Значен број на жени Ромки се соочуваат со низа предизвици на својот пат кон постигнување на родова еднаквост и остварување на своите фундаментални права, на многу полиња од општественото живеење.
На Зелено пазарче, меѓу многуте тезги ја сретнавме нашата соговорничка, енергична средовечна жена, мајка на три деца која работи како продавачка на облека.
„Продавам тука, на Зелен пазар затоа што мислам дека жената Ромка може да работи и може своите деца да ги школува, и да им овозможи тие да не останат уназадени низ времето. Таа не треба да седи дома и да чека од сопругот. И јас имам сопруг, но сепак и заедно го работиме ова, бидејќи по распадот на Југославија, немаше работа и затоа ние почнавме да се бавиме со трговија, за да ги израснеме нашите деца и да ги школуваме, да не им недостасува ништо. Нашето семејство е социjализирано, и едноставно се подржуваме во се – задоволно раскажува таа, замолувајќи не на анонимност за да нема проблем со инспекциите. И продолжува „Имам потешкотии со коишто се соочувам додека продавам, знаете постојат различни луѓе и културни и не културни, некои те буткаат, некои со предрасуди, исто така има и инспектори кои ти ја фрлаат робата и не ти дозволува да работиш, но покрај тоа, не е проблем за мене бидејќи треба од некаде да се егзистира. Патот е тежок но, може да се успее“ – изјави продавачката.
Жените Ромки се уште се соочуваат со потешкотии кога се работи за нивните основни социјални права како и со родовата еднаквост. Според организациите кои работат на проблематиката, околу две третини од жените Ромки на работоспособна возраст не учествуваат на пазарот на труд.
,,Ова укажува дека нискиот ангажман на жените Ромки е резултат на бариери, како што се возраста, структурата на семејството и образованието при конкурирање за работа“, вели Кимет Амет.
Трговијата – решение за економска независност
Според Алдијана Бајрам иако се соочуваат со бројни предизвици како што е образованието на средната генерација бидејќи нивните права на школување беа скратени или оневозможени од нивните семејства, сепак радува фактот дека помладата генерација веќе го зголемува нивото на образованието и сведочиме на бројни магистерски титули на припадничките на ромската заедница.
„Во борбата за независност, особено економската независност, жените Ромки за да можат да бидат конкурентни на пазарот на трудот и да придонесат во своите семејства најчесто се одлучуваат на самовработување особено во делот на трговијата, и со тоа остваруваат финансиски приходи, вели Бајрам истакнувајќи дека на тој начин тие придонесуваат во подобрување на животниот стандард и промовирање на растечките приходи во заедницата во која живеат, како и влијаат кон намалување на социјалната исклученост и маргинализираност, со што континуирано се врши подобрување на својата општествена група.
Со вештини до конкурентност на пазарот на труд
Зајакнувањето на жените Ромки, со цел нивна конкурентност на пазарот на трудот е една од активностите која ја спроведуваат ромските невладини организации за да го промовираат претприемништвото како начин за постигнување на економска независнот. Граѓанската организација „Ромска Асоцијација за Жени и Млади Лулуди“ од Скопје која заедно со „ОРТ‘имплементираше таков проект опфаќајќи ги општините Чаир (Чаир и Топанско поле) Шуто Оризари, Гази Баба (Маџари) и други населени места со побројно ромско население велат „Наша цел е и подобрување на интеграција на жените Ромки преку организирање посебно наменети за нив информативни и преквалификациски обуки“, истакнува Кимет Амет, претседателка на РАЖМ Лулуди.
Според неа „147 жени Ромки покажаа интерес за стекнување различни вештини и искористување на средства за подршка во основање на свој бизнис. На проектот му претходеше инфо кампања преку која ги информираа жените како да се вклучат во активностите и пополнуваа прашалникот со кој ги откриваа заинтересираните жени. Во рамки на проектот се организираа и работилници за самозајакнување за да ги запознаат жените Ромки со основите на родовата еднаквост, работнички права, како и со активните мерки за вработување на жените преку Агенцијата за вработување“, не информира Амет.
Овие обуки на пазарот на труд профилираа 23 жени Ромки со сертификати и вештини конкурентни на потребите на работодавците. Преку обуките „овие жени Ромки стекнаа вештини за шиење и кроење, за фризерски услуги, маникир и педикир, како и добија обуки за компјутерски вештини. Имавме и обука за комуникациски и презентациски вештини неопходни пре барањето на работа, како и креирање на CV и мотивационо писмо, и подготовка на жените за интервју за работа“, вели Амет.
„Но, за да се подобри конкурентноста на пазарот на трудот неопходи се повеќе промени и да се креираат посоодветни програми кои ќе ги препознаат потребите на жените Ромки“, препорачува претседателката на РАЖМ Лулуди. Таа посочува дека „Со пунктови на локално ниво населението ќе има поблизок пристап до тие информации што Агенцијата за вработување ги нуди како активни мерки. И уште една потреба и многу битна за нашите жени е можноста за неповратни финансии како и подолг период на менторирање од страна на стручни тимови каде што ке им се даде можност на жените да се охрабруваат да го развијат својот бизнис и да вклучат други жени во своите фирми и претпријатија“ – истакнува таа.
„Повелете повторно кај мене да пазарите кога ќе доаѓате на Зелен пазар, имам квалитетна облека“, не испрати нашата соговорничка која секојдневно се бори за економска самостојност, но и со сите други стереотипи и предизвици во нашето општество.
Автор: Џемилиана Абдулова
Сторијата е изработена како дел од Програмата за жени новинарки, проект кој го спроведува ПИНА со поддршка од Цивика мобилитас. Содржината е единствена одговорност на ПИНА и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат.