Владата донесе одлука за определување највисоки цени на неколку основни прехранбени производи во трговијата на големо и трговијата на мало, а според одлуката цените ќе бидат на висина од 1. декември 2021 година, и истата ќе важи до 31 јануари 2022 година.
Пред Нова Година, кога традиционално дополнително се покачуваат цените, замрзнати се цените на лебот, шеќерот, брашното – тип 400, сончогледовото масло за јадење, трајното млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 проценти, свежото месо и сувомесните производи и на сирењето и други млечни производи.
Уште пред одлуката да стапи на сила, од Владата најавија доколку пазарот тоа го бара, замрзнатите цени ќе останат уште некој период, но и можност списокот да се дополни, а веќе е најавено дека на истиот можеби ќе се најдат и јајцата и оризот.
За опозицијата пак владината одлука е задоцнета.
,,Владата ги замрзна цените откако се поскапи. Одлуката за замрзнување на цените е задоцнета. Замрзнувањето на цените требаше да се случи пред да поскапат производите во малопродажба. Дополнително власта не решава ништо, затоа што граѓаните ги очекува поскапување на цената на струјата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Поради раст на цената на струјата ни престојат нови поскапувања
Реакциите за владината одлука се поделени, граѓаните генерално се задоволни и бараат списокот да се дополни, но не и производителите, па клучното прашање по ваквата владина одлука е што не очекува кога цените ќе се одмрзнат, имајќи предвид дека веќе сме во дупла економска криза, предизвикана од пандемијата со Ковид-19 и енергетската криза, чие вистинско лице допрва ќе го видиме.
Веќе е јасно дека цената на струјата за домаќинствата по Нова Година ќе порасне за околу 10%, но тоа не важи и за фирмите, кои купуваат струја на слободниот пазар, каде цената на истата се уште е висока, па тука не се можни интервенции во цената од страна на државата, освен евентуална финансиска помош за фирмите.
Тоа пак неминовно, директно или индиректно ќе донесе нов бран на покачување на различни цени, тренд кој веќе го живееме многу порано од 1 декември, датумот кој Владата го зеде како основа за последната одлука.
Замрзнувањето на цените ќе ја продлабочи кризата и ќе предизвика ефект на „празни полици“
ПИНА побара став за замрзнувањето на цените од Стопанската комора, но не добивме одговор.
Од Сојузот на стопански комори (ССК) пак сметаат дека владината одлука дополнително ќе ја продлабочи економската криза.
„Парцијалните решенија кои се носат без соодветна анализа и не се во корелација со други мерки, како што е одлука за определување на највисоки цени на основни прехранбени производи во трговијата на големо и трговијата на мало, уште повеќе ќе ја нарушат тешката состојба во која се наоѓаат претпријатијата и ќе предизвика дополнителни проблеми за граѓаните, меѓу кои и ограничување на пристапот до основните животни намирници, сметаат од ССК.
Од таму сметаат дека прво е потребно влезните инпути во сите компании да се стабилизираат, односно суровините и репроматеријалите конкретно во прехрамбената индустрија, за да се овозмозможи да имаат соодветна минимална цена. Тоа според ССК може да се направи преку активирање на државните стокови резерви по одредени стабилни цени за периодот во кој одлуката за ограничување на цените е на сила.
Според ССК потребно е и стабилизирање на цената на енергенсите во рамка во која државата би гарантирала одредени цени на електричната енергија и на гасот, од кои значително зависи висината на цената на производите.
Од ССК велат и дека ограничувањето на цените директно ќе предизвика ефект на „празни полици“ во снабдувачките центри низ земјава.
„Имено во дадени услови на многукратно зголемени трошоци на инпутите во производните процеси, а при забрана за зголемување на цените на крајните производи единствено можно решение е прекин на производството и отпуштање на вработените.
