Почетна Анализи Градежништвото во Македонија меѓу рокови, ризик и гласна тишина за правата на...

Градежништвото во Македонија меѓу рокови, ризик и гласна тишина за правата на работниците

0
66
Фото: Сара Танаскоска, ПИНА

Над градот постојано се креваат нови згради, но под секој ископ тивко живее стравот на луѓето што ги градат.

„Потајно секогаш знаеш дека може да те затрупа земја. Само се надеваш дека нема да биде денес бидејќи кога ќе влезеш во длабок ископ, никогаш не си мирен. Земјата не предупредува. Само попушта“, сведочи за ПИНА, 53-годишниот Петре кој веќе две и пол децении работи како градежник.

Зад него се десетици градилишта, ископи и објекти низ Струга, Охрид па дури и далечната Италија. Вели дека во оваа професија стравот никогаш целосно не исчезнува, само луѓето со текот на времето учат да живеат со него.

Колку навистина се безбедни градилиштата јавноста се запраша после несреќата во населбата Кисела Вода во Скопје, во која загина градежен работник откако земјиште се урна врз работници за време на ископ.

Во последните години, Скопје постојано е огромен градежен фронт. Нови згради никнуваат меѓу куќи, покрај тесни улици и во густо населени населби. Со секој нов ископ, соседите слушаат багери и гледаат прашина, но ретко кој размислува што значи да се работи неколку метри под земја.

„Најопасни се ископите. Особено кога се брза. Ако теренот не е добро обезбеден, доволна е секунда за трагедија“, вели Петре.

Зад ваквите трагедии не стои само ризикот на професијата, туку и институционална негрижа, предупредуваат од Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање (СГИП).

Несреќите сè почести, а одговорноста нејасна

Во вакумот на институционални информации, од синдикатот велат дека е речиси невозможно навремено да се добие јасна слика за тоа што точно се случило на терен.

Претседателот на Синдикатот за градежништво, Иван Пешевски за ПИНА вели дека најголемиот проблем е недостигот на навремени и точни информации од институциите, поради што често за несреќите дознаваат преку медиуми или директно од работници на терен.

Синдикатот предупредува дека во државата не постои единствена и усогласена официјална статистика за повредите на работното место, што дополнително ја отежнува реалната проценка на состојбата во секторот. Бројот на несреќи останува висок, велат, а официјалната статистика често не ја отсликува реалната состојба на терен.

Иван Пешевски, Претседател на Синдикатот за градежништво | Фото: Приватна архива на Пешевски

„Од податоците на Синдикатот тоа се преку 200 повреди годишно од кои повреди со смртен исход во просек 20 годишно, а некогаш и повеќе. Како пример, за 2025 година кога беа 31, а според Државниот инспекторат за труд се 8 што е срамно и жално да се ненадлежни за сите дејности, па овие бројки согласно нивната евиденција се како да работите се подобриле, а всушност се многу влошени“, вели Пешевски.

Тој објаснува дека, согласно Законот за безбедност и здравје при работа, примарната одговорност за заштитата на работниците ја носи главниот изведувач, кој може да ангажира подизведувачи, но останува директно одговорен за секој работник на градилиштето.

Од друга страна, од Државниот инспекторат за труд велат дека градежништвото е една од дејностите што постојано е вклучена во инспекциските контроли токму поради високиот ризик од несреќи на работа.

Според податоците кои ни ги доставија, во рамки на инспекторатот има вкупно 46 инспектори за безбедност и здравје при работа распоредени во 30 подрачни единици низ државата. Надзорите, како што велат, се вршат редовно, вонредно и по пријави или известувања за несреќи на работа.

„Градежништвото е задолжително вклучено во месечните планови на инспекторите. Согласно реформската агенда, обврска ни е да се зголемат надзорите во градежништвото, но и согласно годишната програма за работа, зголемени се бројот на надзори во градежништво како ризична дејност каде најчесто се случуваат несреќи на работа“, стои во нивниот допис.

„Да се провери улогата на инспекциските служби и надзорот“

Сепак, Пешевски смета дека одговорноста во вакви случаи не треба да заврши само кај изведувачот, туку мора да се провери и улогата на инспекциските служби и надзорот на терен.

„Во последниот случај каде имаме жртва на градилиште во Кисела Вода, лично сметам дека покрај изведувачот, одговорност треба да се бара и во градежниот инспектор вработен во општината и во трудовиот инспектор кој бил задолжен за надзор на тоа градилиште (повеќе пати од истиот инспекторат казнуван е овој работодавач) како и од надзорот кој постојано треба да биде присутен во градежните активности“, вели Пешевски.

За несреќата во Кисела Вода, од инспекторатот велат дека веќе бил извршен увид и биле изготвени првични записници.

„Причина за несреќата е необезбедена колективна заштита на работниците од опасност од обрушување. Дадена е забрана за работа на градилиштето освен работата за отстранување на причината за забрана“, стои во нивниот одговор.

Пешевски посочува и дека инспекцискиот надзор е недоволен за обемот на градежната активност, особено во Скопје, каде што, како што вели, за цел град има само седум инспектори за безбедност и здравје при работа.

„Од нивната статистика ќе видиме илјадници надзори и контроли, а вкупно 7 инспектори за безбедност и здравје при работа има на територија на Град Скопје. Тоа кажува дека тотално недоволно се вршат контроли онака како што треба по книга. Секогаш се на терен по претходна претставка од Синдикатот или од самите вработени, но не видовме исход од ненајавени контроли и со што ги казниле тие несовесни работодавачи.“ додава Пешевски.

Според него, контролите најчесто се вршат по пријава или по веќе случена несреќа, наместо превентивно, а казните за работодавачите не се доволно сериозни за да влијаат на промена на праксата.

Пешевски додава дека најчестите причини за повреди се прекувремена и непријавена работа, недостиг на заштитна опрема и импровизации на градилиштата, каде што безбедноста, како што вели, сè уште се третира како трошок, а не како обврска.

„Работникот не смее да биде потрошен материјал“, предупредува, нагласувајќи дека човечкиот живот мора да биде над секој профит.

Од синдикатот порачуваат дека единствен начин да се спречат нови трагедии е постојан и строг надзор, заедно со вистинска примена на законите и санкции кои ќе имаат реален ефект на терен.

Авторка: Сара Танаскоска

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА
ПИНА
Privacy Overview

This website uses cookies so that we can provide you with the best user experience possible. Cookie information is stored in your browser and performs functions such as recognising you when you return to our website and helping our team to understand which sections of the website you find most interesting and useful.