Зголемување на едукацијата и информираноста за подобро женско здравје

0
63

Грижата за репродуктивното и сексуалното здравје кај жените, а со тоа и едукација на младите се важни во понатамошното намалување на сите болести поврзани со женското здравје. Но, податоците од спроведени анкети од Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО), покажуваат дека во дури 56% од општините во Македонија речиси и да не постои заштита  на репродуктивното и сексуалното здравје на девојките и жените, бидејќи или нема матични гинеколози, или тие не се во доволен број.

Во меѓувреме, податоците покажуваат дека повеќе од 30% од жените не го посетиле својот матичен гинеколог подолго од три години, а дури 25% немаат избрано матичен гинеколог, објаснува за ПИНА професорот Глигор Тофоски кој исто така е и претседател на МАГО.

Тој напомена дека тоа е така, делумно заради тоа што во општините во кои живеат немаат достапен матичен гинеколог, или истиот заминал во пензија или починал и од тогаш не побарале нов. Но, Тофоски додава дека тоа е делумно и поради стравот, незаинтересираноста и неинформираноста за значењето на редовните гинеколошки прегледи.

Глигор Тофоски

„Во насока на ниската свест на жените за нивното репродуктивното и сексуалното здравје  се и анализите од имплементираната годишна превентивна програма за скрининг на рак на грлото на матката од страна на Министерството за здравство, на која скоро секоја година околу 40% од жените добиваат покана да направат бесплатен ПАП тест, но тие не се јавуваат на преглед. Во оваа насока, потребни се дополнителни бројни анализи, детекција на недостатоците во здравствениот систем, активности, како и дискусии. Женското здравје треба да биде наш најголем заеднички императив, бидејќи грижата за здравјето на жената значи грижа за себе“, објаснува Тофоски.

Професорот додава дека фокус треба да се стави и на зголемување на пристапот до гинеколошки, но и акушерски услуги на целата територија во земјава бидејќи во моментов географската локација на матичните гинеколози само во урбаните подрачја, го зголемува јазот во пристапот до здравствените услуги.

Освен тоа, тој истакнува дека треба да се зголеми и бројот на јавни здравствени кампањи со цел да се зголеми свеста, но и да се придвижат целните групи на акција и грижа за своето здравје.

Според извештајот на службите за здравствена заштита на мајки и деца,  минатата година регистрирани се вкупно 20 живородени деца од мајки под 15 години, како и 791 живородени и 5 мртвородени деца на мајки од 15 до 29 година.

Стапката на бременост на девојките на возраст од 15 до 19 години во 2021 година изнесува 15.4% на 1000 девојки. Истовремено, стапката на раѓање кај оваа возрасна група изнесува 14.1 на 1000 раѓања. Изразено во проценти како дел од вкупните раѓања, адолесцентната бременост опфаќа 4.2%, и бележи благ пад во однос на 2020 година – 4.9%.

Вкупниот број на абортуси на адолесцентна возраст пријавени во Центрите за јавно здравје во 2021 година изнесувал 3.168, додека 78 или 2.4% се кај девојки на возраст под 20 години, а најголем дел или 62.4% се кај жени на возраст од 21 до 34 години.

„Податоците се загрижувачки, но верувам дека заеднички, преку вас, новинарите како примарен гласник, но и преку здравствените работници и владините политики, можеме да направиме многу за унапредување на репродуктивното и сексуалното здравје кај секоја девојка и жена во нашата држава“, смета Тофоски.

Тој ја нагласи потребата од воведување сеопфатно сексуално образование во средните училишта бидејќи неинформираноста на адолесцентите, како што вели, ја става во ризик сета нивна репродуктивна иднина и ја загрозува нивната плодност.

„Важно е да се обезбеди пристап до модерни контрацептивни методи кои би биле финансиски покриени од националниот здравствен систем, особено за младите кои се со ограничен буџет, како и за ранливите категории на луѓе. Треба да се изготви веб-страна со цел да се обезбеди лесен пристап до точни, лесно разбирливи и практични информации за трошоците и достапните контрацептивни методи во нашата држава“, дециден е Тофоски.

Во меѓувреме, податоците на МАГО покажуваат и дека околу 20% од учениците сметаат дека кондомот може да помогне само во спречување на бременост, но не и во спречување на било која сексуално пренослива инфекција, но и дека само 15% од учениците практикуваат безбеден сексуален однос и редовно користат кондом.

Едукација на младите за сексуалното образование за подобрување на состојбата

Преку пристапот до информации и услуги за сексуалното и репродуктивното здравје, младите се стекнуваат со знаења и информации како да го заштитат сопственото здравје, велат од скопската канцеларија на Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) за ПИНА.

