Бавната имплементација на законите, слабата координација, несоодветната проценка на ризик и непостапувањето на институциите во одредени случаи на родово базирано насилство ја намалуваат довербата кај жртвите да пријавуваат насилство.
Tри жени. Две од Скопје, а една од Струмица беа убиени годинава од нивни роднини. Во Велес имаше обид за фемицид од невенчан сопруг. Минатата година во август 46-годишна жена од Неготино беше жртва на поранешниот сопруг со кого живеела во вонбрачна заедница. Три години претходно, 60-годишна жена беше убиена од нејзиниот сопруг, во нивниот заеднички дом во Гостивар.
Фемицидите претставуваат најтешка форма на родово базираното насилство врз жени и девојчиња и како што покажуваат примерите најчесто се извршени од страна на интимен партнер или роднина.
Во периодот од 2008 до 2020 година се извршени најмалку 50 фемициди, покажуваат последните две анализи на Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство „Глас против насилство“. Официјална статистика за фемициди од институциите во Северна Македонија нема.
За убиствата во Скопје и Струмица се сметаше дека има пропусти во постапувањето на институциите. За случајот во Неготино реагираше и Платформата за родова еднаквост поради несоодветна квалификација на делото како тешка телесна повреда со смртни последици наместо убиство на жена при вршење семејно насилство, за кое со Кривичниот законик е предвидена казна затвор од најмалку десет години или доживотен затвор. Во случајот со Гостивар, пак МВР покрена постапка против полицаецот, кој не реагирал на пријавата за насилство на само еден ден пред убиството.
Ана Аврамоска Нушкова, проектна координатока во „Глас против насилство“ вели дека начелото на итност во постапувањето, несоодветно направена процена на ризик, како и ревиктимизација на жртвата е сето она со кое се соочиле жртвите кои пријавиле во полициска станица.
„Многу често полициските службеници се ставаат и во улога на медијатори, на помирувачи и знаат да ја релативизираат случката и/или заканата. Имавме случај кога една жена пријавила насилство во полициска станица што го извршил нејзиниот поранешен сопруг (со кого е разведена и имаат две малолетни деца) и полициските службеници не го препознаа тоа како семејно насилство. Пријавата не се процесираше понатаму и таа беше заведена како поплака. Сепак, морам да нагласам дека инспекторите за семејно насилство како и другите (за крвни деликти, за малолетници) имаат многу повеќе знаење и сензибилизација при постапувањето“, вели таа.
Аврамоска Нушкова додава дека кај нас статистика за пријави за извршено родово базирано насилство сè уште не водат ниту МВР, ниту центрите за социјална работа, туку пријавите се водат како семејно насилство.
Раст на пријави за семејно насилство
Статистиката на МВР говори дека има зголемување на пријавите за семејно насилство, односно лани биле пријавени 1.117 кривични дела за семејно насилство, а во 2021 година биле пријавени 1.056 кривични дела. Годинава до април евидентирани се вкупно 247 кривични дела.
„Полициските службеници постапуваат по секоја пријава независно дали се работи за родово базирано насилство врз жени и семејно насилство или врз основа на непосредно забележување. Дежурниот полициски службеник по добивање на пријава за семејно насилство веднаш упатува полициски службеници на местото на настан кои првично преземаат мерки за заштита на жртвата и мерки за спречување на сторителот во понатамошното вршење на насилството. Секогаш кога постои можност на место на настан се упатува и полициски службеник од женски пол“, велат од МВР.
Од Министерството за труд и социјална политика велат дека Центарот за социјални работи е должен да започне постапка веднаш, а најдоцна во рок од 12 часа од добиеното сознание или пријава дека е сторено родово-базирано насилство врз жена или семејно насилство и да преземе мерки за заштита на жртвата.
„Стручниот тим врши проценка на ризик за потребите за заштита на жртвата, според видот, интензитетот, контекстот на случување на насилството, здравствениот и семејниот статус на жртвата, нејзината возраст и други околности во постапката за преземање на потребните мерки за заштита. Без согласност на жртвата, односно нејзиниот законски застапник Центарот за социјална работа не може да преземе мерки, активности и услуги за заштита, освен кога постои непосредна опасност по нејзиниот живот и тело“, велат од МТСП.
