Почетна Анализи „Регистар за педофили“: Формалност или активен штит за децата?

„Регистар за педофили“: Формалност или активен штит за децата?

Секоја правосилна пресуда за сексуална злоупотреба на дете во Македонија подразбира внесување на сторителот во јавно достапен регистар, за граѓаните да можат да проверат кои осудени лица живеат во нивната околина. Воведена во 2012 година, алатката која треба да има превентивна улога останува неажурирана, со бројни недоследности и контрадикторни записи.

0
135
Илустративна фотографија | Фото: Jeff Hendricks, Unsplash

Неажурираните податоци во таканаречениот „Регистар за педофили“ имаат директни последици врз безбедноста на децата и создаваат илузија на сигурност, предупредуваат од Првата детска амбасада „Меѓаши”.

„Податоците треба да се ажурираат веднаш и постојано. Точните информации за адресата и статусот на сторителот се основа за безбедноста на децата. Само навремено ажуриран  регистар нуди реална заштита. Застарените податоци се опасни бидејќи создаваат лажно чувство на сигурност. Тие им овозможуваат на сторителите да се приближат до децата непречено. Доколку системот не ги ажурира податоците, тој станува соучесник во ризикот од нови злоупотреби. Со секој погрешен податок, довербата на граѓаните во институциите неповратно исчезнува“, изјавија од „Меѓаши“ за ПИНА.

Како најголем предизвик за ефективноста, од Меѓаши го посочуваат верувањето дека самиот регистар е доволен, како и недоволната институционална координација.

„Институциите често потфрлаат во меѓусебната координација и размена на податоци. Административните пропусти го прават регистарот формалност наместо активен штит. Регистарот мора да биде оперативен инструмент, а не само база на податоци во некоја архива”, додаваат оттаму.

Анализа на ПИНА: Што покажуваат податоците?

Регистарот содржи основни информации – име и презиме, прекар, адреса, фотографија, датум на започнување и завршеток на казната. Податоците се наменети исклучиво за информирање, а нивната злоупотреба за вознемирување на осудените лица или нивните семејства е казнива со парична казна или затвор.

Опфатени се кривични дела како полов напад и силување, злоупотреба на положба, прикажување и дистрибуција на детска порнографија, вознемирување, намамување и трговија со дете.

За време на истражувањето на ПИНА, во регистарот беа внесени 10 нови лица – но само едно од нив започнало со издржување казна во 2026 година.

Анализата на јавно достапните податоци откри низа нецелосни записи. Од вкупно 361 внесено лице, кај најмалку 96 може да се заклучи дека казната е завршена, но без официјално ажурирање во регистарот дека се на слобода.

Од вкупниот број, 101 лице сè уште издржува затворска казна, од кои само двајца доживотно.

Забележани се и технички пропусти: во најмалку три случаи исто лице е внесено двапати, кај дел недостасува датумот на започнување на казната, а во одредени записи се среќаваат контрадикторни податоци.

Во еден запис истовремено е наведена дата на ослободување и статус во бегство, додека во друг единствената информација е дека осудениот се води во бегство. Постои и запис при кој казната е завршена, но лицето е повторно осудено за друго кривично дело, без дополнителни информации.

Сите овие податоци укажуваат дека поголемиот дел од сексуалните престапници кои се внесени во регистарот се на слобода, но нецелосните записи го отежнуваат увидот во вистинската состојба.

Регистарот низ годините

Во регистарот се внесени лица кои започнале со издржување казна уште од 2002 година. Од вкупниот број, само 17 се жени, додека останатите се мажи.

*Евидентирани се и лица кои иако биле осудени пред воведувањето на регистарот, издржувале подолги казни и датата на нивното ослободување била по 2012 година.

Во периодот од 2012 до 2015 година се забележува највисок број регистрации, по кои бројот постепено опаѓа, со исклучок на 2022 година. Заклучно со денот на објава, само едно лице кое започнало со издржување казна во 2026 година е внесено во регистарот.

Што покажуваат податоците од затворите?

