
Повеќе од половина од законите донесени во Собранието во последните четири години биле усвоени по скратена постапка, механизам што според Деловникот треба да се користи само за помали и технички измени. Експертите предупредуваат дека ваквата практика го ограничува јавниот надзор врз законодавниот процес и остава простор за политички злоупотреби.
Во Македонија таа станува доминантен начин за носење на закони, вели Јелена Кадриќ од Институтот за човекови права.
„Кога исклучокот ќе стане правило, се губи суштината на законодавниот процес. Скратената постапка треба да биде механизам за ограничени и јасно оправдани ситуации, а не начин да се избегне поширока јавна и стручна дебата за прашања од значаен јавен интерес“, вели Кадриќ.
Податоците од Собранието кои ги набави ПИНА, покажуваат континуиран раст на употребата на скратената постапка.
Во 2022 година по скратена постапка биле донесени 58 од 108 закони, во 2023 година 70 од 125.
Најголем раст има во 2024 година. Собранието разгледувало 241 закон, дури 146 биле донесени по скратена постапка.
Трендот на раст продолжил и во 2025 година. 121 закон од 237 поминале по скратена постапка.
Оваа пракса продолжува и годинава. Заклучно со 7 мај, Собранието разгледало 51 закон, од нив 32 биле донесени по скратена постапка, согласно податоците кои до Пина ги доставија од Собранието на Република Северна Македонија.
Според јавната база на Собранието, ако се земат предвид законските предлози со статус „затворен“ и се исклучи ребалансот на Буџетот, во јуни 2026 година биле донесени 28 по скратена и 6 закони по редовна постапка. Во јули повторно се забележува голем процентуален јаз помеѓу застапеност на закони донесени по скратена во однос на застапеност на законите донесени по редовна постапка во вкупниот број. Од вкупно 16 закони, 13 биле донесени по скратена и 3 по редовна постапка.
Важна забелешка: Собраниската база прикажува „затворени“ законски предмети според датумот на регистрација, а кај неколку закони има повторно поднесени верзии со ист наслов.
Квантитет на измени, наместо разгледување на суштина
Деловникот на Собранието предвидува скратената постапка да се користи кога „не е во прашање сложен и обемен закон“, кога се укинуваат одредби или кога станува збор за помали усогласувања со европското законодавство, вели Миша Поповиќ од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“. Додава дека проблемот е што во пракса критериумите најчесто се сведуваат на квантитетот на измените, а не на нивната суштина.
„Проблемот е што мерките за да се оцени дали може една законска промена да оди по скратена постапка се главно квантитативни и се однесуваат на процентот на членови во законот кои се менуваат. Тоа не секогаш значи дека промените што се прават, иако се мали, се незначителни“, вели Поповиќ.
Поповиќ вели дека со скратената постапка се намалуваат можностите за анализа, јавна расправа и вклучување на експертската јавност, што остава простор важни законски измени да поминат без доволно внимание.
„Кога нема доволно време за дебата, предлагачот има значителна предност во однос на сите други, пратениците, експертите и засегнатите страни. Тоа отвора ризик за пропуштени подобри решенија, но и за намерно креирани правни празнини или привилегии“, посочува Поповиќ.
Реакција на скратените постапки има и од Уставниот суд
На проблематичната употреба на скратената постапка реагираше и Уставниот суд во случајот со измените на Изборниот законик, вели Јелена Кадриќ.
„Како позитивен исчекор во оваа насока реагираше и Уставниот суд, кој во постапката за измените на Изборниот законик оцени дека употребата на скратена постапка не била оправдана и дека не биле исполнети условите на неопходност и пропорционалност“.
Според неа, во пракса често се случува во рамки на законските измени да се вметнуваат прашања кои претходно не биле најавени ниту биле предмет на јавна дебата и консултации со стручната јавност.
„Судот посочи дека образложението за потребата од измените не кореспондирало со фактичката содржина на законските измени. Ова е особено важно бидејќи во пракса често се случува во рамки на законски измени да се вметнуваат одредби кои не биле претходно најавени, ниту пак биле предмет на јавна дебата и консултации со стручната јавност“, заклучува Кадриќ.
Политичките договори над јавниот интерес
Според Кадриќ, причината поради која за одредени закони се чека подолг период, додека за други веднаш се отвора скратена постапка, често е поврзана со политичките приоритети и договори, наместо со реална потреба од итност.
Кадриќ вели дека проблемот не е во политичкиот компромис како демократска алатка, туку во начинот на кој се реализира.
„На тој начин, скратената постапка се злоупотребува за носење суштински измени без транспарентен и инклузивен процес“, посочува таа.
Според неа, во такви услови, јавниот интерес и правната сигурност лесно може да бидат ставени во втор план во однос на краткорочните политички интереси.
Скратената постапка не е навремено најавена со што се ускратува учеството на јавноста
Дополнителен проблем со скратената постапка е што често нема навремена најава дека одреден закон ќе се менува. Тоа создава непредвидливост и за граѓаните и за компаниите кои треба да се прилагодат на новите правила.
Поповиќ смета дека најдобрата пракса е законите да се подготвуваат со месеци однапред, со анализи и јавни консултации.
„Најдоброто сценарио на законодавна активност е кога сите кои предлагаат нови правила ќе остават долго време, би рекол барем неколку месеци, за да се дозволи да се изготват потребни анализи и приберат мислења по однос на предлозите“, вели тој.
Иако скратената постапка останува легитимна алатка во законодавниот процес, експертите предупредуваат дека нејзината прекумерна употреба може да ја намали транспарентноста и квалитетот на законите, особено кога станува збор за прашања од поширок јавен интерес.
Aвторка: Магдалена Стојмановиќ – Константинов
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА




