Ненавремени термини за Ковид тестови на државно

0
70

За неколку месеци ќе поминат две години од почетокот на пандемијата со Ковид-19 во Македонија, а добивањето термини за тестирање на ковид на државна сметка се уште значи и чекање неколку дена за да може да се дојде до тест.

Во текот на овој период многу граѓани предоцна се јавија во болница, што според познавачите е една од главните причини за високата смртност. Дел од граѓаните не можат да си дозволат тестирање на приватно, или други здравствени услуги кои им се потребни.

За доаѓање до термин за Ковид тест на државно, голем број граѓани добиваат термин  дури по седум и повеќе денови, а за дел од нив, доцнењето беше кобно, потврдуваат неколку матични лекари со кои разговараше ПИНА.

Д-р Лилија Чолакова-Дервишова, матична лекарка и претседател на Здружението на приватни лекари на Македонија, за ПИНА го потврдува овој тренд, но и посочува дека последниов месец има позитивен пресврт, и дека граѓаните чекаат помалку време.

“Последниов месец за термин се чекаше од 2-3 дена, а во Скопје, бидејќи е поголем град, некој просек од 4 дена. Тоа не е резултат на тоа дека здравствените власти сменија нешто, туку е епилог на процесот на вакцинацијата и што голем број граѓани го прележаа вирусот“, вели таа и посочува дека за жал најголеми профитери од ваквата ситуација станаа приватните лабаратории и болници.

Според податоци на Министерството за здравство на граѓаните за тестирање на државна сметка на располагање дневно им се над 600 термини, чија бројка секојдневно е различна, а деновиве таа просечно е над 800, што според матичните лекари не е доволно.

Од Министерството за здравство за ПИНА пак велат дека овие тестови се доволни.

Кој има пари ќе се тестира побрзо и ќе се лекува

На проблемот со ненавремените термини за тестирање и испитување на државна сметка, во текот на пандемијата, стигнаа бројни предупредувања од здравствените работници и експертите.

Еден од нив е и доктор Никола Пановски, кој за ПИНА вели дека граѓаните кои што имаат пари нема да чекаат термин закажан за дури седум дена, ако состојбата им се влоши, па тоа ќе го направат во приватна лабораторија, а ако состојбата им е добра, ќе купат брз тест од аптека, за да не останат во изолација, со што нема ни да влезат во евиденцијата.

,,Јас знам колку чинат тестовите и знам дека може да се работи со интерес со многу пониска цена. Приватните лаборатории во меѓувреме се збогатија, а друго прашање е кој се од нив доби дозвола да прави тестирања.

Можеше да интервенира Фондот за здравство, па работите да беа многу поповолни за сите граѓани, но сега е веќе доцна“, вели Пановски, кој укажува и на друг проблем.

,,Поради ваквиот тек на работите има уште еден апсурд – се појавуваат празни термини. Дел од граѓаните одлучиле да не ги чекаат, отишле на приватно, а термините остануваат неискористени за лицата на кои вистински им требаат„, вели Пановски.

Во приватните лаборатории граѓаните оставиле над 25,5 милиони евра само за ПЦР-тестови

А дека приватните лаборатории заработија поприлично покажува истражувањето на Само прашај, А1он и Институтот за комуникациски студии.

Истражувањето покажува дека речиси половина од ПЦР-тестовите во државата се направени во приватните лаборатории. Анализирани се приходите на приватните лаборатории во државава само од ПЦР-тестови од почетокот на корона-кризата до 11 октомври.

Пресметките се направени за десетте најголеми лаборатории, односно за оние што имаат направено повеќе од 6 илјади ПЦР-теста, во периодот од март-април 2020 до 11 октомври 2021 година, со тоа што дел лаборатории, како на пример „Никоб Лаб“ се отворија подоцна и започнаа да вршат ПЦР-тестирања од јуни годинава.

