За ПИНА

Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА е организација формирана од млади новинари, ентузијасти и професионалци која се залага за промоција и зајакнување на истражувачкото новинарство, медиумската писменост и професионалноста во медиумската средина во Македонија. Освен тоа, ПИНА се залага и за подобрување и унапредување на состојбата на жените новинарки во медиумите.

ПИНА основаше и води две новинарски програми – Програмата за мобилно новинарство и Програма за жени новинарки и активно работи на обуки и менторски процеси по мобилно новинарство и други медиумски теми. На pina.mk со медиумски содржини (видеа, анализи, стории) придонесуваат и учесниците во Програмата за жени новинарки, Програмата за мобилно новинарство како и Програмата за менторска поддршка на млади новинари на ПИНА.

Програмата за жени новинарки на ПИНА нуди два модули – за мобилно и мултимедијално новинарство во кои новинарките се стекнуваат со иновативни новинарски вештини и работат на значајни граѓански теми. Новинарките поминуваат низ менторски процес и работат на видеа и мултимедијални стории заедно со ментори и потоа сториите се објавуваат на pina.mk. Програмата за жени новинарки третира значајни теми како родовите прашања, човекови права, маргинализирани заедници, медиумска писменост итн. Програмата, исто така има цел да придонесе во развојот на кариерата на новинарките и нивниот пат кон уредничките и други лидерски позиции во медиумите.

Програмата за мобилно новинарство на ПИНА нуди тренинзи, менторски процес и пракса преку учење и практикување на мобилно новинарство и работа на разни новинарски стории преку мобилни видеа. Учесниците во Програмата работат на мобилни видеа кои потоа се објавуваат на pina.mk.

ПИНА ја формираше и Програмата за менторска поддршка на млади новинари преку која работиме на директно менторство и пракса со млади новинари кои работат на текстови и анализи на важни теми во општеството кои потоа се објавуваат на pina.mk.

ПИНА е активен партнер и во „Мрежата на млади новинари“, како и во други иницијативи кои придонесуваат за едукација на млади новинари и развој на медиумската писменост во земјата.

Визијата за нашата веб страница [pina.mk] е да прерасне во медиумска платформа каде нашите читатели, следачи и фанови ќе може да најдат квалитетни и професионални стории и новинарски анализи, интервјуа, како и поважни вести и мислења за значајните теми кои ги засегаат граѓаните.

Се надеваме дека ПИНА ќе внесе свежина и нова енергија во домашниот медиумски пејсаж со презентирање и промовирање на нови лица во медиумскиот дискурс, како и стории кои се игнорирани од мејнстрим медиумите во земјата. Нашата мисија е пред сѐ да ги најдеме сториите кои најмногу го оптоваруваат и отежнуваат секојдневието на граѓаните.

ПИНА како еден од своите главни продукти во ноември 2017-та го лансираше и Истражувачкиот филмски фестивал – Скопје, неколкудневен медиумски настан кој за прв пат се одржа во Македонија и регионот. Од 2021-ва година, фестивалот се ребрендираше во Медиумски Фестивал Скопје [mfs.mk]. Програмата на фестивалот е поделена во два сегменти, со филмови посветени на истражувачкото новинарство и други медиумски трендови, како и бројни дебати и говорници од Македонија, регионот, Европа и САД кои се фокусираат на разни актуелни теми од областа на новинарството и медиумите. Досега се одржаа пет изданија на фестивалот, а во подготовка е и следниот фестивал.