Многу непознати за стабилизација на цените на становите

0
162
Фото: Pina.mk

Цената на становите во поатрактивните населби во Скопје, како Центар, Карпош, Тафталиџе, Козле е премногу висока за македонските плати и за македонскиот стандард. Старите станови во овие населби се огласени за продажба по цена од 1.200 до 1.500 евра за метар квадртен, а новите надминуваат и 2.000 евра. За нијанса поевтино по метар квадратен се огласени станови во подалечните населби од центарот на градот како Хиподром, Маџари, Ченто, Ѓорче Петров иако и таму цената се движи од 1.200 до 1.300 евра за метар квадратен за нов стан, старите станови сопствениците ги продаваат од 800 до 900 евра.

„Никогаш во историјата се нема случено ова, за само три години цените на становите се зголемија речиси двојно, има ли некоја регулација во оваа држава, ќе се потруди ли некој да направи регулатива по која цена ќе се продава метар квадратен, даноците се непроменети, а цените на становите дигнати до плафон. Кој може овде со плата да си купи стан?“, прашува скопјанката Весна Антевска.

Колку за споредба, цената на становите во центарот на Солун е под 1.000 евра за метар квадратен, па голем број од Македонците инвестицијата ја насочуваат во соседна Грција, но оние на кои што им е потребен сопствен дом се одлучуваат за инвестиција дома иако како што велат цените се како за станови во западните земји, а не за македонски стандард.

„Веќе неколку месеци се обидувам да најдам стан по разумна цена, и само ги прелистувам огласите, но тоа е невозможно да се најде. Платите не одговараат со тоа што го нудат огласувачите, ниту еден работник со просечна македонска плата не може да купи стан во Скопје, по овие цени како што се сега“, вели за ПИНА Ана Н. од Скопје.

Цената на становите ја одредуваат повеќе фактори

Претседателот на здружение на Градежништво при Стопанска Комора, Андреа Серафимовски за ПИНА.мк вели дека пазарната вредност на становите е резултат од сложен однос помеѓу понудата и побарувачката, како и од локацијата и квалитетот на изградбата.

„Во последните години, забележан е раст на цените на становите, особено во градовите како Скопје и Охрид, каде што има голема потреба за станови поради урбанизацијата и растот на популацијата,“ дополнува Серафимовски.

Според него, пред десет години купувањето на куќа и изградбата на сопствена куќа честопати се сметало за поевтино и поисплатливо во многу случаи поради различни фактори како што се ниските цени на земјиштето, ниските цени на градежни материјали, тесниот круг на избор на купување на градежни материјали и др.

„Со текот на времето, социо-економските и демографските промени, како и измените во пазарот на недвижности, ова правило го направи подложно на промени. Причините за оваа измена може да бидат и последица на нерамномерниот социо- економски развој во одредени делови“, дополнува претседателот на здружението.

Тој смета дека тоа што цените по метар квадратен варираат со голем дијапазон, се објаснува со различни фактори како што се локацијата на имотот, нивото на трансакциска активност во општината, квалитетот на градбата и условите за живот кои се нудат во становите.

„Моменталната состојба во Скопје покажува дека цените се движат помеѓу 1.000 до 2.500 евра по метар квадратен. Одредени компании внесуваат дополнителни стандарди во градежните проекти, што ги диктира максималните вредности на цените“, објаснува Серафимовски.

Смета дека краткорочно може да се очекува одредена стабилизација поради стабилноста на цените на материјалите, но долгорочно и перспективно, други фактори можат да имаат значителен удел во формирањето на цените на становите.

„Сепак, реалната вредност на цената на становите треба да биде предмет на дискусии, анализи, дебати, проценки кои бараат вклучување на многу аспекти и чинители“, додава Претседателот на здружение на градежништво.

Според податоците со кои располага Здружението за градежништво, а се официјално објавени од ДЗС, Серафимовски констатира дека во текот на 2023 година бројот на одобренија за градба е незначително зголемен за 0,05% во споредба со 2022 година што може да доведе до заклучок дека поради мораториумите кои се изготвуваа ова е само одложено дејство на долгото чекање.

Емилија Граматиков од „Новел недвижности“ вели дека становите никогаш не се продаваат по цена по која што се огласени, односно цената во купопродажните договори е пониска од таа на огласите.

Според неа, голем проблем во земјава е што нема регуларот за цените на недвижностите, па инвеститорите сами ја диктираат цената на пазарот по која ги продаваат становите.

„Сопствениците на постари станови, сами ја одредуваат цената од обично непроверени информации,“ вели Граматиков.

Нови станови се градат, старите зјаат празни

Од иницијативата „Борба за Влае“ како најголема грешка во Законот за Урбанистичко планирање го истакнуваат делот за програма за финансирање на изработка на плановите Член 40 став 3, затоа што практично секој може да биде финансиер и тоа според лични потреби и во договор со одговорниот за спроведување на постапката.

„Нова регулација со нова регулатива, но од парламент и локална самоуправа составени од одговорни и свесни поединци, а не партиски послушници. Новата регулатива да биде спроведлива и донесена преку реална јавна расправа и врз стручна основа со минимизирање на можности за злоупотреба при донесување и спроведување на плановите,“ сметаат од „Борба за Влае“.

Просечната цена на становите во Скопје надминува 1.800 евра за метар квадратен, но просечната плата според Државниот завод за статистика за месец јануари 2024 година изнесува 39.542 денари. Оттука на еден просечен Македонец потребни му се приближно дванаесет ипол години да ја штеди платата во целост, ниту денар да не потроши, да си купи стан од 50 метри квадратни, по цена за која што се продава денес.

Иако на секој чекор се гради, навидум изгледа дека потребата за нови станови не е толку голема. Според последниот попис на населението од 2021 година, секој трет стан зјае празен во главниот град, во Скопје има 213.000 станови од кои 43.000 се празни.

Според податоците на  Државниот завод за статистика, во првото тромесечје од оваа година биле издадени 974 одобренија за градење на станбени згради со вкупно 2.579 станови, од кои најголем процент се во главниот град. Податоците покажуваат дека во март се градат 1.013 станови во земјава, од кои повеќе од половина, односно 607 станови се во Скопје.

ДЗС објавува за одобренијата за градење, но за жал не ги објавува извештаите по која цена за метар кавдратен се продава станбената површина. Последниот извештај достапен на нивната страница е за 2019 година. Ниту Агенцијата за катастар и недвижности повеќе не ги прави извштаите од регистарот на цени и закупнини. Последниот објавен извештај е во 2020 година, но од таму не добивме одговор зошто повеќе не се достапни за јавноста овие извештаи каде што се гледа просечната цена за метар квадратен станбена површина.

Авторка: Ивана Крстеска Јаневска

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА