Борба за почитување на работничките права во текстилната индустрија

0
9

Текстилната работничка Силвана, еден ден кога дошла на работа, на својата машина за шиење ја чекал нов договор на дело. Шок за неа било тоа што времетраењето на договорот било од само еден ден.

По првичниот револт и неверување набрзо сфатила дека мора да си бара нова работа.

Педесет и седум годишната работничка поголемиот дел од животот го поминала работејќи во конфекција, а сега била оставена на цедило и тоа заради нови работници без искуство донесени од страна.

Силвана започнала со работа во конфекција кога имала 20 години, научила да шие, а ги научила и сите операции на машина. Променила неколку работни места.

Можноста да се најде работа пред крајот на работниот век ја оставиле на крстопат, а нејзините работнички права фрлени на под. Не добила ниту испратнина, заминала од работното место, мислејќи како да најде работа.

Ова е само еден од низата примери, во источниот дел од државата, кои покажуваат дека работнички права многу често не се почитуваат. 

Претседателката на невладината организација која работи на заштита на работничките права „Гласен текстилец“ од Штип, Кристина Ампева, вели дека секојдневно се соочуваат со вакви и слични ситуации.

„Tекстилната индустрија се соочуваше со потешкотии, меѓутоа начинот на кој работодавачите го прават тоа, прекинување на договори, откази и слично навистина не доликува на човечност кон некои кои работеле повеќе од 25 години,“ вели таа.

И додека од една страна работнички со по 20, 30 години стаж добиваат договори на дело и се принудени да заминат од своето работно место, од друга страна се носат работници од Непал, Бангладеш и слични земји. 

Во месец март годинава беа првите преговори за увоз на странски работниици за работа во текстилна компанија во Кочани. Бројот на домашни работнички во текстилната индустрија постојано се намалува, како поради намалување на обемот на работата, така и поради увозот на работници.

„Една кочанска конфекција кажа дека почнала разговори за увоз на работници од Непал. Се отпуштаат нашите работнички и на нивно место седнуваат работнички од Непал. Некаде од три до пет проценти очекувам да падне бројот на домашни работници оваа година, а ќе се намали и производството“, вели Анѓел Димитров, претседател на организација на работодавачи.

Поразителен е и фактот дека освен недостигот од работнички во текстилните компании веќе недостигаат и нарачките од странските партнери. Димитров објаснува дека ако пред две години се работело за држави од Западот, денеска останале едвај неколку партнери кои продолжуваат со работа. 

Дел од фирмите ставаат клуч на врата и повторно трпат работничките кои остануваат без работа.

„Јас разговарам со многу мои колеги и се случува нешто лошо, падна побарувачката, а никој не знае од што се случува тоа. По корона кризата сите европски брендови се залагаа да работат во близина и затоа имавме страшни притисоци за барање нови капацитети. Но, сега нашиот партнер целата роба што ние не можевме да ја сработиме ја однесе во Бангладеш“, вели Димитров.

Анaлизата на „Гласен текстилец“ од 2022 година покажа дека работничките во 1995 година имале поголеми права за разлика од денеска. Колективните договори кои се потпишуваат не ги заштитуваат работничките права – се посочи тогаш во анализата.

Поголема активност треба да преземат и синдикатите, но и работниците да се обединат и со тоа да ги добиjат заслужените права. Човекот кој ги следи синдикалните движења во Штип, професор доктор Андон Мајхошев, посочува дека разлики има, но работничките права најмногу се почитувале во време на социјализмот.

„Синдикалниот простор и синдикалното членство во Македонија е премногу раситнето. Мислам дека сродни синдикати од исти гранки потребно е да се обединат, да се здружат, да се окрупнат бидејќи тоа значи поголема политичка моќ, а тоа значи поголем притисок врз работодавачите и полесно остварување на синдикалните барања“, вели Мајхошев.

Во моментов во Штип има околу 25 синдикални организации, претежно во јавниот сектор и околу 2.450 синдикални членови.

Силвана на договорот на дело за еден ден се потпишала своерачно без притоа да прочита што навистина пишува во него. Од Здружението „Гласен текстилец“ остануваат со „врзани раце“ бидејќи не можат да помогнат во вакви случаи.

Затоа тие силно апелираат работниците да се здружуваат и едуцираат за своите права од работен однос, бидејќи само така ќе може да се заштитат. 

Авторка: Лаура Стојанова Ќирчов

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за жени новинари на ПИНА