Кој ќе ги заштити новинарите од „демначите“

0
68

Направивме законски измени за да не ни се повторуваат напади врз новинари и случаи како „Јавна Соба“. Вака во јули годинава министерот за правда Бојан Маричиќ ги најави измените во Кривичниот законик, со кои заштитата на медиумските работници и жените се издигнува на многу повисоко ниво. Измените поминаа на владина седница,а неколку месеци подоцна, новинарската фела сè уште е во исчекување тие да го пронајдат својот пат низ собранискиот „лавиринт“ до пратениците и да бидат усвоени, со што ќе се отвори патот за намалување на случаите за напади и закани кон новинари.

Нападот ќе се третира како врз службено лице

Како што најави министерот Бојан Маричиќ, со измените се предвидува во иднина нападот врз медиумските работници да се третира исто како напад врз службено лице. „Воведуваме строги казни за закана за напад врз новинари. Дополнително, во иднина Обвинителството ќе постапува по службена должност при вакви случаи. Ова беше едно големо барање на Здруженијата на новинари, чиј претставници активно учествуваа во Работната група која ги подготвуваше измените на Кривичниот законик“, изјави Маричиќ, при презентацијата на законските измени.

Дополнително, преку имплементација на Истанбулската конвенција, законски се допрецизира заштитата на жените и се внесуваат нови кривични дела кои досега кај нас не постоеле, а со нив законски се штитат жените од вознемирување и напади.
Станува збор за ново кривично дело ‘Демнење’, за кое се предвидуваат строги санкции за вознемирување и преку интернет, нешто што за жал се случува сè почесто. Сега тој што неовластено ќе следи, прогонува или на друг начин се меша во личниот живот на друго лице, или со него воспоставува или се обидува да воспостави несакан контакт, со движење во просторот каде се наоѓа тоа лице, со злоупотреба на личните податоци, со користење на средства за јавно информирање и други средства за комуникација, или на друг начин психички го злоставува, вознемирува или застрашува, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.

Министерството за правда меѓу другото најави и измени на повеќе закони, меѓу кои и на Законот за граѓанска одговорност, со кој значително се намалува висината на казните кои медиумите и новинарите би ја платиле како оштета за клевета и навреда. Од максимални 2.000 евра, со измените оваа сум се спушта до максимални 400 евра.

ЗНМ бара измените да се донесат во најбрзо време

Овие измени во Кривичниот законик ги иницираше Здружението на новинарите на Македонија заедно со Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, за да се стави крај на нападите врз новинарите.
„Проблемот со безбедноста на новинарите и медиумските работници како и политиката на неказнивоста е системски проблем кој бара решенија во два правци. Првиот правец е измена и дополна на дел од регулативата, а вториот е во насока на измена на судската пракса како и на внатрешната организација на Основното јавно обвинителство“, вели Драган Секуловски од ЗНМ во изјава за ПИНА.

Според него, затоа од исклучителна важност е Собранието, измените на Кривичниот закон со кој се дава надлежност ОЈО да постапува по служена должност во случаи кога се повредени правата на новинарите да ги донесе во најбрзо време. „Истовремено, ЗНМ инсистира на креирање на посебно одделение внатре во ОЈО кое ќе има за задача да ги спроведува овие нови правни измени, а со цел да се казнуваат оние кои посегаат по безбедноста на новинарите, а со тоа и да се демотивираат или превенираат идни напади и закани кон новинари“, вели Секуловски.

Ставот на новинарската фела е дека само преку конкретни измени на Кривичниот законик, со давање надлежност на Обвинителството да постапува по службена должност и преку зголемување на казните кон напаѓачите, системски ќе се подобри безбедноста и политиката на неказнивост кон новинарите и медиумските работници.

Од ЗНМ укажуваат дека како што се зголемува бројот на закани годишно, притисокот врз новинар(к)ите се продлабочува. Овој облик на притисок се здоби и со специфични родови нијанси во нападите против новинарките, кои се покажаа претежно родово пристрасни, како онлајн така и офлајн. Неказнивоста, според нив, неминовно води кон самоцензура или цензура, го ограничува просторот за слободни медиуми и ја лишува јавноста од правото да биде информирана.

Проблемот се провлекува одамна и кулминираше во 2014 година

Безбедноста на новинарите загрозена со повреда на нивните слободи и права при работата е проблем кој се провлекува во Северна Македонија одамна и кулминираше во 2014 година кога земјата падна на 123 место, од вкупно 180 земји, на Индексот на слобода на печатот објавен од Репортери без граници. Земјата според истиот индекс во 2007 година беше на високото 36 место. Една од причините поради која по 2014 година државата беше на дното на светските индекси за слобода на изразување и имаше сериозни критики во извештаите на Европската комисија се токму прашањата поврзани со безбедноста на новинарите, заклучува ЗНМ во анализата посветена на подобрување на безбедноста на новинарите преку измена на Кривичниот законик, во кој е направена анализа на меѓународните стандарди и домашната регулатива.

