Присуството на спортистките на ТВ и жените во спортските редакции останува предизвик

0
321

Дваесет наспроти осумдесет проценти – ваков е соодносот на покриеност на спортистките наспроти спортистите во македонскиот медиумски етер. Ангела Рајчевска, која со години е и на двата „терена“ – новинарскиот и фудбалскиот, односно работи како фудбалска судијка и новинарка, направи истражување за медиумската покриеност на жените во спортот во Македонија, поттикната од секојдневието кое го живее.

Нејзиното истражување понатаму ја поттикна Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) да ја изготви анализата „Родот во медиумите 2021: Родовите прашања и начинот на претставување на жените и мажите во спортската програма на националните терестријални телевизии“.

Во еден дел од анализата на агенцијата споменат и потенциран е членот 17 од Законот за еднакви можности на жените и мажите. Во него се посочува дека средствата за јавно информирање, вклучително и радиодифузерите, имаат обврска да „придонесуваат во развивањето и подигањето на свеста за еднакви можности, како и за еднакво учество на жените и мажите во креирањето на програмските концепти и содржини“.

Ангела Рајчевска

Сепак, ситуацијата во новинарството, Рајчевска ја поистоветува со ситуацијата на соодносот помеѓу женските и машките судии, која вели дека значително се разликува. Така и во известувањето во спортот, каде што медиумски написи за спортистките се значително помалку во однос на вестите за спортистите, објаснува таа.

„Жените кои практикуваат спорт не се доволно присутни во медиумскиот етер, а и таа мала присутност што ја имаат најчесто се темели на сексизам, ставови поврзани со нивниот изглед и приватен живот. Се пренесуваат само големи успеси кои, поради фактот што не се континуирано медиумски прикажани, се многу ретки. Тие имаат право да се чувствуваат удобно во сопствената кожа на глобалната спортска сцена. Тие треба да ја остварат својата цел демонстрирајќи ги вештините што ги научиле и совладале, и истите да бидат еднакво медиумски претставени, со што тоа ќе овозможи поголема мотивација, поттик и порив за успех“, вели Рајчевска за ПИНА.

Нееднаквиот „третман“ на мажите и жените во спортот таа го почувствувала и како судијка на фудбалските натпревари. Рајчевска вели дека веќе не е невообичаено жена да суди на фудбалски натпревар, а и дека поголемиот дел од луѓето и спортските работници го прифаќаат ова, меѓутоа, за жал, додава дека дел од јавноста сè уште не е запознаена дека оваа професија ја практикуваат и жени.

„На почетокот од мојата кариера како фудбалска судијка се соочував со повеќе недолични коментари од играчите и публиката од аспект на тоа што постоеше недоверба од истите во однос на одлуките кои ги носев, најмногу поради фактот што сум женско, а жените, нели, ‘не се за фудбал’ и своевремено беше невообичаено жена да дели правда на фудбалски натпревар. Со текот на времето, жените во фудбалот земаа поголем замав и таа доверба почна да расте. Коментарите, односно предрасудите сè уште ги има, меѓутоа се сè поретки“, објаснува Рајчевска.

Анализата на АВМУ опфати осум телевизиски канали, односно МРТ 1, МРТ 2 и МРТ 3, Алфа, Сител, Канал 5, Телма и Алсат-М. Според неа, на МРТ 1, МРТ 2 и МРТ 3, доминираат тимските спортови во машка конкуренција. Дополнително, утврдено е доминантното присуство на новинари наспроти новинарки.

На приватните телевизии пак, во редовната спортска информативна програма, вклучувајќи ги тимските спортови и индивидуалните, спортовите во машка конкуренција не се доминантни, но се позастапени.

Според долгогодишниот спортски новинар, Драган Николовски кој сега работи како уредник во МРТ 3, застапеноста во медиумскиот простор не е подеднаква поради тоа што, како што вели, електронските медиуми го третираат само врвниот или професионалниот спорт.

