Забележително e зголемување во текот на периодот на пандемијата во поплаките за семејно насилство што МВР ги има добиено во текот на 2020-та година, каде што има 563 случаи повеќе од претходната година. Најголем број жртви кои се пожалиле се жени, велат податоците.
Семејното насилство за време на КОВИД-19 опишан од Обединетите нации како „пандемија во сенка“ на глобално ниво има најмалку 20 проценти зголемување за време на пандемијата.
Ваквите показатели не ја заобиколуваат ниту нашата земја, а за тоа говорат податоците кои ги добивме од Министерството за внатрешни работи за статистиката на регистрирани кривични дела поврзани со семејното насилство.
Според податоците што ги добивме од Министерството за внатрешни работи, во однос на сторени кривични дела каде има жртви на семејно насилство, во 2019 година вкупно биле 989 кривични дела евидентирани каде има жртви на семејно насилство, додека во 2020-та година имаме вкупно 992 такви.
Забележан кај некои од кривичните дела и тоа: обид за убиство, дела преку кои жртвите имале телесни повреди и сериозни телесни повреди, случаи на принуда, како и случаи на лишување од слобода во незаконска форма.
Зголемување има и во однос на прекршоците каде има жртви на семејно насилство, во 2020 година за време на пандемијата има зголемување од 3,34 проценти на прекршувања во споредба со 2019 година.
Забележително e зголемувањето во текот на периодот на пандемијата во поплаките што МВР ги има добиено во текот на 2020 година, каде што има 563 случаи повеќе од претходната година. Најголем број жртви кои се пожалиле во 2020 година се жени (2519 жртви).
Алили: Семејното насилство е поизразено во руралните средини и кај маргинализираните групи
Антигона Алили е активист и експерт за родови прашања и вели дека семејното насилство е повеќе изразено во руралните средини и кај маргинализираните групи и потешко е да се пристапи кон постапување.
‚‚Во текот на 2020 во период на тотален карантин кога беше задолжително останување во домот беше отежнат процесот на пријавување од страна на жените жртви затоа што цело време биле до и со насилникот и кај нив владеело страв, немоќ и контрола и покрај него не успевале да најдат простор за да се јават и пријават‘‘.
Таа нагласува дека треба да се пронајдат начини како институциите да се сензибилизираат во однос на прашањето на семејно насилство преку обуки на национално и меѓународно ниво што ќе придонесат до зголемување на нивното знаење и начин на постапување.
‚‚Проблем е и менување на членови на тимови формирани што постапуваат по институции. Мислам дека треба да се формираат тимови во секоја од институциите и да се обучуваат членовите на тие тимови и да не се менуваат секоја година, за да има одржливост на обуките, да се спречи двојна виктимизација и на овој начин да се подобри системот на заштита кој треба да се води исклучиво според пропишани закон и правила и меѓународни акти‘‘, додава таа.
Зголемени и барањата за психолошка поддршка
Фросина Ивановска е психолог и активист и вели дека периодов немало зголемување на бројот на жени кои пријавиле или барале помош за справување од насилните реакции, но имало зголемување на барањата за психолошка поддршка поради влошено ментално здравје и наведува дека една од причините за непријавувањето на насилство е ниската доверба во институциите.
‚‚Постојат многу примери каде заштитата е соодветна и навремена и со почит кон личноста и достоинството на жената низ целиот процес, но за жал сеуште има и многу примери кога институциите не знаат да направат соодветна проценка за потребите на жената и ризикот од насилството по нејзиното психичко и физичко здравје и согласно на тоа да предлагаат мерки и да прават интервенции, туку работат шаблонски и се оптеретени со административна работа и под притисок предметот што поскоро да си го затворат. Ние сеуште не можеме да стигнеме до потребното ниво на униформни практики при постапувањето на институциите низ целата земја‘‘.
Таа додава дека и пред пандемијата многу жени кои трпат насилство се затворени дома и немаат можност да дојдат до информации, ниту пак да се обратат на безбеден и доверлив начин до институциите или до некоја организација.
‚‚ Кај нас се уште и после една година од почетокот на пандемијата не се појавија иницијативи за споделување на информации на пример преку маркетите и аптеките и овие места каде евентуално некоја жена може слободно да оди, да има развиени лозинки или механизми и да може да алармираат дека нешто им се случува и брзо и едноставно да им биде обезедена помош. Дополнително и самите институции не се прилагодуваат лесно и соодветно на ограничувањата кои пандемијата ги налага, па се уште понедостапни и понефикасни во пружањето на заштита‘‘.
Ивановска наведува дека жените на почетокот имаат потреба од многу информации и многу поддршка за да се одлучат на чекор да пријават и да започнат постапки за сопствена заштита и на некаков начин санкционирање на сторителот.
‚‚ Покрај континуираната психолошка поддршка и поддршката од социјален работник во поглед на контактот со институциите и остварување на различните правата, имаат потреба и од сериозна правна помош, особено околу застапување во постапките, но и кога има сериозни пропусти во постапувањето на институциите. Некои од нив имаат потреба од привремен престој, поради безбедносни причини или едноставно поради тоа што остануваат без живеалиште, немаат поддршка од семејството и не се финасиски моќни самостојно да го покриваат овој животен трошок. За други пак е добредојдена и поддршката околу вработување, односно различни видови на кариерно советување, доквалификување и сл. за да дојдат до работно место, или подобро работно место. Имаат потреба и од поддршка околу грижа за децата низ целиот процес, каде сега е дополнително отежнато поради намалениот број на места во градинките или поради онлајн наставата и оттука сеуште не се обрнува внимание на овој дел‘‘, додава Ивановска.
Блерим Салихи, Кристијан Трајчов
Овој текст е продукт од проектот “Young Journalists’ Network” имплементиран од Демокраси Лаб. Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.