На локално ниво се бараат решенија за аерозагадувањето

0
101

Главниот град Скопје често е присутен во медиумите кога се работи за загадениот воздух, но каква е ситуацијата низ другите градови? Разговаравме со граѓани, активисти и преставници на локалната власт од Струмица, Велес, Прилеп и Битола, кои велат дека ситуацијата со аерозагадувањето низ државата во овој период од годината е загрижувачка и потребни се решенија за проблемот.

Во многу случаи, аерозагадувањето е последица на човековите активности во животната средина, кои имаат негативен ефект врз атмосферата (преку испуштање на штетни гасови), при што атмосферата значајно ја менува својата структура. Најчести загадувачи се индустријата, старите возила, моторни горива во сообраќајот и греењето со дрва и јаглен. Состојбата во зима особено се влошува поради непостоење на гасоводен систем, а домаќинствата најчесто се греат на дрва и старите возила многу загадуваат.

Една од позитивните страни е што информираноста за ефектите врз здравјето предизвикани од изложување на различните загадувачки супстанции постојано се зголемува како резултат на истражувачките студии и сè поголемиот интерес и свесноста за здравствениот аспект на загадувачките супстанции во воздухот. Подобриот квалитет на воздухот ја намалува изложеноста на загадувачките супстанции во возудхот, а со тоа и негативните здравствени ефекти предизвикани од загадувачките супстанции.

Во општина Струмица во периодот од 10-17 ноември бројките покажуваат многу висока концентрација на PM 10 честичките. Во прилог е табела со највисоката вредност на концентрација на PM 10 честички на дневно ниво.

Инаку, 24 часовната гранична вредност е 50 mg/m3.

Иако околу 400 домаќинства, болницата, сите основни, средни училишта и детските градинки во општината се греат на гас, ситуацијата и натаму е алармантна.

Во разговор со градоначалникот на општина Струмица, Костадин Костадинов, тој изрази загриженост за состојбата со аерозагадувањето и рече дека греењето на гас е единственото еколошко решение во однос на греењето во домаќинствата. Тој рече дека општината дава 100 евра субвенција за приклучок на гас во домаќинствата, а сумата за приклучок е 1600 евра. Градоначалникот Костадинов вели дека до крајот на неговиот мандат целта е да се дуплира бројката од 400 домаќинства.

„Едно од можните решенија е посадување на бршлен околу училиштата и градинките.
Бршленот е научно докажано дека придонесува против аерозагадувањето, особено во
зимскиот период кога листопадното дрво е како предмет и не помага против загадувањето. Анализи покажуваат дека на бршленот му требаат од три до шест месеци за да покаже ефект и дека до 60 проценти на акутно загадување се решава само со бршленот. Загадувањето ќе постои се додека не се крене свеста кај граѓаните. Ќе бидат мапирани и потенцијалните загадувачи кадешто за секое загадување ќе бидат сносени санкции. Истовремено, и дивите депонии се оние коишто многу загадуваат“.

Од Еколошкото Друштво Планетум за ПИНА велат дека последиците од загадувањето на воздухот може да бидат различни и краткотрајното и долготрајното изложување на суспендирани честички може да влијае врз здравјето. Зависно од нивната големина, суспендираните честички може да навлезат во белите дробови и крвотокот и да предизвикаат негативни ефекти врз респираторниот, кардиоваскуларниот, имунолошкиот и нервниот систем.

„Граѓаните на општина Струмица се повеќе стануваат свесни за проблемот од загадувањето на воздухот, но за жал мораме да констатираме дека тоа не се рефлектира и во нивните постапки, бидејќи сето тоа е декларативно, но во пракса не се забележува или многу малку се забележува дека тие се свесни за проблемот. Еве како прост пример ќе спомнеме дека граѓаните во најголем процент користат огревно дрво што од економска гледна точка и можат да се разберат ако се земе предвид дека дрвото е меѓу поефтините енергениси, но зошто ако тргнуваат од оваа логика не престанат да ги користат автомобилите како превозно средство и повеќе се ориентираат кон велосипеди, јавен транспорт или други опции со што загадувањето би било помало“.

Тие велат дека се залагаат за намалување на бројот на диви депонии во регионот.

„Се залагаме отпадот како што се пластични фолии, гуми, отпад од мебел со бои и лакови да не се согорува, туку дека треба соодветно да се селектира и да се рециклира, а ако не е можно тоа, соодветно да се депонира. Придонесуваме и да се збогатат зелените површини во општина Струмица, со засадување на поголем број на тревни површини, цвеќиња и дрва со што на одреден начин помагаме во намалување на загадувањето“.

Убедени се дека ниедна општина во Македонија не се справува добро со овој проблем.

„Ова е комплексен проблем што бара стратешки пристап и долгогодишно решавање. Но, земајќи во предвид дека општината е прва или втора во Македонија со добро изградена гасоводна мрежа кој е еколошки енергенс, дека субвенционира купување на велосипеди може да се каже дека да, нашата општина има многу повеќе вложено во однос на повеќето други општини од Македонија за овој проблем, но дали е ова доволно, секако дека не е. За да добиеме “почист воздух ” ќе треба повеќе придонес од сите страни, не само институционален туку и граѓански и од бизнис заедницата, заедничко работење кон остварување на целта, без притоа да има пардон кон сите оние загадувачи и непочитувачи на закони“.

Еколошкото друштво додаде дека општината треба да биде водечката сила која ќе ги спои сите заинтересирани страни за решавање на овој проблем и дека сите граѓани, граѓански организации, институции, бизнис сектор, медиуми треба да не гледаат како партнери кои ќе се вклучат и ќе работат во решавањето на проблемот.