„Сексуалното образование е многу важно бидејќи има за цел да им овозможи на младите знаења, вештини, ставови и вредности кои ќе ги поттикнат да го унапредат своето здравје, благосостојба и достоинство, да развиваат врски базирани на почит, да размислат како нивниот избор влијае на нивната и благосостојбата на другите, да ги почитуваат различностите, да промовираат ненасилство и да знаат како да ги заштитат своите права во текот на целиот живот“, објаснуваат од УНФПА.

Според организацијата на Обединетите нации, со тоа, младите добиваат и информации кои се важни во процесот на созревање, со тоа што се стекнуваат со знаења за препознавање елементи на насилство во врските, како да препознаат злоупотреба, но и да се охрабрат да побараат помош и поддршка.

Истовремено, од УНФПА сметаат дека при процесот на едукација, а особено за женското здравје, исклучително важна улога имаат и родителите и старателите, но и сите кои работат со младите низ воспитно-образовниот процес.

„Сите главни чинители и засегнати страни треба да се вклучени во процесот на планирање, развивање и спроведување на процесот на образование, имајќи ги предвид и разликите меѓу младите, како на пример нивната возраст, културолошки карактеристики, попреченост и слично. Важно е родителите да застанат во поддршка на овој процес, да разберат дека овој тип на образование одговара на потребите и прашањата кои ги мачат различните групи млади, дека содржината е адаптирана на возраста и дека на овој начин на младите им се овозможува достапност и пристапност до информации на кои може да им веруваат“, објаснуваат од УНФПА.

Интересот за рутински гинеколошки прегледи кај адолесцентите од 15 до 24 години, како и кај младите сексуално активни жени до 30 години е слаб, велат од УНФПА. Ваквата состојба била забележана откако Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари годинава преку мобилни гинеколошки амбуланти нуделе услуги на девојките и жените од тешко пристапните места и областите недоволно покриени со ваков тип на услуги.

Според УНФПА, тоа може да сугерира дека сексуалното и репродуктивното здравје се уште е табу тема во земјава.

„Загрижувачки е и тоа што со вакцината против хуман папилома вирус (ХПВ) имаме најмал опфат од сите вакцини вклучени во Календарот за вакцинација на Република Северна Македонија, а истовремено најчестата сексуално пренослива инфекција кај сексуално активните адолесценти на возраст од 15 до 24 години е токму инфекцијата со ХПВ. Училиштето е клучно за развојот и информирањето на младите, а со тоа и вистинското место каде тие треба да научат како да се грижат за своето здравје“, истакнаа тие.

Интересот кај младите за користење на услугите за сексуално и репродуктивно здравје е зголемен во последните неколку години, велат од Aсоцијација за здравствена едукација и истражување „ХЕРА“ за ПИНА.

Но, во меѓувреме, оттаму додаваат дека наспроти зголемениот интерес и довербата која ја имаат стекнато младите за користење на услугите во нивните младински центри, се` поголем број од фондовите на државата наменети за функционирање на овие бесплатни сервиси се намалуваат.

„Ова се случува во континуитет веќе неколку години, и покрај бројните укажувања дека намалениот капацитет на ваквите сервиси ги загрозува сите ранливи категории граѓани, вклучително и младите. Ова придонесува повторно, и за намалување на информираноста, знаењата и навиките на младите редовно да се грижат за своето здравје“, потенцираат од ХЕРА.

Во однос на стереотипите и информираноста, вклучувајќи ги и абортусите во земјава, од ХЕРА велат дека нивните едукатори по сеопфатно сексуално образование се среќаваат со различни степени на информираност на оваа тема. Истовремено, според нив, генералното предзнаење најчесто има и доза на сомнеж и колебање во здравствениот систем.

„Најчесто слушаме за бројните нелегални абортуси кои, за жал, се уште се многу честа појава затоа што младите, особено оние израснати во рурални средини, се генерално неинформирани за правото на избор кое го имаат ниту, пак, знаат за безбедните и легални методи кои се достапни во државата. Низ поголемите градови сликата е малку подобра во тој однос бидејќи и присуството на здруженијата е поголемо, а точните информации се подостапни“, додаваат тие.

Од асоцијацијата се децидни дека општеството го има доведено односот на младите кон женското здравје до „многу длабоко ниво“. Според нив, последица на тоа е што тие теми јавно се отворија пред скоро време и дел од младите сè уште собираат храброст јавно да ги дискутираат.

„Колку послободно пристапуваме кон женското здравје, толку поотворени ќе се и младите – корисници на овие услуги да пристапат кон она што им е потребно, односно, преглед, консултација, совет или одговор на некое прашање. Нормализирањето на користењето вакви услуги ќе се воспостави заедно со јавните разговори на темата“, истакнуваат од ХЕРА.

Автор: Кристијан Трајчов