Агон Укшини од Куманово, родител на две деца, вели дека е погоден од недостигот на доволно места во детските градинки во градот. Тоа, вели, им го отежнува животот на родителите како него и ги принудува да бараат други решенија.
„Потребата од градинки е елементарна, бидејќи покрај тоа што им помагаат на децата да се развиваат, тие се и од голема помош за родителите. Во повеќето случаи, двајцата родители работат истовремено, а недостигот на градинки го отежнува згрижувањето на децата. Родителите мора да ангажираат лични дадилки или други членови од семејството да се грижат за децата. Така, недостатокот на градинки директно влијае на домашната економија на младите парови“, вели тој.
Укшини додава дека ветувањето на локалните власти за отворање нова градинка во населбата Бајрам Шабани останува само на зборови. Сличен е случајот и со изградбата на градинка во населбата Тоде Мендол.
Неисполнети ветувања на локалните власти
Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, во текот на два изборни циклуса вети дека ќе изгради нова градинка во населбата „Бајрам Шабани“. Но, ова ветување остана само на зборови, бидејќи до ден денес во оваа населба во Куманово сè уште нема градинка.
Да биде проблемот уште поголем, и во другите градинки во општината бројот на деца кои се згрижени е целосно исполнет. Родителите се жалат дека немаат каде да ги згрижат своите деца додека се на работа.
Во објектите на детската градинка „Ангел Шајче“ моментно се згрижени 1.700 деца од предучилишна возраст. Во Куманово годишно се раѓаат околу илјада деца, а поради недостиг на капацитети, голем дел од нив остануваат надвор од овие предучилишни установи. Според податоците, повеќе од 400 деца се на листите за чекање за прием во кумановските градинки.
Од друга страна, од Општина Куманово за ПИНА, велат дека општината има изготвено техничка документација за изградба на детска градинка во населбата Зелен рид. Сепак, сè уште не се обезбедени средства за реализација на тој проект.
Од Министерството за социјална политика, демографија и млади за ПИНА потврдија дека од општина Куманово е пристигнато барање за изградба на детска градинка во населбата Зелен Рид. Меѓутоа, од министерството велат дека таа не е прифатена поради непочитување на процедури.
„Апликацијата беше доставена по истекот на рокот предвиден со јавниот повик, поради што таа не беше рангирана и вклучена во Програмата за капитални инвестиции за 2026 година. Во рамки на апликацијата е доставен основен проект. Во однос на имотно-правните односи, утврдено е дека парцелата на која е предвидена изградбата, согласно имотниот лист, е во сопственост на Република Северна Македонија. За да може проектот да биде прифатлив, неопходно е парцелата да биде во сопственост на Општина Куманово или да биде дадена на трајно користење на општината”, соопштија од министерството.
Од таму додаваат дека министерството во континуитет апелира до општините, кои имаат потреба од зголемување на капацитетите за предучилишни установи и детски градинки, да аплицираат на јавните повици и оти се отворени за поддршка, советување и соработка околу прибирањето на потребните документи за аплицирање.
Потреба од градинки и во околните села
Недостатокот на градинки, покрај во градските населби, се чувствува и во селата околу Куманово како што се Романовце, Лопате и Черкези. Бројот на деца во овие села е доста голем, а потребата од градинки е неопходна за младите родители да можат да работат.
Процените се дека, за целосно да се задоволат потребите на граѓаните во Куманово, би требало да се изградат уште две до три градинки. Значаен е и интересот на родителите за згрижување и на училишни деца бидејќи детските градинки можат да обезбедуваат престој и исхрана и за деца над шест години, односно од поаѓање во училиште до десет години.
За споредба, просечниот број на деца запишани во градинка од три години до возраста кога започнува задолжителното образование во ЕУ е 92 проценти, додека во Северна Македонија изнесува само 39 проценти.
Автор: Зенел Мифтари
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА





