Итни договори и тендери со еден понудувач – чести за време на кризата со корона

0
252

Во периодот од март до октомври годинава, стотина државни институции и јавни органи склучиле над петстотини договори за јавна набавка по пат директни преговори поради крајна итност, чија вкупна вредност надминува 8 милиони евра. Како што утврдил Центарот за граѓански комуникации, во над една третина од овие постапки, на преговори била повикана само една компанија, со која потоа бил склучен договор. Според експертите, со непочитување на начелата на конкурентност и економичност јавните пари се трошат нерационално и постои ризик од корупција.

Во периодот од март до октомври годинава, кога беше прогласена вонредна состојба поради пандемијата од корона вирусот, се одржааа предвремени парламентарни избори и се избра нова политичка Влада, вкупната вредност на спроведените тендери изнесува 635 милиони евра. Но, според анализата на Центарот за граѓански комуникации, во истиот период стотина институции склучиле 523 договори со 204 фирми во вредност од 8,1 милиони евра во постапки со директни преговори поради крајна итност, главно од областа на здравството.

Патем, во 39 отсто од овие 523 договори, или конкретно во 203 постапки, не се обезбедила конкуренција, што подразбира и потенцијални заштеди по пат на конкурентен натпревар, бидејќи на преговори била повикана само една фирма. Згора на тоа, во две третини (68 отсто) од договорите по итна постапка без оглас, институциите го прекршиле Законот за јавни набавки, од причина што, како што утврдил Центарот, не ги објавиле известувањето дека склучиле договор и самиот договор во законскиот рок од десет дена по склучувањето на договорот. Воедно, нотирани се разлики во цените кај исти производи – маски, ракавици, униформи и други производи.

Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации, кој долги години врши мониторинг врз трошењето на јавните пари, вели дека обезбедувањето конкуренција на тендерите е можеби најважното начело врз кое треба да почиваат јавните набавки како своевиден предуслов за постигнување повисок квалитет и пониски цени. Оттука, потенцира тој, секоја државна институција треба да вложува максимални напори за да има што повеќе понуди на тендерите. Во спротивно, според него, јавните пари се трошат нерационално и постои ризик од корупција. Ова е важно дури и во случаите, како што беа јавните набавки поврзани со КОВИД-19, кога законски не е предвидено колку учесници може да има на тендерот.

Кога се набавува според постапката со преговарање без објавување оглас, институциите можат да вклучат само еден понудувач со којшто ќе преговараат. Но, за да ги запазат начелата на кои се темелат јавните набавки – економичност, ефикасност, конкуренција, тогаш мораат и во преговарањата да вклучуваат повеќе од една фирма. Во спротивно, ќе се купи само од еден, што не дозволува избор и сериозно се заканува да се купи нешто скапо и со понизок квалитет. На тој начин јавните пари на граѓаните и фирмите се трошат нерационално, а со самото тоа што во тој однос има само две страни, постојат и ризици од корупција, ни изјави Филков.

НАЈМНОГУ ПОТРОШИЛЕ ДВЕ МИНИСТЕРСТВА, НАЈМНОГУ ДОБИЛЕ 5 ФИРМИ

Инаку, најмногу тендери поврзани со здравствената ситуација во наведениот период склучило Министерствата за внатрешни работи, кое за овие 8 месеци склучило 10 договори во вкупна вредност од над 2 милиони евра. Според Бирото за јавни набавки, Министерството во кон крајот на март го склучил и најголемиот ваков договор во износ од 1.1 милиони со прилепски „Гифти Текст“ за набавка на хируршки маски за еднократна употреба, чија поединечна постигната цена изнесусвала 20 денари по парче без ДДВ. Во рамки истата постапка, бил склучен договор и со „Биотек“ од 655 илјади евра.

Потоа следува Министерството за здравство, кое впрочем склучило двојно повеќе итни договори во споредба со МВР, односно 21, меѓутоа со двојно помала вкупна вредност од 729 илјади евра. Имено, ова Министерство во мај склучи договор со „Соникс Анастасија“ за набавка на медицинска опрема –  2 РТГ мобилни апарати, во вредност од 198 илјади евра. Покрај тоа, тоа склучи и повеќе договори со разни компании за тестови и брисеви, монтажни контејнери, монтажно модуларен клинички оддел итн.

Во листата на државни органи со најмногу потрошени пари на ковид-тендери во итна постапка влегуваат и Клиниката за трауматологија, Центар за јавно здравје-Скопје и Градска болница 8 Септември, кои вкупно склучиле 128 итни договори во вкупна вредност од 4,3 милиони евра, што претставува 55 отсто од вкупната вредност на овие набавки. Од друга страна, според извештајот на ЦГК, договори за ваков тип на набавки склучиле 204 фирми, меѓутоа скоро половина (42 отсто) од вкупната вредност на договорите им припаѓа на 5 компании, што говори за доминација на неколку компании.

Секоја институција треба да се стави во улога како кога купуваме нешто ни треба за дома, од наши сопствени пари. На почетокот од кризата и ние како граѓани баравме маски насекаде оти не беа достапни и моравме да плаќаме и по 35 денари за една маска. Но, како што кризата траеше и тој почетен шок помина, така и достапноста на производите се подобри и цените паднаа. Институциите треба да ги следат овие пазарни движења и соодветно да постапуваат. Да се види кај нив намера низ набавката да го купат она што е најисплатливо и најекономично – посочува Филков.

