Во дел од населените места сé уште не се собира отпадот од домаќинствата

0
102
Дива депонија во селото Бучим / фото: ПИНА

Собирањето отпад од населените места е проблем кој сè уште постои во Македонија. Селото Бучим во Општина Радовиш е едно од осумте населени места во општината каде не се собира отпадот. Во разговор со граѓани на ова село, тие рекоа дека пред извесен период Јавното претпријатие „Плаваја“ престанало со собирање отпад од нивното село.

Она што можеше да се забележи уште на влезот на селото се дивите ѓубришта кои ги создаваат граѓаните. Од јавното претпријатие велат дека причината за ова населено место е тоа што граѓаните одбиваат да им се наплаќа редовно за тие да ја вршат услугата.

„Има уште едно село каде станува збор за истиот проблем. Кај останатите села, причините се технички каде ни е потребно помало возило за собирање отпад, бидејќи возилата кои ги имаме моментално се преголеми за помалите и тесни улици кои ги има во тие села. Ние се надеваме дека до крајот на оваа година ќе го набавиме потребното возило каде во останатите села ќе се реши проблемот. Во тие села каде не се собира отпадот, треба да се отвори прашањето каде всушност се фрла ѓубрето, со тоа што ние сме одговорни само за собирање на отпадот. Во таквите ситуации, праксата покажува дека се создаваат диви ѓубришта“, велат од „Плаваја“.

фото: ПИНА

Тие потенцираа дека над 90% од населението во Општина Радовиш е опфатено со организирано собирање на отпад.

„Од 24.000 жители на ниво на општина Радовиш, во моментот за 2000 граѓани не го собираме отпадот од наведените причини. Се додека луѓето кои загадуваат и креираат ѓубришта поминуваат без казни, мали се шансите свеста кај загадувачите да се крене. Во тој дел треба да настапат инспекторатите кои се надлежни за казнување при загадување на околината, па сметаме дека казнивоста би била една од решенијата за овој проблем и на тој начин граѓаните можеби би биле приморани на некој начин сами да ни се обратат се со цел да се склучи договор за вршење на оваа услуга“, објаснуваат тие.

Јавните претпријатија и граѓаните со одговорност

Согласно Законот за управување со отпад, обврската за собирање комунален отпад вклучително и отпад од населените места е доделена на општините кои оваа обврска ја извршуваат преку јавните комунални претпријатија. Општините се одговорни да обезбедат услуги за сите граѓани, без разлика дали станува збор за рурална или во урбана средина, но и да воспостават инфраструктура за селекција на различните текови комунален отпад кои се создаваат на локално ниво.

Од Министерството за животна средина (МЖСПП) велат дека јавните претпријатија мора да ја опслужуваат целата територија, сите населени места, но истовремено населените места треба да инсистираат во своите општини да ја добиваат услугата и да плаќаат надоместок за истата.

„Многу често општините немаат капацитет да го собираат отпадот од сите населени места во рамките на општината бидејќи немаат возила или контејнери или соочени се со многу мала или никаква наплата на надоместокот за управување со отпад. Општините формираат јавни комунални претпријатија кои се одговорни за собирање и транспорт на комунален отпад на целата територија на општината“, велат тие.

фото: ПИНА

Од Министерството посочија дека околу 20% од населените места во земјата не добиваат соодветна услуга за собирање и транспорт на комунален отпад од страна на своите локални самоуправи.

Изградба на регионалните депонии како решение

Во однос на решение, од Министерството за животна средина велат дека со воспоставување на регионален систем за управување со отпад системски ќе се реши овој проблем.

„Сметаме дека со изградбата на регионалните депонии сите општини во регионот за управување со отпад ќе имаат еднакви права, како и еднаква цена за услугата независно од големината на општините“, децидни се тие.

Во меѓувреме, од Центарот за климатски промени велат дека регионалните депонии се вистинскиот чекор кон обезбедување соодветно постапување со отпадот затоа што ќе бидат изградени во согласност со барањата на европското законодавство, односно на начин на кој ќе се минимизираат негативните влијанија врз животната средина.

„Регионалните депонии ќе бидат соодветно оградени така што отпадот нема да може лесно да се разнесува надвор од локацијата за депонирање, локацијата за изградба на депонија ќе биде соодветно одбрана и ќе биде соодветна за депонирање отпад во однос на геоморфолошките карактеристики на почвата. Дополнително, секоја депонија е соодветно опремена со геомембрана која спречува пропуштање на исцедокот од отпадот а со тоа и загадување на подземните води и почвата, и соодветна инфраструктура за прибирање на отпадните гасови со цел нивно потенцијално искористување“, сметаат од Центарот.

Оттаму додадоа дека општините и јавните претпријатија ќе треба да работат на воспоставување на систем за селекција на отпадот која се создава од домаќинствата и комерцијалните субјекти со цел да се минимизира отпадот кој ќе се депонира и да се запазат принципите на циркуларната економија и целите кои се зададени од ЕУ.

Исто така, од Центарот за климатски промени додадоа дека она што го имаат како информација е дека со кредит од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Министерството ќе обезбеди средства за изградба на 3 санитарни регионални депонии и тоа една во Новаци, во која ќе се депонира отпадот од општините од Југозападниот и Пелагонискиот регион, една во Василево, во која ќе се депонира отпадот од општините од Југоисточниот и Вардарскиот регион и една во Русино, за отпадот од Полошкиот регион.

Тие потенцираа дека општините имаат можност да користат средства преку Бирото за регионален развој за проекти поврзани со отпад, односно набавка на опрема, возила и инфраструктура за селекција, доколку аплицираат за проекти поврзани со отпад.

Во меѓувреме, од Центарот за климатски промени посочуваат дека јавната свест за животната средина, односно соодветното управување со отпад се зголемува, но дека сепак е недоволна.

„Подигнувањето на свеста особено за прашања поврзани со животна средина е континуиран процес на кој мора постојано да се работи. Во моментот нема ниту една активна кампања за подигнување на свеста и промена на однесувањето во однос на правилното постапување со отпадот. Генерално, доколку ја погледнеме и анализираме состојбата со отпадот во државата лесно може да се заклучи дека свеста изостанува и сè уште е на многу ниско ниво“, децидни се тие.

Автор: Кристијан Трајчов