Предизвици со достапноста до е-услугите на локалните самоуправи

0
195

Пандемијата го извади на површина дигиталниот јаз меѓу урбаните и руралните општини, кои се исправени пред низа предизвици за да го направат добивањето онлајн услуги побрзо и поефикасно. Додека се споделуваше слоганот „седи дома“, не се работеше доволно на тоа да се олесни начинот на добивањето услуги од локалните самоуправи на електронски начин.

„Во идеални услови, со добро воспоставена интероперабилност помеѓу институциите како и електронски услуги со највисок степен на софистицираност, граѓаните би требало за добивање на една електронска услуга од институциите да потрошат неколку минути, наместо за истата да чекаат со денови, во некои случаи недели и месеци“, вели за ПИНА,  Мила Јосифовска Даниловска, менаџер на програми Општествена отчетност и човекови права онлајн при фондацијата Метаморфозис.

Истражувањата кои оваа фондација ги направила на темата укажуваат на тоа дека всушност, малку внимание се посветува дигитализацијата на услугите што се испорачуваат од единиците за локална самоуправа.

Според неа, нивната последна анализа на е-услугите во општините покажала дека се зголемуваат барањата и очекувањата од единиците на локалната власт, но не постои стратегија за дигитализација на локалните услуги.

,,Ова e уште повеќе потребно во време кога се намалуваат ресурсите на општините, а токму технологијата може да им овозможи да направат повеќе за своите граѓани, а со помалку ресурси. Одредени општини нудат можност за граѓаните да ги добиваат услугите по електронски пат преку нивната веб-страница додека пак одредени ја немаат понудено таа можност“, додава Јосифовска Даниловска.

Со повеќе дигитални вештини до поголема искористеност на тековите е-услуги

Таа укажува дека најголем дел од домаќинствата имаат пристап до интернет, но сепак треба да се обрне внимание на дигиталниот јаз, кој како што вели, не подразбира само пристап до инфраструктура и интернет, туку и соодветни вештини потребни кај сите граѓаните без исклучок.

Дека се потребни повеќе вештини кај граѓаните, но и сигурност во безбеднста и ефикасноста на ваквиот модернизиран начин на добивање услуги, порачуваат и од Рурална коалиција. Извршната директорка на оваа невладина организација, Лилјана Јоноски вели дека евидентен е јазот на развиеност меѓу урбаните и руралните средини, но и потребата од едукација на населението.

„Дефинитивно, потребна е едукација, но и уверување на граѓаните во безбедноста и сигурноста на ваквите документи. На терен се  покажа дека околу 35%  од населението во руралните средини верува во електронското издавање на документи, односно се уште се водиме по принципот дека треба да има печат и потпис за тој документ да се смета за валиден. Следејќи ги овие процеси на дигитализација повеќе не е така. Електронските документи се целосно безбедни и сигурни и земјоделците може да ги користат за секоја нивна потреба“, вели Јоноски за ПИНА додавајќи дека на земјоделците треба „пластично“ да им се објасни како би изгледало издавањето на таквите документи.

„Она што успеавме да го утврдиме од истражувањата на терен кои ги правевме (општина Врапчиште, Кривогаштани  и Старо Нагоричане) постои огромна  разлика кога станува збор и за познавањата кај населението во однос на тоа што значат електронските услуги. Кампањите дефинитивно ќе биде потребни и тука сметам дека граѓанските организации особено во соработка со општините треба да ја имаат главната улога и полека да се менуваат навиките кај локалното население пред сѐ во основниот дел, од барање на одредени информации до потврдите кои им се најпотребни, дури и пријавување одреден проблем да направат на електоронски начин. Тоа се некои првични чекори кои може да се преземат кога станува збор за руралните општини и на ваков начин да се оди кон процесите на дигитализација, а соодветно на тоа да се достигне и степенот на развој на урбаните општини“, заклучува Јоноски.

Централната власт да ѝ помогне на локалната за подобрување на состојбата

Од друга страна, таа потенцира дека руралните општини не располагаат со доволно ИТ кадар, ниту пак со соодветна информатичко-комуникациска технологија, во чие подобрување би требало да се вклучи централната власт.

Јосифовска Даниловска пак, посочува дека предизвиците поврзани со дигиталниот јаз исто така јасно укажуваат на потреба од системски пристап.

„Зад малата искористеност на јавните е-услуги стојат повеќе фактори. Еден од нив е послабата информираност на граѓаните за ваквиот начин на добивање на услугите од институциите, но исто така и нивната свесност за придобивките кои ги имаат ако ги користат услугите кои институциите ги нудат онлајн. Понатаму, ниската дигитална писменост кај одредени категории на граѓани, но и нивната доверба во инститцуиите се јавуваат како предизвици за користење на е-услугите. Граѓаните во голема мера знаат да ги користат своите дигиталните уреди за пристапување на социјални медиуми, но со недоверба и несигурност гледаат кон е-услугите. Од друга страна, има е-услуги кои не се целосно функционални електронски, или не се ефикасни, поради што граѓаните, по неколку обиди да ги искористат онлајн, се откажуваат и пристапуваат кон традиционалниот метод – чекање на шалтер“, додава таа за ПИНА.

Според Јоноски, чекор напред кон дигитализацијата на целкупното општество било пуштањето во употреба на Националниот портал за е-услуги, но смета дека само мал дел од нив се локални услуги.

„Забрзано се менуваат работите, но сметам дека кога станува збор за она што треба да се исполни барем на хартија државата е негде меѓу првите од земјите од Западен Балкан. Сепак, не е доволно само да ги дигитализирате институциите, туку потребно е да има ефективност во тие процеси и тие услуги да бидат користени“, нагласува Јоноски очекувајќи дека новата Национална стратегија за реформи на јавната администрација 2021-2023 ќе придонесе за изедначување на достапноста електронските услуги кои ги нудат националните институции и на оние кои ги нудат локалните самоуправи.

Во меѓувреме, Мила Јосифовска Даниловска укажува дека Владата и општините в мора да ги користат дигиталните технологии за да воспостават интегриран систем на јавни услуги што ќе овозможат флексибилна, одговорна и безбедна испорака на услуги за сите без исклучок.

„За дигитализацијата да биде одржлива, неопходно е да се воспостави механизам за следење на квалитетот на е-услугите. Граѓаните треба редовно да бидат консултирани на разни начини за да се процени дали дигитализираните услуги ги задоволуваат нивните потреби. Понатаму, за одржливоста на е-услугите многу е важно тие континуирано да функционираат со висок квалитет и непроменет стандард, а бројот на нецелосни и неажурни е-услуги да се сведе на нула“, заклучува таа.

Зајакнувањето на заедниците во општеството од дигитален аспект меѓу другото се предвидува и во Националната стратегија за ИКТ за периодот 2021-2025 година. Иако до крајот на годинава преостануваат неполни два месеца, документот се уште е во нацрт верзија. Како надлежна институција, од МИОА не одговорија на прашањето на ПИНА кога може да се очекува конечното донесување и што тоа во пракса би значело за граѓаните, особено кога станува збор за пристапот до е-услугите. Прашавме што преземаат или допрва ќе преземат за зголемување на свеста кај граѓаните, особено кај жителите на руралните средини, но до овој момент одговор не добивме. Изостана одговорот и на прашањето дали  и како се планира намалување на дигиталниот јаз меѓу урбаните и руралните средини, но и планирана ли е надградба на Националниот портал каде во моментов се нудат 836 услуги.

Автор: Вања Мицевска

Овој текст е продукт од проектот “Young Journalists’ Network” имплементиран од Демокраси Лаб. Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.