Николовски смета дека многу поширок опфат можат да имаат весниците или онлајн медиумите, но, додава дека и тие најчесто се задржуваат само на најквалитетното во спортот.

Драган Николовски

Од друга страна, Николовски вели дека неспорен факт е дека македонскиот женски спорт е на маргините, не поради тоа што не добива медиумски третман, туку, како што вели, затоа што е на рекреативно и на аматерско ниво – и квалитативно и организациски, но и според начинот на функционирање.

Сепак, отсекогаш основен критериум за да се известува за одреден настан, секако и спортски, е интересирањето коешто го буди информацијата кај што поголем број нејзини корисници, додава Николовски.

„Тоа не значи дека жените се помалубројна медиумска публика, но сепак прашањето за тоа дали, и зошто, тие се помалку присутни на трибините како публика и дали, и зошто се помалку заинтересирани за спортските информативни блокови или за написите во весниците и на интернет е многу повеќе социолошко, психолошко и филозофско“, вели Николовски.

„Едностраното математичко претставување на фактите низ процентуална застапеност не ја изразува суштината, туку неоправдано упатува на генерална тенденциозност само врз основа на статистичката неизбалансираност и затоа таквиот заклучок е неоправдан, како што се реално неоправдани и предрасудите и стереотипите кон женскиот спорт во однос на машкиот само врз основа на полот на спортистите“, смета Николовски.

Определбата на медиумите за што поголема промоцијата на женскиот спорт за тој да стигне до што повеќе гледачи и читатели, уредникот вели дека сепак се изразува на различни нивоа.

Македонската радио-телевизија како јавен сервис, Николовски вели дека се обидува да придонесе нештата да се придвижат во позитивна насока со тоа што во својата програма се повеќе нуди и настани од врвниот женски спорт во светски рамки.

„МТВ го пренесуваше минатото Светско првенство во фудбал 2019, веќе ова лето ќе го емитува и претстојното Европско првенство, а наредната година и идниот женски мундијал. Отсекогаш женскиот спорт е рамноправно застапен на МТВ и во тек на летните и на зимските олимписки игри, а се трудиме, без оглед на квалитативното ниво, што почесто да и сервираме на јавноста можност да биде во тек и со случувањата во домашните екипни спортови. Позитивни се реакциите за тоа што на  спортско-забавниот канал МТВ 3 се почести се директните преноси од женските одбојкарски, ракометни и кошаркарски првенствени натпревари кај нас. Тоа обврзува да продолжиме со таквиот тренд“, дециден е Николовски.

Во меѓувреме, во препораките од анализата на АВМУ се наведува дека спортските редакции на петте приватни национални терестријални телевизии треба да водат сметка за родовиот баланс во спортската програма.

Таму се додава дека тие треба да пренесуваат повеќе настани кои се однесуваат на спортови во женска конкуренција и да им обезбедат на спортистките поголем простор, визуелно и вербално да се презентираат себеси и својот спорт. Ваквата родово сензитивна трансформација треба да биде обезбедена со свесна и конзистентна уредувачка политика, се додава во препораките на анализата.

Македонската радио-телевизија пак, во анализата се посочува дека треба да направи напори за да го зголеми женското новинарско присуство во својата програма, односно, да ја намали разликата во соодносот на специјализирани спортски новинари и новинарки.

„Оваа цел може да се однесува на различни патеки на акција вклучително и напори Јавниот радиодифузен сервис да комуницира со универзитетите и школите за новинарство за да се поттикне интересот кај студентките за овој тип новинарство, при идните нови вработувања да се воспостави критериум кој вклучува баланс меѓу новинарите и новинарките, програмскиот совет и уредништвото во Јавниот радиодифузен сервис, да направат напор да обезбедат обуки за новинарките особено во доменот на спроведување спортски преноси“, се посочува во препораките на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Авторка: Теодора Цветковска