Според податоците што Управата за извршување на санкции ги достави до ПИНА, во 2026 година најмалку 26 осудени лица започнале со издржување казна затвор за кривични дела против половата слобода и морал на деца – од кои 17 само во КПД Идризово.

Во моментов, во затвор се најмалку 167 лица на ниво на држава, со исклучок на КПУ Гевгелија, за која нема податок за актуелната состојба.

Дополнително, податоците што казнено-поправните установи ги пратиле до Управата покажуваат дека од 2020 до 2026 година вкупно 335 лица започнале со отслужување казна за овие кривични дела. Овој број е значително повисок од бројот на записи достапни во јавниот регистар за истиот временски период.

Од Управата напоменуваат дека постои можност за преклопување во евиденцијата, бидејќи лицата осудени на казна затвор над три години започнуваат со издржување во КПД Идризово, Штип или Прилеп, а доколку во меѓувреме казната им се намали под три години, можат да бидат преместени во друга установа.

„Оттука, не станува збор за нови осудени лица во другите затвори, туку за лица кои претходно започнале со издржување на казната во друга установа “, појаснуваат од Управата.

Законски измени и застој

Во изминатите години регистарот се соочуваше со проблеми во функционирањето, што беше јавно евидентирано во повеќе наврати.

Кон крајот на 2023 година, измените на Кривичниот законик го проширија кругот на лица кои треба да бидат внесени, но усогласувањето со Законот за посебниот регистар беше одложено поради политичка блокада во собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади.

Законот беше усогласен дури на почетокот на оваа година.

Постапката за внесување на лице во регистарот е административна и вклучува повеќе институции – од казнено-поправните установи, преку Управата за извршување на санкции, до Заводот за социјални дејности кој го води регистарот и го одржува под надлежност на Министерството за социјална политика, демографија и млади.

Завод за социјални дејности: Ажурирањето е нова обврска

Од Заводот за социјални дејности за ПИНА велат дека за спроведувањето на редовна проверка допрва треба да се утврдат конкретни активности.

„Ова е нова обврска на институциите која е предвидена во новиот закон и потребно е да се предвидат активности со други протоколи или подзаконски aкти“, велат од заводот.

Во однос на ажурирањето, од заводот посочуваат дека податоците во регистарот не се обновуваат по нивното објавување, освен во делот на датумот на ослободување.

„Управата за извршување на санкции доставува податоци, тие не се обновуваат по нивно објавување. Единствено, податок кој се добива дополнително е датумот на ослободување на осудените лица, кој го доставува Управата“, појаснуваат оттаму за ПИНА.

Информираа дека во тек е постапка за воспоставување на регистар кој ќе биде достапен на македонски, албански и англиски.

Стотици деца жртви во последните години – „Регистарот е само почетна алатка“

Само од јануари до март годинава, Министерството за внатрешни работи евидентирало 38 деца жртви на кривични дела против полова слобода и половиот морал – бројка која укажува на сериозен и континуиран проблем. Во периодот од 2020 до 2025 година се евидентирани вкупно над 600 жртви.

Најголем дел од пријавените кривични дела се поврзани со силување на деца под 15 години, полови напади и вонбрачен живот со дете.

Од Меѓаши посочуваат дека и покрај постоењето на регистарот, резултатите по една деценија се незадоволителни.

„Бројот на случаи не е драстично намален. Регистарот тешко ги детектира злоупотребите од блиски лица во семејното опкружување. Тој е корисна евиденција, но без дополнителни рестрикции, не е пречка за рецидивистите. Без мерки како хемиска кастрација, носење електронски алки по отслужување на казната, ризикот од повторување на делото останува висок”, велат од Првата детска амбасада „Меѓаши”.

Регистарот, според Меѓаши, претставува само почетна алатка за заштита на децата. За поефективна борба потребни се построги санкции и сеопфатна превенција преку едукација на децата и родителите без стигма. Овие барања веќе се доставени до надлежните институции, велат од амбасадата.

Автор: Михаела Сливоски

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА