Франција неодамна го доби најмладиот премиер во историјата кога Габриел Атал застана на чело на француската влада на 34-годишна возраст. Во меѓувреме, кај нас младите потешко добиваат шанса да станат политички застапници, а уште потешко лидери.
Според пратеничките листи поднесени до ДИК, на овогодинешните парламентарни избори ќе учествуваат шест кандидати на возраст од 18 години. Вкупно 10 кандидати се на возраст од 19 години, а 20 се на 20-годишна возраст. Со тоа, во старосната група 18-20 има 36 кандидати, што претставува 2 отсто од вкупно 1.775 кандидати на пратеничките листи.
Во старосната група 21-29 има вкупно 216 кандидати (12,2 отсто), а во групата од 30-35 години има 211 кандидати (11,9 отсто).
Од друга страна, на пратеничките листи има дури 221 кандидат (12,5 отсто) на возраст над 66 години, од кои 11 имаат над 80 години, а најстарите двајца кандидати имаат 88 години.
Најмногу кандидати на пратеничките листи – 398 кандидати (22,4 отсто) – се на возраст од 36-45 години.
На парламентарните избори во 2020 година, 19,17 отсто од кандидатите на изборните листи беа лица на возраст од 18 – 29 години, а по формирањето на владата во собранието имало само четворица пратеници на возраст под 30 години (3,33 отсто од пратениците), според анализа направена од Фондација за демократија на Вестминстер.
Од Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) за ПИНА.мк велат дека учеството на младите во политичките тела е од исклучителна важност за процесот на креирање на политиките кои се однесуваат на младите, а бидејќи креирањето на политиките претставува процес, важно е младите да бидат дел од него.
„Меѓутоа, не е доволно младите само да се дел од кандидатските листи колку да се задоволи критериумот за вклученост на процентот на млади, туку треба да се дел од целиот процес на креирање на одлуки и политики во кои младите ги идентификуваат своите потреби, бараат решенија, планираат и имплементираат активности и имаат можност да носат одлуки во своите заедници и општеството во целина,“ додаваат од НМСМ.
Од таму потенцираат дека „во низа изборни циклуси се соочуваме со млади кои се вклучени во крајните делови на листите кои скоро никогаш не добиваат шанса да бидат избрани, а доколку бидат, тие скоро и да не добиваат шанса да ги искажат ставовите на младите.“
Слабата вклученост на младите во политичкиот процес често доведува до креирање на погрешни политики за младите, сметаат од Институт за демократија ИДСЦС.
„Досегашниот приказ на младите низ политичките програми, но и општо во политичката сфера посочува дека младите се оние кон кои се насочени политиките, не и оние кои ги креираат. Ова ги позиционира младите во една пасивна позиција каде што само ги восприемаат политиките кои им ги наметнуваат лица кои можеби немаат перцепција за реалните проблеми со кои се соочуваат младите. Ова доведува до креирање на политики кои се надвор од реалните потреби и не решаваат никакви младински прашања,“ велат за ПИНА.мк од ИДСЦС.
Клучната улога во зголемувањето на вклученоста на младите во политичкиот процес се политичките подмладоци на партиите, сметаат од НМСМ и од ИДСЦС.
„Младинските подмладоци треба да ги охрабрат младите да веруваат дека политичкото учество не секогаш треба да има негативна конотација, туку напротив истото може да доведе до реални промени,“ посочуваат од ИДСЦС.
Од НМСМ додаваат дека за да се постигне напредок во однос на ова прашање потребно е организациско јакнење и осамостојување на политичките подмладоци во рамки на партиите, утврдување на механизми за нивно суштинско учество во партиските процеси и донесување на одлуки како и градење на политичка култура кај партиите за давање поддршка и доверба на младите при нивно позиционирање во институциите.
Она што е значајно во овој процес е структуриран начин на општествено младинско учество од една страна и доверба и можност од страна на политичките тела/институции. Тоа би водело кон подобрување на трендот за поголем број млади да се дел од функционерски позиции.
Авторка: Драгана Петрушевска
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА