Пандемијата со ковид-19 на многумина значајно им го промени животот, но за лицата со хендикеп ваквата криза создава дополнителни предизвици и проблеми во општеството.
Искра Донева се бори со церебралната парализа. Таа нема контрола врз мускулите и движењето. Има редовна работа, две магистерски и не престанува да пишува и да се надоградува себеси. Пандемијата на корона вирус за неа претставува, како што вели време каде што може да се посвети на самата себеси. И покрај болеста, таа се смета себеси за темпераментна личност и сака да го минува времето надвор од дома.
„Среќа во несреќа е што сум си сама себе најдобро друштво, па така наместо да се вознемирувам околу новата состојба на карантин и изолација јас си го насочив вниманието кон самата себеси. Зедов време за себе и како што во „нормални“ услови не пропуштам ни еден настан во градот (театар, опера, музички концерти), едноставно културата дојде во нашите домови, затоа што сепак задоволството да се посетуваат внесуваше и напор да стигнам со превозот , но со оваа можност да ги гледам онлајн, видов придобивка. Сега тоа се надополни и со едукативни курсеви , семинари , како и контакт со пријателите преку зум платформата. Колку и да бевме невешти со снаоѓањето со тие за нас нови алатки, јас се чувствував блиску до своите пријатели“, истакнува таа.
Соочени со безброј предизвици
Иска со својата дијагноза припаѓа во ризична група, каде и обичен грип и предизвикува потешкотии. Потребни се и месеци за да може да заздрави. Таа стравува дека вирусот ковид 19 би можел да предизвика поголеми проблеми за неа.
„Од јуни ги почувствував првите знаци на криза. Многу луѓе трауматично го доживеаа карантинот, и ако за мене не беше тоа ништо ново, јас и претходно така живеев, како во домашен притвор. Мене и онака ми беше ограничено движењето без некој да ми става казни и заплашувања. Во мојот живот не се случи ништо драматично. Но изгубив осет за тоа кој ден е, какво е времето надвор. Искушение беше кога требаше да се отиде до банка или до лекар. Но се гордеам за начинот за кој успеав да се справам со сите предизвици иако тоа значеше физички и емоционален труд. Но го имав на памет тоа дека останувањето дома ми е најефикасната заштита од вирусот и не можев да држам растојание бидејки ми беше потребна помош од друго лице. Се посветив на тоа што и впрочем секогаш го правам, читање, пишување, себенадоградба, учење, планирање на иднината“, дополнува таа.
Искра вели дека на почетокот од пандемијата успеала добро да се приспособи , но она што и недостигало е дневната активност, сонцето, природата и нејзините драги луѓе. Но имало и соседи кои и оставале храна на нејзината врата, без таа и да го побара тоа. Вели дека колку и да била ситуацијата тешка, ја радувала поддршката од околината. Искра меѓу многуте потешкотии, се соочила со уште еден голем проблем кога нејзината мајка, која е пациент 2 години во геријатрија била заразена со Ковид 19. Таа обично ја посетувала 2/3 пати неделно, но овојпат тој период е многу подолг.
„Останува да се тешиме, јас неа-таа мене. Но битките продолжуваат. Тешко е но сфатив дека многу пораснав внатре духовно во себе, дури сум и благодарна за попреченоста во време на корона затоа што тешките моменти не прават посилни. Се надевам дека во новата година ќе се разбудиме од овој кошмар, ќе излезам посилна, поздрава по искусна и попотготвена за да се справам со сите предизвици и се надевам дека ќе најдам начин да направам промени во мојот живот за да живеам поисполнет и посреќен живот. Се надевам дека сето тоа ќе го направиме сите ние. Иако многу луѓе се пожалија дека се попопречени од нас, во време на корона.“
Недостаток на сервиси за поддршка
Полио Плус е граѓанска организација на лица со и без хендикеп која работи на суштинско поврзување и целосно остварување на основните човекови права и слободи на лицата со хендикеп. Нивната мисија е јакнење на самодовербата на лицата со хендикеп и креирање на општество со еднакви можности за сите. Тие велат во време и услови на пандемија, државата и институциите треба да ги спроведат обврските , но и да ги преземаат сите неопходни мерки за да обезбедат заштита и безбедност на лицата со хендикеп .
„ Сите институции треба да ги преземаат неопходните мерки за да обезбедат заштита и безбедност на лицата со хендикеп во ситуации на опасност, вклучено и ситуации на воени конфликти, хуманитарни итни случаи и при појава на природни катастрофи“, велат оттаму.
Во врска со предизвиците, во улови на пандемија заедницата со хендикеп се соочува со голем број на предизвици во сите области.
„Предизвиците се околу социјалната заштита и недостатокот на сервиси за поддршка за заедницата со хендикеп, пристапноста и медицинската заштита, како и начинот на обезбедување на потребните медикаменти, кои најчесто истите ги набавуваат од надвор. Скромната здравствена заштита која ја обезбедуваше државата сега е недостапна.
Исто така тука е предизвикот околу обезбедување на ортопедски помагала, опрема или комуникациска техничка опрема. Економската состојба е исто така дополнителен предизвик. Од страна на државата не се планираат мерки со кои би се заштитала нивната економска сигурност. Социјалните мерки во поглед на финансиски бенефиции се недоволни за големиот број на луѓе кои треба да ги ангажирате поради ваша и нивна заштита како и за набавка на неопходните суплементи“, велат од ова здружение за ПИНА.
Тие поднеле неколку иницијативи за унапредување на правата на лицата со хендикеп до Владата, како и до ресорните министерства. Предложиле и неколку мерки за унапредување на вработливоста, како и мерки за заштита на вработените со хендикеп.
Автор: Маја Терзиова
Текстот е дел од Програмата за менторска поддршка на млади новинари на ПИНА поддржана од Civil Rights Defenders.