покривање на потребите на целата држава

0
38
Илустративна фотографија | фото: Magnific

Кога колешките се на одмор, боледување или заминуваат во пензија, нивните реони не престануваат да постојат. Некој треба да стигне до мајките и новороденчињата кои чекаат стручна помош, а таа задача сè почесто паѓа врз веќе преоптоварените патронажни сестри.

Мирјана Трајановска веќе 38 години работи во патронажната служба во Ѓорче Петров. За да стигне до семејствата што ги посетува оди со велосипед.

Мирјана Трајановска | Фото: Приватна архива

„Успевам со велосипедот да ги направам моите посети низ Ѓорче, полесно е така, поинаку се губи многу време и енергија. Повеќето колешки одат со автобус и пешки. Неколку пати сме пријавувале дека физички не успеваме да направиме повеќе посети, сепак сме оставени сами да се снаоѓаме. Во ред е ако автобуската станица е блиску, сестрата ќе стигне до зацртаната адреса, ама некогаш треба и по 20 минути да одат од станицата до адресата. Во лето можете да претпоставите колку е тоа напорно, а истото мора да го извршиме и на дожд, и на температури во минус“, вели таа.

Но, ни добрата организација, ни долгогодишното искуство не можат да го надоместат недостигот од кадар. Секоја година, вели Мирјана, неколку сестри одат во пензија, нови не се вработуваат така што работата само им се зголемува. Последиците ги чувствуваат и сестрите и мајките кои во првите денови по породувањето остануваат без очекуваната поддршка.  Според податоците кои ги поседува таа, во петте општини на Градот Скопје, новите мајки и бебињата ги посетуваат околу 30 патронажни сестри. Во меѓувреме многу нејзини колешки се пензионирале, а нови вработувања нема.

„Десет години истото го зборувам, никој не нè слуша. Преку ноќ не можеш да станеш патронажна сестра. За да ги обучиме потребни се три-четири години, да гледаат и да учат. Но, нема интерес ниту од младите, ова е навистина мачна работа која треба да ја сакаш, да имаш трпение, во многу ситуации си оставен сам да се снаоѓаш. Младите од клупа не ги интересира патронажа, само пасошот и да си одат одовде. Состојбата вели дека ќе бидеме оставени на милост и немилост. Требаше да се спречи да дојдеме на ова ниво. Сум зборувала и пред Министерство за здравство, Светска здравствена организација, сите се запознати, но без позитивни резултати. Сепак додека не држат нозе ќе се бориме“, вели Мирјана.

Патронажните сестри не ги бројат посетите во текот на денот, важно е, велат, посетата да е квалитетна. Да ги научат мајките да дојат, да ја согледаат состојбата на бебето, папчето. Мирјана посетува повеќе од 200 новороденчиња годишно, додека нејзините колешки кои работат по селата имаат помалку. Поради големиот број новороденчиња, ги посетува еднаш до два пати, иако, како што вели, во подобрите времиња ги посетувала и по пет пати. Засега во општините Карпош, Ѓорче Петров и Сарај има осум патронажни сестри.

„Пред две години добивме сестра, се обучи, една од ретките која остана без работа и ни ја дадоа нам. Сега таа го покрива Карпош, таму еден период немаше никој, не успевавме да го покриеме тој реон. Многу мајки долг период останаа без посета од сестра. Среќа ни ја дадоа и сега има само една колешка за цел Карпош, Козле. Можете да претпоставите колку е тешко, едноставно една сестра не успева да го покрие цел Карпош“, споделува Мирјана.

Сестрите заминуваат во пензија, а замените изостануваат

Мирјана споделува и дека додека се на терен немаат каде да одат во тоалет, па принудени се да ги користат јавните или тоалетите во трговските центри. Новите мајки ги бараат дури и кога одат на одмор. Потребна им е поддршка и совет, па Мирјана вели дека не можат со бебето да чекаат неколку недели бидејќи се тоа за нив најкревки моменти.

