Комунална полиција за почисти општини, засега само на хартија

0
229
ФОТО: ПИНА Архива

Воведувањето на комуналната полиција и 24 часовен инспекторски надзор, чија задача треба да биде обезбедување чистота во општините и намалување на загадувањето, од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) во изјава за ПИНА велат дека и понатаму постои на хартија, бидејќи како предлог закон се’ уште не е дојден на дневен ред во Собранието.

Со цел да се надминат проблемите во инспекторирањето на животната средина, од Министерството за животна средина и просторно планирање велат дека продолжуваат да иницираат воспоставување на комунална полиција. Тоа според нив, ќе бидат лица со посебни овластувања кои ќе прават контрола, надзор и санкционирање на секојдневна основа. Ќе бидат постојано на терен, ќе имаат свои реони, ќе можат да постапуваат по разни основи, главно за управувањето со отпад и загадувањето. Ќе имаат овластувања да го санкционираат секој кој ќе ги прекрши законите од областа на животната средина.

„Во меѓувреме, свесни дека бројот на инспекторите зависно од општините не е доволен, редовно се организираат обуки на теми од областа на животната средина за инспектори за животна средина на општините со цел зјакнување на нивните капацитети. Исто така, министерството има соработка со општините и врши надзор над општините во однос на тоа дали правилно и целосно се спроведуваат законите од областа на животната средина. Овој надзор се врши во одбрани општини согласно донесен годишен План за вршење на надзор. При надзорот истовремено се врши и советување за правилно спроведување на законите од областа на животната средина како и давање на препораки и укажувања,“ истакнуваат од МЖСПП за ПИНА.

Дополнително, оттаму велат дека во општините каде нема можност за создавање на административен капацитет за вршење на инспекциски надзор од областа на животната средина, министерството дава препораки за склучување на меѓуопштинска соработка со општини кои имаат капацитет за вршење на инспекциски надзор од областа на животната средина. Во таа насока е и новиот Закон за инспекција во животната средина, кој има одредби во однос на заедничко вршење на инспекциски надзор со меѓуопштинска соработка како и соработка на државните инспектори за животна средина и овластените инспектори за животна средина на општините.

Блинков: Нема потреба од 24-часовна контрола

Според Дарко Блинков, раководител на Одделението за поддршка, аналитика и меѓународна соработка во Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), комуналната сфера и животната средина во однос на инспекциски надзори се две сосема различни области.

Како што вели тој, постои Државен комунален инспекторат со државни комунални инспектори и општински комунални инспектори и редари. Постои Државен инспекторат за животна средина со три видови инспектори за животна средина, за заштита на природата и водостопански инспектори и општински инспектори за животна средина.

Во изјава за ПИНА, Блинков вели дека 24 часовен инспекциски надзор нема никаде во Европа, ниту пак има потреба од такво нешто.

„Од комуникација со колегите од Србија, улогата и дејствувањето на комуналната полиција не ги исполнило очекувањата кога истата се формирала и пристапила на терен“, потенцира тој.

Блинков додава дека во ДИЖС има специфицирано вкупно 53 работни места од кои 29 се пополнети, 25 се инспектори и четворица административци.

„Дополнително, 18 се за животна средина, тројца за природа и четворица за водостопанство. Изминативе година и пол откако е директор Сретен Стојковски, има шест нови вработувања на инспектори од кои двајца за животна средина и по еден помлад инспектор за водостопанство и природа, еден виш водостопански инспектор е преземен, како и еден државен инспектор за жив средина, кој исто така е преземен. Дополнително, четворица вработувања има на административци и седум унапредувања. До 2024-та година планирано е да се побараат тројца инспектори за животна средина и еден административец,“ додава тој.

Блинков потенцира дека буџетот на ДИЖС во моментов е доволен, а 24 часовна контрола нема потреба и не е европска пракса. Сите инспектори по завршување на работното време се во т.н пасивно дежурство и во случај на вонредни настани веднаш се врши вонреден инспекторски надзор кон територијалната распространетост.

Со новиот Закон за контрола на индустриски емисии сите правни субјекти кои поседуваат „А Инт.Екол“ дозвола ќе имаат обврска за континуиран мониторинг на емисиите во воздух и води.

ДИЖС согласно анализите од почетокот на децентрализацијата од 2005-та година до денес, предложи единствен систем на инспекциски надзор за животна средина единствено на централно ниво.

Решението е едноставно, но нема слух од надлежните

Од Општина Карпош за ПИНА велат дека за посочениот проблем немаат амбиција за измислување на „топла вода“, но и дека решението е многу едноставно.

„На комуналните инспектори и редари е неопходно да им се дадат надлежности да казнуваат, приведуваат и да применуваат физичка сила по потреба. Истите треба да бидат униформирани, а казните кои тие ги пишуваат да бидат извршни како на полицијата. Со ова ќе се растерети полицијата затоа што проблемите од комуналната сфера за нив се тривијални и со тоа ќе им се ослободи повеќе време за справување со посериозниот криминал. Во истовреме локалната самоуправа ќе добие ингеренции како што треба, затоа што сега ситуацијата е како да одиш на лов на крупен дивеч, а ти дале воздушна пушка. И што е најстрашно, револтот на граѓаните се насочува кон локалната самоуправа, а не кон оние кои ги прават законите – владата и ресорните министерства“, се вели од кабинетот на градоначалникот Стевчо Јакимовски.

Од Општина Центар пак, за ПИНА истакнуваат дека засега немаат предвидено буџет за имплементација на 24-часовен надзор на комунална полиција, потенцирајќи дека финансиите треба да бидат обезбедени од Град Скопје, а потоа ќе се изврши распределба на истиот за таа намена.

„Буџетот за оваа идеја не зависи од нас, истиот треба да го обезбеди Советот на Град Скопје. Инаку, Општина Центар располага со два инспектори за животна средина, што во моментот е доволен број за извршување на задачите на нашата територија“, кратко изјавија оттаму.

Во програмата на Владата која се однесува на животната средина и проектите кои треба се реализираат од 2020 до 2024-та година, стои дека во овој период треба се изработи и донесе Закон за комунална полиција, а службата веќе требаше да се формира и да започне да функционира во 2021-та година.

Aвтор: Виктор Вукановски 

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА