Онлајн со културата во време на пандемија

0
725
Кате Антипа, „ Поглед на Егејско море“, сито-печат, 1982

Во време на светска пандемија предизвикана од вирусот Ковид 19, која ги затвори луѓето во своите домови и забрани јавни собири, културните институции во земјава бесплатно прикажуваат дел од нивниот програмски репертоар на своите интернет канали и така продолжуваат да комуницираат со својата публика.

Поради моменталната состојба во која што се наоѓа нашата земја секојдневно расте трендот на онлајн активности на нашите културни институции кои решија да дадат придонес и олеснување во овие тешки мигови. Големите национални установи поставуваат дел од својот реперотар на јутуб канали, но и помалите продукции кои грчевито се борат за своето опстојување имаат јасна цел, во време на вонредна состојба тие решаваат преку културата да допрат до публиката.

Театарската група „Пресврт“, интензивно ја подготуваше претставата „Иднината е приватна“, но новите услови ја одложуваат нејзината премиера. Сепак комплетната екипа на претставата, кои спроведоа и краудфандинг кампања за поддршка, не застанува со активностите во очи на 27 март Светскиот ден на театарот.

„Пробите веќе две недели ги држиме по платформи, гледајќи се преку камера. Во тек е и кампањата преку која собираме средства за финансирање на овој наш проект. Тоа е првата наша претстава и со оглед на тоа што 27 март Светскиот ден на театарот, е пред нас, сакаме симболично да го одбележиме и да поканиме заинтересирани луѓе, љубители на театарот, да ни се придружат на пробата со следење, но и учество во истата“, вели Милош Андоновски, театарски режисер и основач на „Пресврт“.

Во оваа тешка ситуација тие се дел од институциите кои ги охрабруваат гледачите и ја пренесуваат својата позитивна енергија, се со цел подобро да се надмине состојбата.

„Станува збор за истражувачки процес во кој  дискутираме, истражуваме, читаме на темата за иднината и развојот на општествените сфери во времето кое допрва ќе дојде. Со „Отворената проба“ веруваме дека публиката ќе се здобие со увид во тоа како изгледа еден театарски процес, како се прави претстава, како изгледа една проба и на тој начин ќе им се смени перцепцијата за театарската уметност и нејзините процеси (актерскиот, режисерскиот, продукцискиот) – дополнува Андоновски.

И Скопје танцовиот театар преку својот интернет канал ги емитува своите претстави и со својот репертоар на претстави дава придонес во тешките мигови со кои се соочува нашата земја.  „Wrong“ и „Sketch“ во кореографија на Адријана Данчевска, „Луцидниот Јос“ во кореографија на Дејан Битровски, „Котел“ , „Егзистирање“и „Идентитети“ во кореографија на Рисима Рисимкин и „Ноември“ и „Fresh and bone“ на кореографот Симон Кубан од Чешка, се дел од претставите кои ги емитува овој танцов театар.

 

„ Скопје танцовиот театар, како и останатите во културниот сектор, се соочува со навистина неочекувано, тешко време. Ние се трудиме да останеме активни и во ова време кога е препорачано да седиме дома, сакавме да стигнеме до гледачите. Сакаме да ја споделиме уметноста и креативноста и да им го олесниме времето поминато дома на сите љубители на танцот, а се надеваме дека ќе стекнеме и следбеници. Со таа мисла и цел, се одлучивме за постирање на сопствени продукции на нашиот јутјуб канал“ – изјави Рисима Рисимкин, уметничка директорка на Скопје танцовиот театар.

Музејот на современа уметност е затворен за јавноста, но ја остварува комуникацијата отворена преку социјалните мрежи со споделување на својата колекција. Иако директниот контакт е пресуден за институција како Музејот, сепак преку прикажувањето на својата ретки и богати врвни дела, веќе десетина дена допираат до публиката. Музејот ги покрива сите географски простори, не само светските центри, со што колекцијата е автентично меѓународна.