Патронажните сестри велат дека имаат грижа на совест и да земат боледување. Една од нив, која инсистираше да остане анонимна, вели дека не зела боледување и покрај тоа што зимата се повредила и едвај одела.

„Едноставно нема кој да ме замени. Свесна сум дека сме им потребни на мајките, моја обврска е да им понудам помош и користам одмор само еднаш годишно. Тогаш имам замена. Ме загрижува фактот што наскоро одам во пензија и нема никаква информација, ниту најава дека некој би ме заменил. Помладите сестри велат дека ова е тешка, макотрпна работа и не сакаат да ја работат“, вели таа.

Слична е ситуацијата и во останатите градови во Македонија. Во помалите места, каде што најчесто сите се познаваат меѓу себе, мајките се советувани кога ќе се породат да ѝ се јават на патронажната сестра. По два три дена препорачливо е да дојде сестрата во посета, да го погледне бебето, да и посочи на мајката да внимава на бебето доколку има можност да се појави жолтица, или да ѝ укаже ако има жолтица. Се проверува папчето, тежината на бебето, ѝ се укажува на мајката како да го дои и дали правилно го прави тоа. Како да го бања откако ќе падне папчето. Исто така ја проверува мајката, дали крвари, каква и е раната, особено ако е породувањето со царски рез.

Директорот на Здравствениот дом во Крива Паланка вели дека имаат три сестри кои истовремено работат како патронажни и како акушерки и излегуваат на помош каде што е потребно. Сузана, која е главна сестра во оваа здравствена институција, вели дека често мајките одбиваат посета.

„Наша задача е неколку пати да им се јавиме и да направиме барем една посета. Засега навистина делуваме каде што треба, не можам да речам дека сме само во патронажа, но проблем ќе настане кога сестрите ќе отидат во пензија за неколку години. Сметам дека ни се потребни нови вработувања, дефицитарни сме, но тоа не е во наша моќ“, вели таа.

Кога стручната поддршка недостасува во првите денови по породувањето

Мајка од Пробиштип вели дека не би можела да се снајде во тешките моменти по породувањето. Тогаш, додава, никој друг не можел да ѝ помогне и да ја утеши.

„Бебето не сакаше да цица, наеднаш ми надојде млеко. Добив маститис, што можеби и не бев свесна дека е навистина тоа, имав температура, реално не знаев што да направам. Да не беше патронажната сестра, не знам како ќе поминев. Ме фати паника за бебето, бев во болка. А таа дојде, ми помогна да се измолзам, да се смирам, бебето да не ми остане гладно“, вели таа.

Ова го потврдува и Кристина М. од скопската општина Аеродром. Вели дека патронажната сестра ја спасила од многу недоумици, иако сопругот помагал во логистиката додека била сама со синот, во првите моменти, ѝ требал некој кој целосно го разбира мајчинството и неговите предизвици.

„Ми укажа каде грешам, ми даде совети за цел живот. Ми направи увид во негата што ја имам дома, како да се подобрам, на што да внимавам. Имав констипација која ми го отежнуваше цело функционирање, ми даде совет како да се ослободам. Ми даде лек за хемороидите. Нешто што можеби е невидливо, занемарувачко, но влијае на целата благосостојба на мајката и бебето. Дури и неколку пати се слушнавме за да ме провери како напредуваме“, вели Кристина.

Марта Стевковска има поинакво искуство. Имала проблем со доењето на ќерката и голема потреба од патронажна сестра, но оваа услуга воопшто не ја добила.

