Четири компании поднеле изјава или дополнение на изјавата, со која ја декларираат сопственичката структура во која има носител на јавна функција, соопштија денеска од Фондот за иновации и технолошки развој.
Тие на 24 јули ги повикале 77-те компании – апликанти, добитници на средства од првиот повик од Планот за економски раст – трет столб, да се изјаснат дали во својата сопственичка структура имаат лице коешто е носител на јавна функција, или член на негово потесно семејство.
Изјава поднеле „Микросам Прилеп АД“ – Веле Самак, акционер, екс министер без ресор, задолжен за странски инвестиции во Владата, функцијата ја извршувал заклучно со 30.05.2017 година, потоа „Контура ДОО Скопје“ – Елена Донева, сопственик, член на потесно семејство на Јован Донев поранешен амбасадор во МНР, кој функцијата ја извршувал заклучно со 28.02.2017 година.
Се пријавила и фирмата „Т-Сенс консалтинг ДОО Скопје“ каде малцински содружник е Мерита Адеми, член на потесно семејство на Асаф Адеми, кој е министер за култура во Владата од 01.06.2018 година. Од страна на компанијата до Фондот е доставено и известување за извршена промена на сопственичката структура односно бришење на лицето Мерита Адеми од истата.
Како дополнение на изјавата, во посебен документ, Христина Керкез, еден од сопственици на „Декодикс ДОО експорт – импорт“ Скопје исто така декларирала поврзаност, како член на потесно семејство на Цветанка Ласкова, посебен советник во Канцеларијата на Претседател на Владата, иако советничката формално не е носител на јавна функција.
Од Фондот известуваат дека инвестициските проекти на овие четири компании ќе бидат повторно доставени на разгледување до Комитетот за одобрување на инвестиции, според критериумите за селекција и согласно правилниците на повикот.
„За останатите компании од првиот инвестициски бран што доставиле изјава во која нема носител на јавна функција и/или член на негово потесно семејство во сопственичката структура продолжува постапката за склучување на договори за реализација на инвестициските проекти. Исплатата на средства, согласно процедурите на Фондот, ќе се реализира квартално. Првата рата ќе се исплати веднаш по потпишување на договорите и достава на доказ од страна на компаниите дека е уплатен нивниот финансиски удел. Остатокот од средствата ќе се исплаќа по доставен квартален извештај од компаниите за наменско искористување на средствата и реализирана контрола од страна на Фондот“, се вели во соопштението.
ПИНА објави дека функционерите имале можност да побараат проверка дали имаат судир на интереси пред да аплицираат во Фондот за иновации и технолошки развој, како и дека Фондот имал информации за сопственичката структура на компаниите. Погледнете ја видео сторијата за случувањата со Фондот на следниот линк.