Во земјава има 13 Центри за жени жртви на семејно насилство. Во првиот квартал од 2023 година, како што посочуваат од МТСП, бројот на новоевидентирани жртви на семејно насилство изнесува 364 од кои 252 се жени.
Недоверба во институциите
Бојана Јовановска, истражувачка во областа на родово базирано насилство, вели дека одговорот на институциите, без разлика дали станува збор за центрите за социјална работа, полицијата, обвинителството или судството, е значително индивидуален.
„Така, на пример, постапувањето некогаш зависи од местото во кое живеете, вашите идентитетски карактеристики, познанства, професионалноста на лицето кое работи во институцијата (а некогаш и неговото расположение), итн. Дури и самите институции укажуваат на нефункционалноста на мултисекторска соработка, бидејќи многу често си ја префрлаат вината едни на други, што оневозможува соодветно и навремено постапување и процесирање на случаите на родово базирано насилство“, вели Јовановска.
Таа дополнува дека од сите досегашни истражувања би можело да се заклучи дека жените, но и граѓаните генерално, имаат висок степен на недоверба во постапувањето на надлежните институции, што значително влијае на нивно демотивирање да го пријават случајот на насилство.
„Се проценува дека во Северна Македонија стапката на пријавување на случаите на родово базирано насилство е околу 2 отсто. Доволно е една институција во овој синџир да потфрли за случајот да биде несоодветно процесиран, што значајно влијае на секоја жртва. Дополнително, институцииите се уште ретко пријавуваат насилство по службена должност по добиено сознание и покрај тоа што станува збор за нивна законска обврска, освен кога постојат сериозни телесни повреди кај жртвата или пак случај кој ќе го покрене вниманието на медиумите“, додава Јовановска.
Измени во Кривичниот законик
Со последните измени на Кривичниот законик од февруари годинава во членот 123 – Убиство, во ставот 2 воведена е нова точка 2-а со која е предвиден посебен квалифициран облик на убиство „кога друг ќе лиши од живот жена или девојче до 18 години при вршење на родово базирано насилство“. Точката 7, пак, е изменета и гласи: „ќе лиши од живот женско лице за кое знае дека е бремено или дете“.
„Со овие две точки се воведуваат одредби за санкционирање на најтешки форми на родово базирано насилство кон лица од женски пол, согласно барањата на Истанбулската конвенција. Сепак ова не одговара во целост на правниот термин „фемицид“ кој во правната терминологија значи убиство на жена мотивирано единствено од фактот дека е жена. Без оглед на правната терминологија, обвинителството и досега и отсега ќе продолжи да го санкционира секој облик на родово базирано насилство“, велат од Јавното обвинителство.
Истражувачката Јовановска смета дека најчесто оправдување кое се користело од институциите досега, особено полицијата е дека не можат да постапуваат по случаите на родово базирано насилство заради тоа што истите не се криминализирани.
„Сега го немаат ниту тоа оправдување. Оттука, единствено останува институциите конечно да почнат попосветено да работат на унапредување на своите капацитети и овозможување на соодветна имплементација на законот, со цел да овозможат навремена заштита на жртвите на родово базирано насилство, што ќе придонесе за превенција на фемицидите. Голем дел од институциите, сè уште не ги препознаваат формите на родово базирано насилство. А кога не го препознавате родово базираното насилство, ризикувате истото да ескалира, некогаш и во фемицид“, вели Јовановска.
Адвокатката Марта Гусар врз нејзиното искуство вели дека процесот низ кој поминува жртвата е тежок, макотрпен и не секогаш со успех или со ажурност на постапување и нејзина заштита.