„Околу мене беше само моето семејство, кое иако беше од помош сепак ми недостасуваше стручниот и професионален однос и знаење што го имаат само патронажните сестри со оглед на нивното искуство. Подоцна дознав дека нивната бројка е многу мала, дека се дефицитарни и дека поради тоа се случува дури и да се направи превид и да не дојдат. Проблемот е системски и мора некако да се реши бидејќи законски мора да те посети патронажна сестра во домот откако ќе се породиш. Но, важно е и како дел од системот на грижа за мајките, но кај нас како воопшто и да не се обрнува внимание на потребите на трудниците и мајките, како да се оставени сами на себе“, вели Марта.

Искуствата во странство се малку поинакви. Во Германија, патронажните сестри функционираат индивидуално, не се ангажирани од здравствениот дом. Стефанија Jакова, која живее во близина на Штутгарт, вели дека мајките сами треба да ги ангажираат, да пријават во болницата која сестра ја ангажирале и Фондот за здравство им ја плаќа услугата на сестрата, а мајката е ослободена од трошоци.

„Во нашиот реон, кај што живееме има неколку сестри. Разговарав со мајки да ми препорачаат и лесно стапив во контакт. И оттука таа се организира сама, ме посети, неколку пати. Ми се јавуваше и дополнително да провери дали сме добри. Навистина ми беше од голема помош. Системот е поразличен од кај нас, ама сметам дека подобро функционира. Барем сестрите се помотивирани за работа“, вели Стефанија.

Зајакнувањето на патронажната служба – стратешка инвестиција

УНИЦЕФ ја има маркирано важноста на улогата на патронажната сестра во едно семејство и со години се залага за подобрување на нивниот статус. За нив организира специјализирани обуки, како што е како програмата „Учиме заедно“, со фокус врз раната интервенција, поддршката за семејства и деца со пречки во развојот и поттикнување на емотивниот, социјалниот и интелектуалниот развој на децата.

„Патронажните сестри имаат клучна улога во унапредувањето на здравјето и благосостојбата на бремените жени, мајките, новороденчињата и децата. Често, како единствени здравствени работници кои редовно ги посетуваат семејствата во нивните домови, тие се во позиција навреме да ги препознаат здравствените и развојни ризици, како и ризиците поврзани со заштитата на децата што инаку би можеле да останат незабележани. Тоа вклучува предизвици поврзани со менталното здравје на мајките, доцнење во развојот на детето, несоодветна грижа, насилство, како и социјални ризици што ги засегаат децата и семејствата“, велат од УНИЦЕФ.

Нивната работа го опфаќа целиот животен тек – од грижата за време на бременоста и по породувањето, поддршката за доење и следењето на имунизацијата, до следењето на растот и развојот на децата, промоцијата на раниот детски развој, поддршката на постарите лица и лицата со хронични заболувања, како и обезбедувањето услуги за ранливите групи, вклучително и ромските заедници и семејствата со ниски приходи.

„Зајакнувањето на патронажната служба претставува стратешка инвестиција во превентивна и правична здравствена заштита. Тоа бара постојани инвестиции во обновување и задржување на кадарот, постојан професионален развој, стандарди за квалитет, современи алатки и опрема, како и поефикасни пристапи за препознавање и приоритизирање на најранливите семејства. Посилна патронажна служба ќе им овозможи на медицинските сестри да стигнат до оние на кои поддршката им е најпотребна, да придонесат за подобри исходи за децата и семејствата и да изградат поздрави и поотпорни заедници“, додаваат од УНИЦЕФ.

Патронажната дејност во Македонија постои од 1962 година, а во 1989 година е трансформирана во Поливалентна патронажна служба (ППС), со задача да го опфати целото население во локалната заедница. Анализата на Институтот за јавно здравје покажува дека патронажната служба во Македонија се соочува со сериозен недостиг на кадар, недоволна опременост и ограничен опфат на услугите. Иако службата функционира во сите 80 општини, во 2023 година во неа биле ангажирани 258 патронажни сестри, додека според утврдените нормативи би биле потребни околу 400. Дополнителен проблем е што патронажните сестри често се прераспределуваат во други служби, што според анализата е и главната причина за напуштање на оваа служба.