Во пресметките не се вклучени државните лаборатории, односно Институтот за јавно здравје, центрите за јавно здравје, ГОБ „8 Септември“, Судска медицина, итн., иако и таму некои од граѓаните што немаа упат услугите за тестирање ги плаќаа приватно.

Со оглед на тоа што секоја лабораторија има започнато да врши ПЦР тестирања во различен месец од почетокот на корона-кризата, предвид е земена бројката на тестови од извештаите на Министерството за здравство и на Институтот за јавно здравје.

Во ноември минатата година ПЦР-тестовите беа поскапи и се движеа од 3.950 денари („Жан Митрев“, „Биотек“), 2.700 денари во „Систина“, 3.000 денари во „Авицена“…

Сега ПЦР-тест чини од 1.600 денари во „Никоб лаб“, 2.000 денари во „Авицена“, 2.200 денари во „Синлаб“, 2.100 денари во „Систина“, 2.900 денари во „Жан Митрев“…

Од сите досегашни цени на ПЦР-тестови во истражувањето е пресметаа просечната, која изнесува 2.640 денари.

Лабораториите во текот на корона-кризата во земјава направиле 594.725 ПЦР-теста. Ова значи дека граѓаните во десет приватни лаборатории оставиле над 25,5 милиони евра од почетокот на пандемијата, и тоа само за ПЦР-тестирања.

Акција за бесплатни тестови

Како и во многу други случаеви во земјава, кога е во прашање здравјето, во тек е самоинцијативна акција за донирање на бесплатни тестови за граѓаните кои неможат да си го дозволат тоа.

Инцијатор на акцијата е матичниот лекар Ненад Лазаров, кој јавно ги повика и прозва лабораториите кои работат ковид-тестови да се приклучат на акцијата и да донираат, кој колку милува, бесплатни тестови за најранливи категории граѓани.

„Огромна популација наши сограѓани не може да си дозволи! Лично ќе се погрижам да стигнат на право место и фер дисперзирани,“ напиша Лааров на неговиот Фејсбук-профил.

Две лаборатории „Авицена“ и „БиоТек“ веќе се одзвале на повикот.

Тестовите ќе бидат дадени на матични лекари кои, според Лазаров, најдобро знаат каде да ги употребат.

И Лазаров бројни пати, од прва рака ги сподели личните искуства како матичен лекар и укажа дека нема доволно ПЦР тестови за тестирање на државно.

„Немањето ни приближно доволно ПЦР тестови на државно е директен атак врз здравјето на народот и флагрантно кршење на човековите права!

Ниту може рано да дијагностицираме, ниту пак да изолираме, со тоа свесно и намерно се пушта цел народ низ вода.

Што да правам со симптоматски пациенти во тие неколку дена, па и недела додека чекаат термин за тест?“, напиша неодамна Лазаров на Фејсбук.

Ќе им плаќаме ли на административците и за тестови за Ковид-19?

Бесплатното тестирање деновиве е повторно топ тема, овојпат за вработените во јавниот сектор, откако Комисијата за заразни болести предложи задолжителна вакцинација на здравствените работници, но и на вработените во јавниот сектор, кои имаат и две опции плус – тестирање за ковид на своја сметка, еднаш неделно или потврда за прележан Ковид-19, но со рок на важност од само 45 дена од заболувањето.

Синдикатите за вработените во јавниот сектор побараа тестови на сметка на работодавачите, а конечната одлука треба да биде донесена на владина седница.

Владата пак деновиве побара од Комисијата дополнителни анализи и засега истата не се планира да биде усвоена.

И приватниот сектор побара тестирање за вработените во овој сектор, но категорично се против трошкот да го покриваат работодавачите.

Стопанската комора повторно побара задолжително брзо тестирање во приватниот сектор, но на сметка на работниците.

Регираа и од Организација на работодавачите на Македонија од каде посочија дека е неоправдано и неприфатливо трошокот за ПЦР тестовите на оние што не сакаат да се вакцинираат да го платат работодавачите.

Автор: Петре Димитров