Во периодот од започнување на вонредната состојба јавноста беше многу малку запозната за начинот на донесување на одлуките и мерките кои се предвидуваа со нив. Иако беше константно информирана за нив, сепак во одреден период се појави конфузија и можност за манипулација и дезинформации за упатствата кои беа давани од страна на националните власти, не само во однос на уредбите и мерките, туку и во однос на препораките, се вели во анализата на здружението ,,Импетус“ на владините уредби донесени за време на вонредната состојба.
Според анализата на организацијата, бројот, сумите и процедурата за тековните јавни набавки биле константно предмет на дилема, а типот на економските мерки кои беа донесени, а особено субвенциите, биле недоволно транспарентни, односно немало приложување на конкретна анализа за нивната оправданост.
,,Во интерес на отчетноста, на јавноста и се потребни објаснувања зошто одредени мерки беа донесени. Особено што дел од нив беа повлекувани, менувани и одново презентирани. За детектирање на сите слабости и ризици потребно е да се направи една сеопфатна анализа, и тоа по сектори, за да се увиди каде и како точно националните власти ги насочувале мерките, субвенциите, помошта и колку и како таа е оправдана и транспарентно донесена како одлука. Оваа анализа дава придонес кон истражувањето на ваквите аспекти, но фокусот ќе биде кон економските мерки и политики и потенцијалните претпоставени корупциски ризици кои произлегуваат од нив“, се вели во анализата на владините уредби спроведени во акцијата „Антикорупциски политики и ризици во време на вонредна состојба“.
Импетус ги сместува сите 57 донесени владини економски мерки во 9 области, при што најмногу од нив, и тоа дури 41 мерка се однесуваат на финансии во кои влегуваат разни видови директна финансиска помош за разни категории граѓани, ослободувања од даноци и давачки, признавање на трошоци, замрзнување или намалување на плаќања и рати итн.
,,И општините ги зафати економската криза предизвикана од јавно здравствениот проблем. Нивниот одговор беше задоцнет. Како и сите останати субјекти и институции во општеството, па така и општините не беа подготвени, а проблеми се појавија и во процесот на адаптација од различна природа (технички, кадровски, материјални, финансиски). И тоа е секако очекувано, имајќи предвид дека државните институции се задолжени за стратегијата и политиката на справување со кризата и последиците од неа, па општините само треба да ги спроведуваат и да се адаптираат на мерките кои се носат на централно ниво. Од друга страна, поради намалувањето на приливите во буџетите, општините не можеа и сеуште не можат да си го дозволат луксузот да нудат финансиска помош за намалување на последиците од корона кризата“, се вели во документот.
Новите економски мерки мора да посветат повеќе внимание на сиромашните
Според препораките на анализата, новите економски мерки мора да бидат насочени кон социјалните вредности на државата, односно да посветат повеќе внимание на сиромашните граѓани. ,,Во државата има високи социјални разлики, потребни се системски промени за решавање на сиромаштијата, односно социјален систем во кој побогатите ќе плаќаат поголеми даноци, а помошта да оди каде што е потребно.“
Преку мониторингот кој го вршело здружението Импетус на општинско ниво во однос на спроведувањето на владините уредби, се утврдило дека кризата и сите последици кои настанаа, како што е ограничувањата на движењето, намалувањето на обемот на работа, намалената потрошувачка, рестрикциите на работни места во многу сектори и сл., не ги оставило без последици ниту единиците на локалната самоуправа.
,,Општините се финансираат од сопствени извори на приходи, дотации од централниот буџет и од буџетите на фондовите и со задолжување“, се вели во нивната анализа изработена во рамки на проектот „Граѓански организации и медиуми против корупција – Коалиција за нулта толеранција“, поддржан од Европската Унија, спроведуван од Транспарентност Македонија и НВО Инфоцентар.