„Сè додека жртвата на три места треба одново и одново да ја раскажува ситуацијата, настанот и во присуство на насилникот, секогаш ќе има ревиктимизација. Системот и покрај законските измени, сè уште не е подготвен да ја заштити жртвата на секое ниво и во целата постапка. До измената на Кривичниот законик, честопати се случуваше да нема точна квалификација или во рамки на постапка да се преквалификува делото од страна на Јавното обвинителство. Се надевам во блиска иднина веќе ќе имаме поголема пракса за да може да направиме компарација пред и по измена на Законикот. Кривичниот законик предвидува убиство од родов аспект така што веќе е регулиран фемицидот како кривично дело. Ова кривично дело дава точна и прецизна квалификација која се надевам нема да биде злоупотребувана од страна на надлежните лица кои се дел од правосудниот систем“, вели адвокатката Гусар.
Од Јавното обвинителство пак сметаат дека не постојат особени пречки за докажување дека кривичното дело е сторено при вршење семејно насилство и дека тоа претставува објективна околност која најчесто се документира веднаш.
„Меѓутоа, онаму каде што законодавецот предвидел дека гонењето се презема по предлог, секогаш постои можност жртвата да се откаже од кривичен прогон заради блиските релации со насилникот, но и од други побуди. За кривичните дела кои се гонат по службена должност не е неопходно жртвата да даде свој исказ пред јавен обвинител. Обвинителството постапува и ги обезбедува сите докази за кривичното дело. Доколку жртвата сведочи со свој исказ, тоа секако придонесува за наводите во обвинението“, дополнуваат од Јавното обвинителство.
7 пресуди за убиства на жени
Податоците на Основниот кривичен суд Скопје за периодот од 2020 до јуни 2023 година покажуваат дека биле изречени 7 правосилни пресуди за убиства на жени. До јуни годинава правосилно завршени предмети за семејно насилство се 49. Нерешени се 91 предмет, од кои за тешка телесна повреда при семејно насилство се 7 предмети.
Според статистиката на судот од 2020 до 2022 година биле примени 327 предмети за семејно насилство од кои решени се 292, а правосилни се 239.
Со оглед на тоа што постои и кривична и граѓанска постапка за насилство, Гусар додава тие се со различно времетраење. Според неа, граѓанската постапка е итна и најчесто се завршува за 3 месеци, или пократко, а кривичната постапка за насилство или фемицид, трае подолго.
„Предистражната постапка трае долго, ОЈО презема дејствија, па потоа се почнува со постапка пред надлежен суд, која може и да трае со години, поради отсуство на обвинет, или судија или слично. Сè уште нема посебен сектор во обвинителство за овој вид на кривични дела, ниту пак во суд, така што со измената на Кривичниот законик освен што имаме нови кривични дела, нема тенденција за промена на роковите за постапување ниту во преземање на дејствија“, вели Гусар.
Заклучокот од двете анализи на „Глас против насилство“ за фемициди, првата спроведена 2008-2016 и втората 2017-2020 е дека е забележан мал напредок во итноста на постапките и поажурно постапување на органите на прогонот и на судовите. Првата анализа покажува дека постапките траеле од 3 до 20 месеци, при што подолги биле само тие каде што сторителот има нарушено ментално здравје и е потребно вештачење од стручно лице. Втората анализа, пак, покажува дека дел од судските постапки се завршувале и во период од 3 до 7 месеци.
Јовановска додава дека не може да се игнорира и културната димензија на родово базираното насилство кое е резултат на патријархалната традиција во нашето општество и она што го одржува овој феномен да опстојува е неговото нормализирање и неказнување.
„Затоа, мора активно да се работи на подигнување на јавната свест за значајноста и размерите на проблемот, како и на соодветно информирање на сите граѓани за начините и механизмите за превенција и заштита. Едно од најважните прашања за креирање на соодветни мерки против насислството е водењето на соодветна статистика. Ние не располагаме со релевантна статистика за различните форми на родово базирано насилство во земјава, па оттука не можеме да кажеме дека мерките кои ги имаме на располагање се креирани соодветно на реалната ситуација и потреби“, дополнува таа.
На глобално ниво според извештајот „Родово-поврзани убиства на жени и девојчиња (фемицид/феминицид)“, објавен лани и спроведен од UNODC во 2021 се случиле околу 81 илјада убиства на жени и девојчиња, а најголем дел од нив или 56 отсто биле спроведени од интимен партнер или друг член на семејството.
Авторка: Марта Стевковска
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за жени новинари на ПИНА