„Соработката треба да се издигне на едно повисоко ниво ако треба и со делегирање и на одредени надлежности на одредени граѓански организации (пример едукација на населението) и на другите заинтересирани страни со цел намалување на загадувањето“.

Ситуацијата во општина Велес е подобра, но и таму бројките се негативни

Малку подобра е ситуацијата во општина Велес во однос на концентрацијата на PM10 честичките во споредба со општина Струмица, иако и овие се загрижувачки бројки.

Од општината велат дека заради надминување на загадувањето со суспендирани честички во амбиентниот воздух, Општина Велес се одлучи на стратешки приод во детерминирање на загадувањето и изработи Катастар на загадувачи.

„Изработката на Катастарот на загадувачи на територијата на Општина Велес е со цел да се добие база на податоци за состојбата со емитерите и емисијата на загадувачките
супстанции во воздухот, водата, почвата, генерираниот отпад“.

„Во однос на суспендираните честички – TSP, главен заклучок е дека Годишното количество на емитирани суспендирани честички првенствено е резултат на согорувањето на горивото во домашните ложишта – 92,33%, додека мобилните извори и стационарните извори незначително допринесуваат во вкупната емисија на TSP (3,91% и 3,76% соодветно)“.

Во однос на мерки коишто ги превземаат, рекоа дека тоа го прават преку зголемување на новите зелени површини, пошумување, засадување на висока вегетација, често перење на улиците, нови сообраќајни решенија (кружни текови), субвенционирање на физички лица за користење на велосипеди, сончеви термални колектори, инвертори и сл., замена на котелот во општинската зграда од јаглен на пелети и друго.

Во Општина Велес работи Автоматската мониторинг станица Велес 2 во населба Тунел како дел од Државниот мониторинг систем кој го следи квалитетот на амбиентниот воздух во општината.

Од Еколошкото друштво Вила Зора од Велес велат дека граѓаните се исто така дел од проблемот. Голем дел од решението на проблемот тие го гледаат и кај самите луѓе. Тие велат дека начини за подобрување на состојбите има, но потребна е одговорност од страна на самите граѓани.

„Неопходно е почитување на препораките кои институциите им ги даваат на граѓаните.
Значи, ако се даде препорака да се користи јавен превоз наместо индивидуално возило, самите граѓани треба да го направат тоа бидејќи и од нив зависи степенот на загадување. Голем дел од граѓаните, сепак, сѐ уште не се свесни за сопствената улога во проблемот“.

Според нив, граѓанското општество ja опфаќа таа сфера од општеството во која граѓаните слободно и доброволно се здружуваат заради артикулирање и остварување на своите граѓански права и слободи и за задоволување на многубројни човечки потреби.

„Ова опфаќа мноштво организирани групи, социјални движења, различни заедници,
неформални мрежи и претставува комплекс од доброволни организации, синдикати,
професионални здруженија, групи во кои луѓето ги задоволуваат своите потреби бидејќи институциите и бизнисот не се во состојба да одговорат на сите човекови желби и предизвици“.

„Локалната власт кај нас треба многу повеќе да биде отворена за соработка и околу борбата со загадување и генерално со сите загадувачи кои го нарушуваат квалитет на живеење на самите граѓани. Само така заеднички би можеле да делуваме на секој појавен проблем се до негово отстранување. затоа што различните форми на граѓанските здруженија даваат голем придонес за решавање или ублажување на низа проблеми“.

Општина Прилеп со позитивни бројки

Во Прилеп, според овластениот инспектор за животна средина, Цветанка Николоска, нема загадување. Таа спомена дека се вршат редовни инспекциски надзори во инсталациите со Б интегрирани еколошки дозволи и во инсталациитте со елаборати за заштита на животна средина и се следи влијанието на истите врз животната средина и доколку се утврди надминување на граничните вредности на емисии (ГВЕ) во животна средина се наложуваат мерки за доведување на истите во рамките на ГВЕ.

„Од гледна точка на индустриски инсталации не постои голем загадувач на животната
средина. Во моментов најголем загадувач се домаќинствата кои користат цврсти горива за загревање на своите домови“.

Од Еко Свест од Прилеп пак велат дека ситуацијата не е добра и тоа е една од причините зошто тие покренуваат серија од еко акции. Како што напоменаа, досега имаат направено над десет масовни еко акции во околината на градот.

„Дури сега се освестуваме и се справуваме минимално спрема загадувањето, но се надеваме дека ова е само почеток. Се повеќе има еко акции, но без комплетно ангажирање на целото општество, не можеме да продолжиме. Свеста на граѓаните расте, се повеќе и нормално така треба и да биде“.

Локалните власти во општина Битола без одговор, невладиниот сектор со разочарување

Општина Битола без одговори, а од Здружението Движење за одржлив социоекономски развој Глобал од Битола рекоа дека локалната власт не сакаат да го решат овој проблем, немаат капацитет, но и средства.

„Ситуацијата во нашиот град е лоша и Битола е еден од најзагадените градови во Европа. Немаме никаква соработка со општината која загадувачите воопшто не ги казнува. Проблемот може да се реши со затворање на РЕК Битола, користење на чисти горива, намалување на автомобилите во центарот, поттикнување на велосипеди и подигање на свеста“.

 

Во однос на помош од централната власт за овој проблем, од Здружението рекоа дека тие не помагаат и не превземаат ништо освен популистички мерки како климатизери.

Мерната станица пак во Битола покажува најдобар резултат од сите споредени општини.

Автор: Кристијан Трајчов

Овој текст е продукт од проектот “Young Journalists’ Network” имплементиран од Демокраси Лаб. Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.