Душан Оташевиќ, „ Венера ја плакне детергентската пена“, боено дрво, 1970

Дејвид Хокни, „Портрет“, цртеж, 1967

Кате Антипа, „ Поглед на Егејско море“, сито-печат, 1982

Мира Гаќина, директорка на Музејот на современа уметност

„Оваа светска здравствена криза, која ни го смени живитот на сите, многу силно не погодува. Тоа е сериозен хендикеп, особено за институција како што е нашата. Музејскиот простор е неопходен за да се доживее визуелната уметност, затоа самите музејски објекти се прилагодени да обезбедат, под посебна светлина и со обмислена патека , да се доживее уметничкото дело. Секако не можеме да го компензираме тоа чувство само преку социјалните мрежи или веб страници и генерално низ она што се нарекува виртуелна, интернет комуникација. Она на што ставаме посебен акцент во изминатиов период како стручни предавања, разговори со критичари, уметници, теоретичари, работа со целна група, филмска програма, сега не можеме да го правиме. Интензивната меѓународна соработка што ја развивме исто така ќе мора да биде паузирана.Но, нашите активности покажаа дека можеме да бидеме интересни и конкурентни и на овој начин, се чини дека има побарувачка за нешто што не е банално или ефтино допадливо“ – изјави Мира Гаќина, директорката на Музејот на современа уметност.

Македонска филхармонија постои 75 години како единствен симфониски оркестар и е главен носител на музичкиот живот во земјата и амбасадор на македонската уметност во светот. Во оваа вонредна состојба тие на својата верна публика и ја отвараат богатата архива со цел граѓаните да имаат можност од своите домови и понатаму да бидат во контакт со уметноста. Својата онлајн изведба ја започнаа преку концертот „ Моќта на Заратустра“ и делото „ Така зборуваше Заратустра “ на Рихард Штраус под водство на маестро Антони Вит.

 

 

Виктор Илиески, директор на Македонската филхармонија

„Пораката во оваа ситуација е дека сите треба да бидеме одговорни и за себе и за другите. Ова е време кога треба да покажеме солидарност и сплотеност. Филхармонијата има културна, едукативна и социолошка мисија. Институцијата е поддржана од граѓаните додека ние со објавувањето на концертите и со приспособувањето на моменталната ситуација им даваме можност да се релаксираат, расположат и да го задржат континуитетот на поврзаноста и врската помеѓу уметниците од сцената и публиката. Едни без други не можеме, На овој начин можеме да ја пребродиме заеднички и сложно кризата. Со вселувањето во новиот објект, формиравме и одделение за аудио продукција. Вработивме и најдобар кадар од државата кои се грижат за овековечување на сите програми кои ги реализираме и во големата сала и во камерната сала. Секој концерт има свој аудио и видео запис. Во периодот што следува публиката ќе го има задоволството да ги проследи концертите. Пред се, како уметник кој има многу контакти низ целиот свет, вестите кои се насекаде, поготово во најзагрозените држави како Италија и Шпанија, пораката е да бидеме дисциплинирани, беспрекорно и без исклучок да ги почитуваме сите мерки на Владата, со тоа ќе помогнеме ова зло што побргу да го надминеме“-изјави директорот на Македонската филхармонија Виктор Илиески.

Во овие денови кога културните институции се во не можност да продолжат со својата работа, онлајн програмата е одличен начин да не се запостави театарската, танцовата, ликовната и музичката уметност. Тоа е привремено решение и одличен одговор на моменталната  ситуација во земјава.

„Едвај чекаме да помине карантинот за пред се, да ја продолжиме тековната работа во живо, заедно и во иста просторија. Суштината на театарот е средбата помеѓу изведувачите и гледачите во иста просторија, а онлајн пробите се, само привремено не и конечно решение“дополнува Андоновски од театарската група „Пресврт“.  На што се надополнува Рисимкин од „Скопје танцовиот театар велејќи „Нашата уметност се потпира на креации во кои инструментот е телото, а не можноста за комуникација, исклучува еден дел од постоечките сознанија. Се надеваме дека ќе успееме, пред се да го надминеме овој период, и секако, да извлечеме поуки и да размислуваме прогресивно и продуктивно, а нашиот јутјуб канал ќе остане отворен во иднина. Во меѓувреме – седете дома!“

Автор: Маја Терзиова

Сторијата е изработена како дел од Програмата за жени новинарки, проект кој го спроведува ПИНА со поддршка од Цивика мобилитас. Содржината е единствена одговорност на ПИНА и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат.