Изминативе денови заврши главниот дел од настанот Денови на медиумска писменост кој годинава се одржува по трет пат, со фокус на децата и младите, а во организација на Мрежата за медиумска писменост и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ).
Генералната тема која овојпат беше посветена на децата и младите, од АВМУ посочуваат дека е мотивирана од најновиот развој на полето на медиумската писменост во земјава, односно официјалното влегување на медиумската писменост во курикулумот за основно образование, како пристап во предавањето.
Мноштвото настани како работилници, дебати, вебинари и слично, на Денови на медиумска писменост започнаа со претставување на проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“.
Директорот на проектот Михајло Лахтов за ПИНА објаснува дека сите анализи покажуваат дека најдобар одговор на дезинформациите и пропагандата се образовани млади луѓе кои развиваат критички пристап кон информациите.
„Медиумската писменост им помага на учениците да станат помудри конзументи на медиумски содржини, но исто така и да станат подобри креатори на нивните сопствени содржини“, вели Лахтов.
Она што е многу важно, според него е дека медиумската писменост им помага на учениците како критички да размислуваат.
„Анализирајќи ги медиумските содржини, низ дискусија на часовите, тие доаѓаат до заклучоци за типот на содржините кои ги гледаат, слушаат или читаат, кој ги правел и со каква цел, какви идеи и ставови тие медиумски содржини им пренесуваат, што е вклучено, а што не, во информацииите кои ги добиваат“, додава тој.
Па така, Лахтов вели дека проектот во следните пет години ќе работи на воведување на концептот на медиумската писменост во формалното и неформалното образование.
Целта на ова е да им се помогне на младите да стекнат вештини и знаење со кои полесно ќе се снајдат во медиумскиот и дигиталниот свет, но и ќе се заштитат од манипулации и злоупотреби.
Програмата, како што посочува Лахтов, ја спроведува американската организација ИРЕКС која има големо искуство во работата со медиумски и граѓански организации од Балканот, заедно со Македонскиот институт за медиуми, Институтот за комуникациски студии и Младинскиот образовен форум.
„Иако веќе речиси дваесет години, многу организации, вклучително и нашите партнери во проектот, работат на подигање на нивото на медиумската писменост, за првпат имаме проект кој во тесна соработка со Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, ќе вклучи содржини поврзани со медиумската писменост во наставните програми на повеќе предмети на сите нивоа во основното, средното и високото образование. Исто така, проектот ќе работи на обука на наставниците и создавање ресурси и прирачници кои ќе им помогнат на најсоодветен начин да ги пренесат овие содржини на учениците“, објаснува Лахтов.
„Младите размислуваат“ се надоврзува на веќе постоечкиот пристап на ИРЕКС за обука за медиумска писменост – „Учиме да распознаваме“, посочува Лахтов.
„За разлика од традиционалните пристапи, Учиме да распознаваме ги приспособува обуките, наставните програми, ресурсите за наставници, игрите и онлајн курсевите на потребите и навиките на луѓето во различни средини и општества. Овој концепт е многу повеќе од проверка на факти; ние користиме примери од локални медиуми и им помагаме на луѓето да ги препознаат предрасудите и емоционалната ранливост на манипулации што сите ги имаме, како и да разберат како функционираат медиумите, вклучувајќи ги и социјалните мрежи“, додава Лахтов.
Заедно со Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, директорот на проектот вели дека ќе работат на вклучување на медиумската писменост во формалното образование.
„Но и преку веќе постоечките младински клубови ќе работиме во неформалното образование, преку најразлични обуки, работилници, игри, натпревари и дебати, кои ќе го поттикнуваат критичкото размислување и аналитичкиот пристап кон медиумските содржини“, додава тој.
Многу важен чекор за создавање квалитетни кадри и едукатори кои ќе ја продолжат оваа програма во иднина, според Лахтов ќе е вклучувањето на медиумската писменост во универзитетските наставни програми, особено во студиите за млади и идни новинари, како и во обуката на идни наставници.
„За да бидеме сигурни дека гласот на младите ќе се слуша најмногу, избравме советодавно тело составено од млади луѓе на различна возраст, кои претставуваат различни заедници од различни делови на државата. Го нарековме тим – Учиме да распознаваме или УРА тим. Нив ќе ги консултираме во секој дел од програмата за да бидеме сигурни дека се што правиме ќе биде од младите, за младите“, најавува тој.
Инаку, од АВМУ за ПИНА објаснуваат дека целта на настанот е иста со целта и поради која се формирала Мрежата за медиумска писменост. Односно, за да се олесни комуникацијата и консултацијата меѓу различните субјекти кои работат на подигнување на нивото на медиумска писменост на сите граѓани.
„И да придонесе за почеста соработка меѓу релевантните чинители и за подобри и поодржливи резултати од проектите. Дополнително, преку Деновите на медиумска писменост сакаме да постигнеме поголема видливост и дисеминација на активностите кои ги имаат членките на Мрежата преку целата година“, велат од АВМУ.
Во активностите учествуваше и организацијата ПИНА која заедно со Планет-М одржа вебинар на тема „Фестивалите како начин на доближување на медиумската писменост на младите“.
Автор: Мартин Колоски