Жените-земјоделки многу тешко се стекнуваат со имот во руралните средини каде што живеат, пред се поради стереотипи. Иако не постојат законски пречки за тоа, тешко и споро се менува менталитетот, дека имотот во фамилијата, освен на машките деца треба да им се препише и на женските.
Директорката на Рурална Коалиција, Лилјана Јоноски за Пина.мк вели дека болна точка за руралната жена, е сопствеништво на имот, и на ова, многу треба да се работи.
Во моментов, во Македонија има приближно 39.000 жени кои се регистрирани како индивидуални земјоделки, а според последните податоци од Државниот завод за статистика, има 175.000 земјоделски стопанства.
„Само 5 до 6 проценти од жените во руралните средини се сопственички на каков било имот што е премногу малку. Непрепишувањето на имотот на ќерките, на сопругите е една од основните причини зошто од 175.000 земјоделски стопанства, само 39.000 им припаѓаат на жените, односно на регистрирани земјоделки,“ објаснува Јоноски.
Според нејзе, многу тешко може да се пробијат бариерите, традициите, како и стереотипите, за во една поширока заедница, како што вообичаено се живее во селата, да се побара од мажите, имотот да им се препише на жените.
„Мора да имате какво било парче на имот, за да бидете регистрирани како индивидуална земјоделка. Потребно е да се регистрираат за да станат видливи, бидејќи нивниот број е многу поголем од 39.000 регистрирани,“ објаснува Јоноски.
Таа додава дека иако оваа бројка е мала, сепак низ годините имало напредок, и работите полека се менуваат.
Во општеството, се повеќе се говори за положбата на руралната жена, нивната можност да бидат претприемачки, но и лидерки во заедницата во која што живеат. А тоа, од друга страна ја менува и свеста, што поттикнува борба за рамноправни позиции.
„Сега веќе е доволно, една до две жени да имаат имот во едно село и да се охрабрат и другите да побараат од семејството и да добијат имот. За жал, се уште преовладува мислењето дека местото на жената е во домот и семејството.
Законски е дозволено, сопствеништво на каков било имот што ќе се купи да се запише подеднакво, односно во имотниот лист да стои името на жената и на мажот,“ објаснува Јоноски.
Таа посочува примери во кои, жените во селата произведуваат одредени производи како џем, слатко и слично, одлично ги продаваат, заработуваат од тоа, но не се регистрирани во системот.
„Многу голем дел од нив се невидливи за системот, односно не се евидентирани по ниту еден основ. Не се пријавуваат ниту во Агенцијата за вработување како невработени, ниту се во Регистартот. Владата во изминатиот период, поради ковид-кризата помогна на социјално загрозени лица, но за жените од руралните средини не донесоа ниту една мерка.
Системот не е виновен, бидејќи се невидливи за него. Работат, а трудот не е евидентиран и платен,“ вели Јоноски и посочува дека голем процент од жените, независно дали се земјоделки или не, се дел од неформалната економија.
Таа посочува дека многу е важно да се покрене прашањето, за жените во руралните средини да се стекнуваат со имоти, за да се регистрираат и да ги користат бенефициите од системот.
Еден таков позитивен пример е Живка Ѓурчиновска од селото Томчевиште, гостиварско која има земја на нејзино име, а за тоа се изборила сама.
Во разговор за Пина.мк, изјави дека важна е поддршката од сопругот и семејството, но и жената треба да биде упорна за да ѝ се цени трудот.
„Сопругот не ги убеди неговите за имотот да ми се препише мене, туку сами си купивме. Со сопствени средства што ги заработивме купивме имот на мое име, најпрво четири, а потоа уште два декари. Доколку немаш имот, не можеш да се пријавиш за да бидеш пензиски и здравствено осигуран. Но, зошто кога вложуваш труд, тој да не ти биде вреднуван,“ вели Ѓурчиновска.
За разлика од неа, нејзината свекрва која цел живот се занимавала со земјоделство, денес не може да оствари право на пензија, бидејќи не биле плаќани придонеси за здравствено и пензиско осигурување.
Доколку земјоделките поседуваат имот, може здравствено и пензиско да се осигураат.
Поттик, жените во селата да имаат имот или стока на свое име дава и државата, преку субвенциите. Така на пример, субвенциите по грло добиток и по литар млеко се повисоки, ако добитокот е на име на жена.
Според информациите на Пина.мк од терен, непоседувањето на имот, е пречка и за користење на фондовите од ИПАРД програмата за поддршка на земјоделството.
Во голем број од руралните средини нема урбанистички планови, што е пречка за легализација на пример на фарми, на трла, од кои, најголем дел се изградени на државно земјиште.
Авторка: Силвана Жежова