ДА СЕ ПРИМЕНУВААТ РЕДОВНИ ПОСТАПКИ ИЛИ ДА СЕ ПРЕГОВАРА СО ПОВЕЌЕ ФИРМИ

Пресметките говорат дека во овој период просечниот број понудувачи со коишто се преговарало пред да се склучат договорите за итни набавки изнесува 3,02. Меѓутоа, овој просек го креваат постапките каде биле повикани исклучително голем број на компании, од причина што повеќе од една третина од договорите биле склучени по преговори со само еден понудувач. Па, на почетокот од кризата во март со преговори со само една фирма завршиле дури 63 отсто од итните постапки, по што овој процент постепено се намалуваше со текот на кризата, за во септември да се искачи на високи 45 отсто.

Во тој контекст, доколку МВР во двете веќе споменати големи набавки обезбедил конкуренција од неколку компании, тоа не го сторил за други помали тендери. Проверките во системот на јавни набавки откриваат дека Министерството во март набавило средства за дезинфекција за 73 илјади евра од „Алкалоид“ како единствен понудувач. Дополнително, истиот месец, на ист начин, овој ресор набавили автоматски апарат за дезинфекција за раце од „Гемакс Интернационал“ од скоро 18 илјади евра.

На ист начин постапила и Владата, која ја повикала на преговори само „Клин Кат“ за да склучи договор за дезинфекција на возила и објекти од 58 илјади евра. Исто така, и владината Служба за општи и заеднички работи склучила договор со „Лиса Ком“ од 22 илјади евра како единствен учесник/преговарач/понудувач. Понатаму, набавки со еден преговарач спровеле и Министерството за одбрана, Дирекцијата за заштита и спасување, Град Скопје, Општина Бутел, Центарот за јавно здравје и многу други кои повикале само еден понудувач, без да обезбедат конкуренција.

Кризата донесе доста проблеми и закани за злоупотреби при набавките, но таа исто така може да се искористи и за поуки. Имавме големи разлики и цени повисоки од пазарните; имавме многу тендери со по еден понудувач; имавме концентрација на договори кај малку фирми; несоодветни набавки во смисла на тоа која институција за каква заштита треба да набави средства итн. Тоа што може како лекција да послужи во иднина е да се следи здраворазумската логика и да се набавува тоа што навистина е потребно, со рационално трошење на туѓите пари, во случајот – парите на граѓаните и фирмите – објаснува Филков.

УРЕДБИ ЗА НАБАВКА НА МАСКИ И РАКАВИЦИ, ТЕНДЕРОТ ЗА РЕСПИРАТОРИ ПРОПАДНА

Во услови на вонредна состојба во земјата и распуштен Парламент, Владата донесе вкупно 250 уредби со законска сила, од кои четири се однесуваа на јавните набавки. Всушност, две од нив ги донесе на владина седница одржана на 1-ви април годинава, при што првата Уредба се однесуваше на интервентна набавка на 2.000 заштитни маски дневно за цена од 25, односно 40 денари. Втората уредба, пак, предвидуваше набавка на медицински ракавици од приватни компании, кои мораа да ги продадат на Владата со заработка од 10 отсто од нивната увезена вредност.

Арно ама, остана нејасно дали некој воопшто се пријавил на огласот за маски и дали тие биле набавени, а нема ниту една информација објавена каде било во врска со набавките за ракавици. Затоа, се обративме до Владата, од каде велат дека владиниот Генерален секретаријат објавил два јавни повици за набавка на заштитни маски, но ниту еден од нив не беше реализиран, односно не се направи избор и не се набавија маски. Во однос на делот од прашањето за ракавици, не добивме одговор.

Само два дена подоцна, односно на 3-ти април, беше донесена и Уредба со која се задолжи Министерството за здравство да спроведе набавка на 200 респираторни машини по цена од 25.000 евра. И покрај тоа што Министерството избра две фирми кои нудеа вкупно 31 респираторна машина, на крајот набавката се поништи бидејќи фирмите не беа во можност да ги испорачаат машините во рокот од договорот, односно 30 дена од неговото потпишување. Иако опозицијата обвинуваше дека се работи за коруптивна набавка, Министерството тогаш најави дека ќе и предложи на Владата пак да ја спроведе набавката, тоа не се случи.

Според информациите што ги добивме од Министерството, на почетокот на епидемијата јавното здравство имало на располагање 120 респиратори, но во меѓувреме пристигнале серија на донации: од ЕУ и НАТО пристигнале вкупно 80 респиратори, од Норвешка 20, од УНИЦЕФ 10, од Германија 8, додека четири македонски компании донирале 85 апарати. Во моментов, велат од ресорот здравство, земјава има доволен број на респиратори,  па затоа воопшто нема потреба од јавна набавка.

На институциите мора да им се понудат насоки и прирачници за постапување при кризни набавки, а треба да се размисли и т.н. групни набавки за набавка на исти производи и услуги што им се потребни на различни институции. Пример, во здравството да се набавеа исти заштитни средства за сите установи или барем да им се посочеше на одделните установи какви средства да набавуваат за да им обезбедат соодветна заштита од коронавирусот – порачува вели Филков, истакнувајќи дека секоја институција со зголемени набавки во кризата да изработи внатрешни правила за вакви слични набавки во иднина.

Автори: Влатко Стојановски и Кристина Озимец

Овој текст е изработен во рамки на проектот „Антикорупциски политики и ризици во време на вонредна состојба“ на Здружение ИМПЕТУС, спроведуван од Транспарентност Македонија, а финансиран од Европската унија. Содржината на објавениот материјал е единствена одговорност на авторите и на никаков начин не ги одразува гледиштата на ЕУ.