Зачестени нападите кон новинарите, неказнивоста останува проблем

0
191

Годинава од страна на ЗНМ се регистрирани трипати повеќе напади кон новинари во однос на 2019 година. Загрижувачки е фактот што 13 напади се регистрирани за само седум месеци од 2020 година, во споредба кога во текот на целата 2019 година биле регистрирани четири напади. Од вкупно 13 вербални и физички напади во текот на првите седум месеци во 2020 година, осум се упатени кон жени новинари.

Дополнително загрижува фактот што во периодот на зачестените напади, паралелно се одвива и пандемијата предизвикана од ковид-19, која не ги поштеди новинарите и медиумските работници, туку напротив, тие својата работа ја извршуваат изложени на дополнителен ризик, но и со намалени и нередовни примања како последица на економската криза.

Предизборието поттикнува омраза и закани кон критичките новинари

Според новинарските здруженија нападите кон новинарите се зачестени во предизборни периоди кога тензиите во јавниот дискурс се зголемуваат, а токму од почетокот на годинава земјава речиси постојано беше во предизборен период, првично кога предвремените парламентарни избори беа најавени за 12 април, а подоцна и со преговорите за нивното одложување и конечно закажување за 15 јули.

„За нас на некој начин не е чудно зголемувањето на нападите врз новинарите и медиумските работници, затоа што тоа е својствено за предизборен период кога тензиите во јавниот дискурс се зголемуваат. Мора да споменеме дека најголем дел од регистрираните случаи се онлајн напади и закани, притоа голем дел од нив се насочени кон новинарки што особено загрижува“, вели Дарко Дуридански од Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ).

Сличен е ставот и на извршниот директор на Здружениeто на новинарите (ЗНМ), Драган Секуловски, кој вели дека има неколку фактори на кои се должи зголемениот број на напади и закани по животот на новинарите и медиумските работници, пред сè на социјалните мрежи.

„Прв фактор е неказнивноста од страна на институциите односно кога закани по животот на новинарите не се гони по службена должност, иако законот во некои делови тоа го дозволува, заканувачите се охрабруваат да го повторуваат делото. Втор фактор е агресивниот јавен дискурс на дел од политичките партии поттикнати од изборната кампања каде дел од нивните подржувачи упатуваат отворени закани кон критични новинари најчесто на социјални мрежи“, вели Секуловски.

Напад кон новинар да се третира како напад кон службено лице

ЗНМ и ССНМ сметаат дека податоците се загрижувачки и најавуваат дека ќе продолжат со иницијативата за овие напади да се третираат како напад на службено лице, а со цел заканувачите да се одвратат од намерите. Од 2017 годинa ЗНМ и ССНМ инсистираат на измени на Кривичниот закон каде за сериозни повреди на правата на новинарите како што се физички напади, но и закани по нивниот живот и животот на блиски членови на семејствата на новинарите ќе се третираат како кривични дела каде Основното јавно обвинителство ќе има обврска да постапи.

„Сметаме дека ова е можно решение, зошто има слична пракса во дел од некои земји во Европа а со ваков пристап државата ќе покаже дека декларативната заложба за обезбедување на безбедна средина за работа на новинарите ќе ја гарантира и со закон“, вели Секуловски од ЗНМ.

Лобирањето за остварување на оваа иницијатива, ССНМ и ЗНМ ќе ја продолжат и по формирањето на новите Влада и Собрание со цел за оваа измена на Кривичниот законик да се направи што е можно побрзо.

„Постојано напоменуваме дека институциите треба поревносно да си ја вршат својата работа кога се работи за напади врз новинари. Ние сметаме дека со оглед на тоа што новинарите и медиумските работници вршат дејност од јавен интерес, треба да имаат и повисоко ниво на заштита. Тоа значи напад врз новинар или медиумски работник да се смета за напад врз службено лице, односно институциите да мора да преземаат мерки по службена должност“, вели Дуридански од ССНМ.

Според него, иако тоа нема да биде апсолутна гаранција за намалување на бројот на напади или за прекин на неказнивоста, бидејќи повторно зависи од волјата на институциите, но самиот факт што институциите ќе мора да реагираат по службена должност претставува еден вид на обесхрабрување на потенцијалните напаѓачи и основа за намалување на неказнивоста којашто е основен предуслов за безбедноста на новинарите и медиумските работници.

Секуловски ги повика сите новинари и медиумски работници кога имаат закани истите да ги пријават до ЗНМ, но и до МВР со цел да се нотира истиот и да не се остави алиби на институциите да не постапат поради тоа што не е пријавен од страна на оштетениот.

Во текот на вчерашниот ден (29.07.2020), ЗНМ реагираше на два нови случаи на закани кон медиумски работници и активисти. Именувани профили на социјалната мрежа „Фејсбук“ на агресивен начин и навредлив начин се обраќаат кон новинарите нарекувајќи ги „северџани“, „балистички кучиња“ по што останати корисници во продолжение упатуваат закани и говор на омраза.

„Овој тип на агресивна реторика присутна на дел од профилите на социјалните медиуми, се засили во текот на изборната кампања, за што повеќе пати реагиравме, а продолжува и после предвремените парламентарни избори. Како новинарски организации укажуваме дека говорот на омраза и заканите по живот се кривични дела предвидени во Кривичниот законик, а надлежните институции пред се Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи (МВР) и Основното Јавно Обвинителство (ОЈО) во Скопје, треба итно да ги истражат и процесираат со цел да ги казнат оние кои го прекршуваат законот но и да превенираат евентуални дела предизвикани од омраза“, стои во реакцијата.

Функционерите да бидат потолерантни кон професионални критики

Од Здружението, вчера реагираа и апелираа и до јавните институции и до функционерите да имаат поголем степен на толеранција кога кон нив е упатена јавна критика за нивната работа, а притоа се исполнети професионалните стандарди на новинарската професија. Оваа реакција следуваше откако Агенцијата за филм, по втор пат, преку непотпишано соопштение јавно се пресметуваше со онајлн медиумите sdk.mk, mkd.mk и radiomof.mk.

„Лошата пракса која ја има Агенцијата за филм во начинот на комуникација со новинарите нема да се подобри ако јавно им се закануваат со кривични тужби за нивни претходни објави. Доколку одговорните лица од Агенцијата сметаат дека одредени медиумски содржини не се во согласност со Етичкиот кодекс на новинарите, можат да поднесат претставка до медиумските саморегулативни тела или да побараат исправка и демант. Јавна закана со кривичен прогон особено од институција која се финансира пред се од јавниот буџет, претставува сериозна форма на притисок кон новинари и медиуми која служи истите да ги дискредитира но и да се одвратат да се бават со теми кои се од делокругот на работата на Агенцијата“, велат од ЗНМ.

Автор: Ивана Настеска

Овој текст е продукт од проектот “Young Journalists’ Network” имплементиран од Демокраси Лаб. Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.