Осмо издание на „Прво па женско“

0
187

„Прво па женско“, фестивалот за феминистичка култура и акција, во оранизација на Tiiit! Inc, годинава по осми пат ќе се одржи на три локации во Скопје, и тоа во МКЦ на 17 и 18.08., на 20.08. низ улиците на Скопје и пред Мобилната монтажна галерија во Паркот на франкофонијата, и на 22 и 23.08. во Музејот на современа уметност. 

Оваа година фестивалот застанува цврсто зад аргументот: Жените се малцинство.  

Од Tiiit! Inc велат: “Ова политичко позиционирање има цел да го преиспита значењето на терминот малцинство, свесно одбегнувајќи ја неговата етно-национална, доминантна претпоставеност, и посочувајќи дека во перцепцијата на овој поим всушност многу поважни се релациите на моќ помеѓу општествените групи и доминацијата на едни врз други. Затоа сметаме дека прашањето за малцинствата е и феминистичко прашање.” 

И оваа година на Прво па женско ќе има изложби, акустични концерти, разговор што може(ше) да биде перформанс, младинска програма, мапирање на женското културно наследство, филмска програма, диџеј сетови и дискусии. Деталната програма ќе биде објавена наскоро.  

Дизајнот за овогодинешното „Прво па женско“ е дело на Тамара Забазноска. 

Таа е интердисциплинарна уметница и архитектка со прецизен и геометриски уметнички израз, претставен преку заедништвото на елементите кои сугерираат дека секоја идна акција е резултат на сите претходни.

За постерот на ППЖ8 таа вели: „Убавината е во храброста на движење на „каменот“, каде секој нов чекор обезбедува простор за промена. И колку и да е лавиринтот низ кој чекориме невозможен, ние како жени му даруваме цутење и развој, носејќи ја неговата тежина…“ 

На фестивалот ќе бидат спроведени мерки за здравствена заштита – бројот на публиката на секој дел од програмата ќе биде ограничен, задолжително носење на маски и постојана дезинфекција на раце.