Патронажната сестра, Мирјана Трајановска исто така има направено сопствена анализа на патронажната служба во Македонија како семинарска работа за своите студии на Медицинскиот факултет во Скопје. Главната причина за намалувањето е пензионирањето на искусните сестри, но проблемот е што на нивните места не се вработуваат и не се обучуваат доволно нови кадри.

„Податоците од април 2022 година покажуваат дека бројот на патронажни сестри во државата паднал од 353 на 267, односно за 86 сестри. Од вкупно 267, 20 биле ангажирани со договор. Во Скопје бројот паднал од 88 на 62 сестри, иако бројот на жители, особено на млади семејства, расте. Тоа дополнително ја отежнува достапноста на патронажната услуга. Во скопските центри особено се гледа падот: Ѓорче Петров 19 на 12, Кисела Вода 22 останаа 11, Чаир 17 се 10, додека Гази Баба останува на 18, а Центар се намалува од 12 на 11“, се наведува во нејзиниот извештај.

Освен недостигот од кадар, таа додава дека постои и недостаток на работен простор, возила и материјални средства за теренска работа. Порачува итно да се вработат млади стручни кадри и да се обнови патронажната служба. Предлага и континуирани обуки и едукации, мотивирање и професионално усовршување на кадарот, зголемување на теренскиот додаток, како и поголема промоција на значењето на патронажната дејност.

Министерството ја признава потребата од нов кадар, но без конкретен рок

Од Министерството за здравство велат дека се свесни за предизвиците поврзани со кадровската структура во патронажната служба, особено имајќи ја предвид возраста на постојниот кадар и потребата од негово постепено обновување.

„Во рамки на процесите за планирање на човечките ресурси во здравството, Министерството во соработка со јавните здравствени установи и останатите надлежни институции ги анализира потребите за доекипирање на службата. Приоритет е обезбедување континуитет и достапност на патронажните услуги на целата територија на државата, согласно расположливите финансиски средства и кадровските планови. Спроведувањето на нови вработувања во јавниот здравствен сектор зависи од повеќе фактори, меѓу кои кадровските планови на јавните здравствени установи, обезбедените финансиски средства, согласностите согласно законската процедура и утврдените приоритети на здравствениот систем“, велат оттаму.

Додаваат дека ги разгледуваат потребите за нови вработувања кои ги доставуваат здравствените установи. Од Министерството за здравство велат дека ја препознаваат потребата од обновување на кадарот во патронажната служба како дел од пошироката политика за развој на човечките ресурси во здравството и оти ќе продолжи со соработка со образовните институции за промоција на патронажната дејност како значајна професионална определба.

„Поддршката на мајките, новороденчињата и семејствата претставува една од стратешките определби на Владата и Министерството за здравство. Патронажната служба има клучна улога во обезбедувањето континуирана здравствена грижа во заедницата, особено во првите денови по раѓањето, преку здравствено советување, промоција на доењето, следење на растот и развојот на новороденчето и рано препознавање на ризиците. Министерството е свесно дека постојат кадровски предизвици кои се акумулирани во подолг временски период и не можат да се надминат преку единечни мерки. Затоа, зајакнувањето на примарната здравствена заштита, вклучително и патронажната служба, претставува еден од приоритетите во реформските процеси во здравството“, додаваат од Министерство.

Додека се бараат решенија, Мирјана, партонажната сестра од Ѓорче Петров, вели дека сепак си ја сака професијата, оти им се потребни на мајките и бебињата на терен и порачува дека затоа оваа служба треба да продолжи да постои и да се надгради.

Авторка: Сања Јачевска

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за жени новинарки на ПИНА
ПИНА
Privacy Overview

This website uses cookies so that we can provide you with the best user experience possible. Cookie information is stored in your browser and performs functions such as recognising you when you return to our website and helping our team to understand which sections of the website you find most interesting and useful.