Јавен регистар за напади

Во текот на 2021 година, се регистрирани еден физички напад и една смртна закана како и три потешки попречувања на новинарки во процесот на известување од локалните избори или вкупно пет случаи заклучно со ноември. Карактеристика за оваа и изминатата година е што повеќето напади и закани се насочени кон новинарките. Во 2020 година Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) регистрираше два физички напада и 12 различни форми на вербални закани по живот и други заплашувања, со што бројот на сериозни напади во земјава е 14 и е речиси три пати поголем од 2019 година.

Извештајот на ЗНМ од 2015 година до септември 2020 година покажува дека се регистрирани 75 случаи на напади врз новинари или медиумски работници. Само за изминативе две години имало 19 напади врз новинари во земјата. Само за време на изборната кампања се случија неколку инциденти, кои ЗНМ побара да бидат истражени од полицијата. Во неколку одвоени инциденти новинари беа дискредитирани навредувани на партиски митинзи или собири. Според ЗНМ, тоа директно се одразило на работата на новинарките.

На веб-страната на ЗНМ е достапен јавен регистар поделен по години, каде што се наведени кои новинари, која година и од кого биле нападнати, како и информацијата дали случаите се пријавени во МВР.

Сведоштво на новинар кој ја доби битката на суд

За една година од вкупно 16 само еден случај за напад врз новинар добил институционална завршница, според податоците на новинарските здруженија. Тоа ги охрабрува сите оние насилници и заканувачи да продолжат, најчесто преку социјалните мрежи, но некогаш и физички, да се закануваат или да напаѓаат новинари.

Според ОЈО, само во еден случај, за напад со закана кон новинар има судска пресуда. Тоа е случајот во врска со заканите извршени кон новинарката Мери Јордановска.
Таа во изјава за ПИНА вели дека многу често во текот на работата се соочувала со навреди и закани од различен ти. Според неа, жените новинарки најчесто се напаѓани на полова основа, со најразлични сексистички навреди – не поради она што го објавиле, туку врз основа на нивниот изглед, брачен статус итн.

„Често сум премолчувала пред навредите, но она што не можев да го премолчам беше она што ми се случи минатата година, кога тогашниот портпарол на Централниот регистар, член на ВМРО-ДПМНЕ, Емил Јакимовски, рано изутрина, околу 5 часот, кога забележал дека сум се вклучила на телекомуникациската мрежа Телеграм почна да ми испраќа заканувачки и навредливи пораки. „Ќе те гледаме на некролог“, „странски платеник“, „знам каде живееш точно“, фотографии со лисици на раце беа само дел од пораките кои Јакимовски ги упати до мене, што беше страшно вознемирувачки за мене“, се присетува Јордановска на немилиот настан од минатата година.

Таа додава дека наредните денови дознала дека тој е пријавуван и за семејно насилство и дека со слични навреди и закани се соочувале и други колешки, како и вработени во Централниот регистар. „Затоа и решив да го пријавам случајот, кој на мое изненадување беше експресно решен. Предметот го презеде Единацата за насилен криминал при МВР и заедно со Одделението за семејно насилство ги поврзаа мојот предмет и предметот на неговата поранешна сопруга која со години се влечела по судските лавиринти… Јакимовски беше осуден на една година и осум месеци затвор и беше испратен на задолжително лекување. Тој ја издржа затворската казна и сега е на слобода“, вели Јордановска за ПИНА.

Токму преку овој пример, апелот е дека не смее да се молчи пред навредите и пред заканите, бидејќи тоа е единствен начин да се развие свеста и да се санкционираат сторителите. Јордановска смета дека тоа сепак не е доволно – за институциите да преземат мерки, мора да постои закана по живот. „За сите останати дела, како што е демнењето, уцените, навредите, ние како новинари мора приватно да ги тужиме лицата или пак само да ги пријавиме во најблиската полициска станица. Ова не е доволно и сметам дека повеќе од итно е демнењето да се стави како кривично дело во Кривичниот законик“, додава таа.

Анализи на новинарските здруженија

На потребата од усвојување на измени во Кривичниот законик со цел новинарите да добијат поголема заштита, уште од 2017 година укажува и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ). ССНМ нагласува дека новинарите и медиумските работници треба да добијат зголемена заштита во извршувањето на професионалните обврски, слично како официјалните лица во вршењето на службените дејствија. Во анализата на ССНМ се вели дека загрижува зголемениот број на убиени или нападнати новинари на глобално ниво, а оттаму посочуваат дека и на локално ниво мал е бројот на истраги кои завршуваат со казни за напаѓачите.

„Сето ова создава атмосфера на страв и несигурност во работата на нашите колеги. Настаните на 27 април 2017 година при упадот во Собранието се најдобар доказ за положбата и третманот на новинарите во Македонија. Тие тогаш беа цел на напад токму затоа што се новинари и беа спречени да ја извршуваат својата работа“, се вели во анализата на ССНМ.

Новинарските здруженија сметаат дека од голема важност е и да се следи судската пракса, особено за предметите во кои има оштетена странка новинар, со цел да има сознанија дали судиите ја почитуваат судската пракса од Европскиот суд за човекови права од Стразбур.

Согласно информациите на УНЕСКО, само во 2020 година во светот 62 новинари биле убиени само затоа што ја извршувале својата работа. Во период помеѓу 2006 и 2020 година над 1200 медиумски работници го загубиле животот. Во девет од десет случаи убијците остануваат неказнети.

Aвтор: Даниела Зафировска