Земјоделките сѐ уште немаат право на платено породилно отсуство – потребно системско решение

0
155

Спонтани абортуси, предвремени породувања и здравствени проблеми кај децата се секојдневие на земјоделките во Македонија кои немаат право на платено породилно отсуство, покажува истражувањето на Коалиција Маргини  „Индивидуалните земјоделци и нивните права“.

Истражувањето спроведено на 100 земјоделки на возраст 20-45 години, утврдило дека на 36 од нив им била дијагностицирана патолошка бременост уште во првото тримесечје од бременоста, но, заради обезбедување приход, продолжиле со земјоделските активности.

Од нив, 22 вршеле полесни земјоделски активности до самиот датум на породувањето. Од испитаничките 14 пак изјавиле дека како последица на физичката активност, имале несакан абортус, а кај 12 од нив е евидентирано предвремено породување.

Согласно постоечките законски решенија, жените регистрирани како индивидуални-земјоделки немаат право на надоместок на плата за време на привремена спреченост за работа поради болест и повреда и за време на отсуство од работа поради бременост, раѓање и мајчинство, односно платено породилно отсуство.

Породилото отсуство во Македонија е предвидено во Законот за работните односи, поточно во член 165. Таму стои дека работничка за време на бременост, раѓање и родителство има право на платено отсуство од работа во траење од 9 месеци непрекинато, а доколку роди повеќе деца одеднаш, близнаци, тројка и повеќе – 15 месеци. Ваквите бенефиции за работничките произлегуваат и се врзани со нивниот статус на осигуреници согласно Законот за здравствено осигурување.

Во меѓувреме, според Законот за здравствено осигурување, во членот 5 се предвидува категоријата индивидуален земјоделец како осигуреник. Па така, во него се наведува дека оваа категорија лица задолжително се осигуруваат, но, понатаму, во членовите 14, 16 и 17, кои се однесуваат на тоа кому му следува правото на платено породилно отсуство и боледување, и колкава е основицата и висината за пресметка на надоместокот, оваа категорија воопшто не е спомената.

„Токму тука се потребни измените за кои ние застапуваме. Препознавање на индивидуалните земјоделки како осигуреници кои имаат право на платено породилно отсуство во членот 14 од Законот за здравствено осигурување и утврдување на основица и висина на надоместок за време на породилно отсуство во висина на минимална плата исплатена за претходната година. На овој начин, како држава, соодветно ќе ги преточиме меѓународните стандарди и политики во нашето законодавство и ќе покажеме дека не сме држава која дискриминира“, смета Јована Јовановска Кануркова од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) за ПИНА велат дека правото на платено породилно отсуство не е во нивна надлежност и истото законски го уредува Министерството за труд и социјална политика (МТСП).

Од МЗШВ информираат дека оваа година, заедно со МТСП, и во соработка со Националната Федерација на фармери, го започнале процесот за правно регулирање на ова прашање со цел да им се овозможи правото на мајчинство на земјоделките.

„Во буџетот за 2023 година се предвидени средства за финансиска поддршка во вид на 9 месечен надоместок на жените индивидуални земјоделци кои ќе родат дете во текот на 2023“, најавуваат од МЗВШ.

Висината на надоместокот и начинот на остварување, велат дека ќе биде пропишан со Програма која ќе биде донесена врз основа на Законот за извршување на буџетот за 2023 година.

Дополнително, пак, оттаму велат дека поддршката ќе ја овозможуваат сѐ додека правото на платено породилно отсуство на индивидуалните земјоделки не биде системски уредена во законите од областа на работните односи, пензиското, социјалното и здравственото осигурување.

Според Јовановска Кануркова од Хелсиншкиот комитет за човекови права, ова претставува краткорочно и неефикасно решение кое нема да доведе до фактичко уживање на правото на платено породилно отсуство.

Јована Јовановска Канкурова

„Нашето искуство покажува дека регулирањето на ова прашање со програма е неефикасно решение од повеќе аспекти. Најпрво, мора да имаме предвид дека програма се усвојува на годишно ниво. Ова би значело дека секоја година би било неизвесно дали ова прашање ќе биде дел од програмата, дали навремено ќе се донесе, дали ќе се предвидат доволно средства, дали навремено ќе се исплаќаат средствата, што е клучно за ваков вид на надоместок. Понатаму, не смееме да заборавиме дека платеното породилно отсуство е социјално, женско и работничко право, па оттука, за неговото овозможување надлежни се Министерството за здравство и Министерството за труд и социјална политика, и ова прашање треба да биде регулирано во закони кои се во надлежност на овие министерства“, вели таа.

ПИНА упати прашања и до Министерство за труд и социјална политика од каде одговорија дека прашањата не се во нивна надлежност, а за конкретното законско решение посочија на Министерство за здравство.

Министерство за здравство, пак, ни одговори дека правото на надоместок на плата не произлегува од Законот за здравственото осигурување.

„Ова право произлегува од работниот однос и соодветно е регулирано во Законот за работните односи, а со Законот за здравственото осигурување се регулира само начинот, условите и критериумите за користење на ова право во услови кога се користи на товар на средствата на Фондот за здравствено осигурување. Инаку, Законот за здравственото осигурување не исклучува одредени категории осигуреници од користење на правото на надоместок на плата, бидејќи овој закон не го ни утврдува ова право, туку само ги доуредува одредбите од Законот за работните односи“, стои во нивниот одговор.