Исто така можно е и стимулирање на сивата економија, бидејќи во неможност производите да се набават по регуларен пат граѓаните ќе бидат принудени да ги набавуваат на друг начин што ќе донесе и до формирање на цени кои се многу повисоки од реалните но ќе предизвика и несигурност во квалитетот на производите“, вели Горан Георгиевски, потпреседател на Агро-бизнис комората при ССК, кој смета дека наместо за замрзнување на цените треба да се размислува за замрзнување на маржите, бидејќи тоа е она што во вакви услови може да спречи нереално зголемување на цените.
На Македонија и е потребна сериозна стратегија за производство на храна
За аналитичарот Здравко Савески, владината одлука за замрзнување на цените на одредни производи е генерално позитивна, но има и политичка димензија – да се намали незадоволството на граѓаните поради други политички случувања во земјава.
Според него можни се две сценарија, по ,,одмрзнувањето“ на цените, кои пред се ќе зависат од цените на производите на светските берзи, кои не престануваат да растат, поради дисбалансот кој го создаде пандемијата со Ковид-19.
,,Како резултат на досегашната зголемена инфлација, цените моментално се замрзнати на ниво во кое веќе се покачени, па можно е нивно намалување по ,,одмрзнувањето“, освен ако производителите не шпекулираат со цените.
Друго сценарио би било тие дополнително да се зголемат, за што Владата има начини како тоа да го ублажи“, вели тој за ПИНА.
Според него најважно е државата сериозно да поработи на стратегија за производство на храна, бидејќи пред нас се и други кризи.
,,Потребна ни е сериозна стратегија за производство на храна, бидејќи голем дел од основните производи ги увезуваме, а меѓу нив несфатливо се и земјоделски производи.
Државата треба да инвестира во развој на земјоделството, зошто малата понуда предизвикува повисоки цени“, вели Савески.
Како Србија ги замрзна цените и зошто таму нема опасност како во Македонија
Пред второто замрзнување на цените во Македонија (првото беше на почетокот на пандемијата со Ковид-19) и во Србија по вторат пат се замрзнаа цените на неколку прехрамбени производи, но според нивните цени од 15 ноември годинава.
Одлуката ќе биде во важност од 60 дена, а за производителите кои нема да ја почитуваат одлуката се предвидени и казни во износ од 100.000 до 2.000.000 динари, како и забрана за вршење дејност во период од шест месеци до една година, информираа од српската Влада.
За разлика од Македонија, која поради лошо менаџирање, влезе во сериозна енергетска криза, во Србија имајќи го во предвид драстичното поскапување на цената на струјата на светските берзи во последните неколку месеци, српската Влада донесе Заклучок за цената на електричната енергија за резервно снабдување со струја на крајните корисници кои немаат право на гарантирано снабдување по 1 декември 2021 година.
Со овој акт се определува цената на струјата за компаниите кои би склучиле договори за снабдување со резерва, а со кои би се овозможило нивно понатамошно работење и создавање клима за зачувување на поволна економска средина во Србија.
Исто така за разлика од Македонија, Србија е далеку погасифицирана земја, а српските власти на време си се договорија со Русија за непречена испорака на гас.
На прашањето зошто одлуката за замрзнувањето на цените не е донесена по примерот на Србија, министерот за економија Крешник Бектеши деновиве посочи дека тоа зависи од многу параметри.
,,Првично репроматеријалите на одредени домашни компании кои произведуваат сончогледово масло за јадење во нашата држава главно ги увезуваат. Во делот на увезената цена не можеме ние да влијаеме зошто тие производи се произведуваат надвор од државата.
Ние можеме да влијаеме во делот на маржата што ја утврдува домашната компанија во формирање на конечната цена“, рече Бектеши.
Втор чекор, тој вели дека е трговијата на мало каде се пласираат одредени производи и како трета фаза е цената којашто граѓаните ја купуваат во маркетите, која е мала трговија во однос на маржите.
„Што се однесува до одредени продукти кои се произведуваат домашно, ние паралелно имаме други механизми преку Законот за директна поддршка на инвестициите, преку субвенционирање на одредени производи што веќе ги реализираме и имплементираме и во претходните години, а секако од почетокот на наредната година дополнително ќе ја зголемиме поддршката за вакви производи“, кажа министерот.
Автор: Петре Димитров