Загриженост за почетокот на наставата од септември, одлука уште нема

0
223

И покрај најавите дека денеска ќе се знае планот за почетокот на новата учебна година, Министерството за образование и наука повторно не донесе јасна одлука што се планира за наставата од септември. Родителите и наставниците пак, загрижено ги следат случувањата и чекаат решенија за образованието, во време кога бројките со нови случаи на Ковид 19 во земјата се уште се високи.

„Не сум задоволна од онлајн наставата досега, но страв ми е да го пуштам детето на настава со физичко присуство“, гласи еден од коментарите на креираната Фејсбук група  „Иницијатива на родители за учебната 2020/21“, каде што родителите разменуваат мислења, бараат решенија, а воглавно го изразуваат незадоволството од доцната реакција на МОН за начинот на одржување на наставата од септември.

На дваесетина дена од првото училишно ѕвонче неизвесно е како ќе се одржува наставата за учениците од основните и средните училишта. Утре продолжува средбата на претставниците на МОН со претставници на Комисијата за заразни болести, откако денеска не се донеле заклучоци.

Во јавноста пак, мислењата се поделени, а заедничко за сите е дека постои загриженост – од една страна системот повторно не се подготви за квалитетна онлајн настава, од друга страна пак наставата со присуство носи јасни ризици.

„Безбедно ли е да се зборува за настава со физичко присуство кога бројките на новозаразени со КОВИД-19 не стивнуваат? Кој ќе биде виновен и кој ќе сноси одговорност доколку некој се зарази ако се донесе одлука за настава со физичко присуство?“ – се прашуваат родителите.

По само неколкудневна настава, дел од училиштата во други земји кои се одлучија за настава со физичко присуство и ги отворија вратите за учениците беа принудени да ги вратат децата назад во своите домови откако се појавија повеќе случаи на корона вирус.

Досега МОН излезе со неколку модели како можни решенија за настава, едно од сценаријата е часовите во основните училишта да траат секој по 20 минути, а во средните по 25, но и овде родителите го изразија незадоволството, тргнувајќи од тоа, што е со децата чии родители се на работа и нема кој да ги зема/носи на училиште?!

За овој модел со скратени часови професорката во средно училиште, Данијела Ѓорѓевик вели дека на овој начин ќе има помалку деца во една училна, но фреквенцијата на наставниците ќе биде поголема. За два часа во училната ќе треба да влезат шест наставника и да застанат на една иста катедра.

Час од 20 минути може да се изведе инцидентно, еднаш или двапати годишно, но секојдневно тоа нема да има никаков ефект, а е небезбедно – истакнува професорката, и според неа за 17 ученици (пола паралелка), според протоколите, требаат училни од 68 квадратни метри, плус катедра. „Нашите училни не се толкави“, потенцира проф. Данијела.

„Пред неколку години се намали техничкиот персонал во училиштата, што значи дека и прашањето околу хигиената е под знак на прашање, а покрај тоа се’ уште има училишта каде ученици користат полско веце/надворешен тоалет“, додава таа.

Незадоволство и од онлајн наставата во изминативе месеци

Според истражувањето направено од Првата детска амбасада Меѓаши, резултати од анкетата покажуваат дека ставот и перцепциите на речиси половина или 47, 3 % од испитаниците е дека досегашната онлајн или наставата од далечина само делумно ги задоволила потребите на учениците. За речиси приближно исто доста висок процент на испитаници – 43, 6 % овој метод на настава воопшто не ги задоволил потребите на учениците.

„Дали оваа држава е спремна да одговори на било кој предизвик – посетување настава со строги протоколи или онлајн учење на строго утврден начин, кое патем не е само прикачен материјал на Google classroom. Јас како родител не прифаќам такво онлајн учење, затоа што видовме дека тоа беше се’ освен учење. Заклучокот ми се сведува на тоа дека МОН не знае на која страна тера и нормално е и што секој ден кај нас родителите се јавуваат нови барања и мислења“, вели Марија Т. мајка на два ученика.

,,Уште од март не бомбардираат со информации дека следи втор бран во септември. Доктор чие мислење се валоризира еден ден вели – допрва ќе го плаќаме цехот од журките во Градиште, а веќе наредниот кажува дека е време учениците да се вратат во клупите, па повторно дава изјави дека наесен бранот може да биде многу јак. На сите ние јасно дека стариот начин на учење ќе не направи сите среќни , но дали е време сега да се спроведува тој начин?, потенцира Марија,  додавајќи дека нејзините деца учат во едно од најголемите училишта во Македонија, каде наставата се одвива во три смени.

,,За цели 4/5 училници на сите градоначалници досега им беше проблем да се доградат и да се спаси школото од голготата“, раскажува таа, па прашува како сега да очекува од истите тие луѓе дека ќе обезбедат доволно кадар кој ќе чисти и дезинфицира, кадар кој ќе внимава на протоколите, во одделение со 34 ученика, во мала просторија.

„Каде што се малку деца и може да се одржува дистанца, нека повелат со протоколи, во нашето училиште е невозможно и не може да се стави во исти кош со школи кои имаат по 10 деца во одделение. Нека берат памет за евентуална онлајн настава, на која платформа ќе се работи, дали повторно како последниве месеци само ќе се даваат домажни до недоглед без да се чујат гласовите на наставниците“ – вели оваа мајка во неверување дека сите можни сценарија се дебатираат на 10-ти август, “цели“ три недели пред стартот на наставата.

Едно од главните прашања кое го потенцираат и родителите и наставниците е -дали МОН немаше доволно време досега да осмисли соодветен и безбеден начин како би се одржувала наставата, а да не биде тоа дваесетина дена пред први септември? Дали досега можеше да се создаде добра и квалитетна стратегија и визија за онлајн настава?

Данијела Ѓорѓевиќ – професор во С.У.Г.С. „Георги Димитров“– Скопје вели дека секако одговорните и оние кои носат одлуки во МОН имале време да се подготват.

– Но, ми се чини одговорните биле позафатени со, за нив, поважни работи, со избори можеби. Уште во март беше јасно дека состојбава ќе трае подолго отколку што очекувавме. Мене, како на лаик и обичен граѓанин ми беше јасно уште со првиот случај на заболен дека училиштата ќе се затворат, а наскоро и дека годината ќе ја завршиме со работа од дома. Како одговорните, кои секако имале повеќе информации, истото не го предвиделе и не се подготвиле за повеќе можни сценарија? Но ете, епидемијата је дочекавме во таа мерка неподготвени, особено здравствениот и образовниот систем, вели професорката.

Слично размислува и Марија Т. родител на ученици во осмо и во трето одделение.

-Државата требаше малку поодамна да не информира за тоа какви се конкретните планови во однос на донесување на одлуката за начинот на споведување на наставата. Вака се остави простор за манипулација со информации и уште поголем простор за разидување на мислења. Факт е дека на секоја единка не може да и се удоволи, но МОН требаше да излезе со кристално чист став, кој понатаму ќе создадеше кај нас родителите конкретно гледиште дали сме за или против одреден тип на учење. За 20 дена кај нас во државата не може еден тревник да се искоси а не пак да се спроведе некаков протокол и да се обезбедат услови за децата да учат со физичко присуство, вели Марија.

Додека се чекаат одлуките на надлежните, родителите веќе онлајн се организираат за да бараат онлајн настава за следната учебна година. На Фејсбук е формирана групата ,, Поддршка за онлајн настава во учебната 2020/2021 година“, која брои преку осум илјади членови.

Автор: Љубица Иванова

Овој текст е продукт од проектот “Young Journalists’ Network” имплементиран од Демокраси Лаб. Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.