Авторката на истражувањето, Марина Тошеска од ЛАГ Агро Лидер, вели дека земјоделството во нашата држава е една од најнеплатените професии без постојани приходи. Па така, Тошеска вели дека поради економските притисоци и недостатокот на сигурност на приходот, повеќето жени ангажирани во земјоделството не можат да си дозволат значително да го намалат обемот на работа пред и по породување.

„Како последица на тоа, продолжуваат со работни активности и во доцна бременост и/или почнуваат со работа прерано по породувањето со што се изложуваат себеси и своите деца на значителни здравствени ризици како предвремено породување, несакан абортус и слично“, вели таа.

Марина Тошеска

Тошеска посочува дека нивното теренско истражување покажало дека на голем дел од испитаничките им била дијагностицирана патолошка бременост уште во првото тромесечје на бременоста. Иако здравствените работници препорачале мирување, и активности без физички напор, Тошеска вели дека тие поради економска несигурност продолжиле со земјоделски активности до самиот ден на раѓање.

„Зголемениот обем на работа во земјоделското стопанство влијаел кај голем дел земјоделки да започнат со земјоделски активности два месеца после раѓање. Поради неможност за истовремена грижа за детето и остварување на приход, голем дел од нив прекинале со доење и поради материјална несигурност, започнале со исхрана на бебето со кравјо млеко од третиот месец по раѓањето, а некои од нив, поради немање мајчино млеко започнале со прихрана со препечено брашно и гриз. Кај поголем дел од родените деца биле забележани здравствени проблеми, пад на имунитетoт, опструкции, бронхитиси, намален вид и слично“, вели таа.

Според Тошеска, неплатеното породилно отсуство и неплатеното боледување влијае на физичкото и менталното здравје, незанемарувајќи го влијанието на економската егзистенција на земјоделката, семејството и заедницата.

Јовановска Канкуркова од Хелсиншкиот комитет вели дека најпрво треба да се има предвид дека заштитата на мајките е фундаментално право на жените работнички кое е уредено во многу меѓународни договори.

„Она што е значајно од аспект на платеното породилно отсуство е дека меѓународните стандарди упатуваат на тоа дека заштитата на мајчинството треба да е проследена со правото на паричен надоместок за време на породилно отсуство, кој пак надоместок треба да обезбеди жената да може да се одржува себеси и своето дете во соодветни здравствени услови и со соодветен стандард на живеење“, вели таа.

Според неа, политиките за платено породилно отсуство имаат суштинско значење за реализација на родовата еднаквост во општествена смисла. Во меѓувреме, Јовановска Канкуровска вели дека платеното породилно отсуство придонесува кон заштита и унапредување на здравјето на мајките и нивните деца, одржување баланс помеѓу приватниот и професионалниот живот, економска сигурност и стабилност и еднаков пристап до пазарот на трудот.

Дополнително, Јовановска Канкуркова вели дека истражувањата покажуваат дека соодветното породилно отсуство може да доведе до пониски стапки на смртност на доенчињата, здравствени придобивки за мајката, поголемо учество на женската работна сила и зголемени стапки на доење.

„Во моментот, нашата легислатива ова право не им го овозможува на овие жени и со тоа ги става во понеповолна положба во однос на другите работнички што по дефиниција е дискриминација. Со ваквото ‘однесување’, државата активно придонесува кон дополнителна маргинализација на и онака маргинализираните рурални жени и нивно живеење во лошо здравје, постојан ризик за своето и здравјето на своите деца“, вели таа.

Јовановска Канкурова вели дека со донесување на потребните законски измени, цела категорија жени кои десетици години наназад била изоставена и дискриминирана од држава која во голема мера зависи од земјоделието, ќе стекне право како и сите други работнички да отсуствува од работа поради бременост, раѓање и мајчинство и таквото отсуство да ѝ биде платено како и на сите други.

„Обезбедувањето сеопфатен систем на платено отсуство за бременост, раѓање и мајчинство има витално значење за обезбедување напредок на жените и нивен еднаков пристап до пазарот на трудот, истовремено поддржувајќи поправедна поделба на неплатената работа за нега. Со системско решавање на ова прашање ќе се намалат ризиците и негативните последици кои непостоењето на ова право ги донесе за жените земјоделки и нивните деца, и најважно од се, ќе им даде поддршка и заштита на мајките работнички кога им е најмногу потребна“, вели таа.

Според Тошеска, промените со кои би им се овозможило на земјоделките право на паричен надомест во висина на минималната плата поради бременост, раѓање и мајчинство ќе значат сигурен пристап до универзалните човекови права како правото на мајчинство.

„Преку овие промени ќе се унапредат нивните права, ќе се подобри нивната социјална и економска положба, ќе се поттикнат и останатите жени кои се вклучени во земјоделска активност, или идните носителки на земјоделски стопанства, да се регистрираат и да бидат препознаени од системот. Ќе се намали јазот во родовата нееднаквост особено во руралните средини и земјоделската дејност, а на подолг рок, овие промени ќе значат намалување на дискриминацијата преку интегрирање на родовата перспектива и рамноправниот пристап до права во националните политики, како и раст и развој на земјоделството во нашата држава“, смета Тошеска.

Авторка: Ангела Рајчевска