Почетна Анализи Прилеп секоја година троши милиони денари за чистење диви депонии

Прилеп секоја година троши милиони денари за чистење диви депонии

Осум месеци граѓани, ученици и институции заеднички чистеа диви депонии и организираа едукативни акции. Но, додека волонтерите се обидуваат да ја променат свеста, локалните власти и понатаму издвојуваат милиони денари за расчистување на отпад што повторно завршува на истите локации.

0
7

Наместо да ги минуваат викендите во кафуле или трговски центар, десетици млади од Прилеп осум месеци (од ноември 2025 до јуни 2026 година) секој последен петок во месецот ги поминуваа со ракавици, вреќи за отпад и метли. Заедно со граѓански организации, ученици и ЈКП „Комуналец“ чистеа диви депонии, уредуваа јавни простори и разговараа со сограѓаните за тоа како секојдневните навики влијаат врз животната средина.

Акцијата „Зелен петок“ не беше замислена само како уште една еколошка иницијатива, туку како обид да се покаже дека грижата за природата не треба да биде обврска само на комуналните служби, туку и на секој граѓанин.

Но, додека волонтерите чистат, бројките покажуваат дека проблемот останува сериозен.

Само во 2024 година Општина Прилеп издвоила 4,8 милиони денари за расчистување на 26 диви депонии и околу 8.000 кубни метри отпад. Во 2025 година биле планирани уште 3,6 милиони денари за чистење нови 6.000 кубни метри отпад. Тоа значи дека за само две години локалниот буџет потрошил најмалку 8,4 милиони денари (близу 140 илјади евра) за последиците од несовесното однесување на граѓаните.

Токму затоа главното прашање не е дали е корисно да се организираат вакви акции, туку дали тие можат да создадат трајна промена ако отпадот постојано се враќа на истите места.

За Џингис Бериша, кој како член на Здружението „Станица ПЕТ“ активно учествуваше во иницијативата, најголемата вредност на „Зелен петок“ не е само исчистениот отпад, туку луѓето што застанаа зад идејата.

Фото: Џингис Бериша

„Особено ми е драго што во активностите се вклучија и голем број граѓани од ромската заедница. Преку заедничката работа се создаде чувство на припадност и одговорност кон заедницата. Ваквите иницијативи не само што придонесуваат за почиста животна средина, туку покажуваат дека секој може да биде дел од позитивните промени“, вели Бериша.

Во текот на осумте месеци околу 240 граѓани учествувале во различни активности – од чистење јавни површини до едукативни работилници и акции за размена на употребливи предмети наместо нивно фрлање. Целта била да се покаже дека отпадот не е само комунален, туку и општествен проблем што бара поинакви навики.

Според Весна Шапкоски, извршна директорка на „Станица ПЕТ“, иницијативата успеала да ги поврзе граѓаните, училиштата, локалната самоуправа и јавните претпријатија околу заедничка цел.

Фото: Весна Шапкоски

„По осум успешно реализирани изданија, иницијативата се потврдува како препознатлива локална платформа која покажува дека промените започнуваат од заедничка акција, лична одговорност и активно учество на сите чинители во заедницата“, вели Шапкоски.

Но, и покрај позитивните примери, јавноста се прашува колку ваквите акции можат да имаат долгорочен ефект ако системот продолжува да реагира дури откако ќе се создаде нова депонија.

Дивите депонии има кој да ги исчисти, но, повторно се создаваат

И покрај редовните акции за чистење, дивите депонии во Прилеп повторно се појавуваат. Според соговорниците, тоа покажува дека проблемот не е во недостигот на акции, туку во системот кој не успева да спречи отпадот повторно да заврши на истите места.

Во ЈКП „Комуналец“ велат дека речиси секоја година се чистат истите критични локации, а покрај нив се појавуваат и нови. Само во изминатите две години биле расчистени десетици диви депонии, но дел од нив повторно се активирале.

Од претпријатието сметаат дека одговорноста не може да биде само нивна.

„Отпад произведуваме сите, но никој не сака да го има во својата близина. Не можеме бесконечно да го чистиме она што повторно се фрла. Ако сакаме почист град, потребно е граѓаните, бизнисите и институциите да преземат дел од одговорноста“, велат од ЈКП „Комуналец“.

Еден од проблемите што го посочуваат е неправилното одлагање на отпадот од деловните објекти. Наместо во контејнери наменети за селекција, картонската и амбалажната отпадна маса често завршува во малите корпи поставени за минувачите, поради што тие брзо се преполнуваат и создаваат впечаток на нечист град.

Во јавноста се отвори и идејата за отстранување на дел од корпите за отпадоци во централното градско подрачје, по примерот на некои европски градови. Но, од Комуналец сметаат дека за таков чекор сè уште не се создадени услови.

„Прво треба да научиме отпадот да го фрламе таму каде што му е местото. Дури потоа можеме да разговараме за модели што функционираат во градови со многу повисока еколошка култура“, порачуваат од претпријатието.

Без инспекции, правилата остануваат само на хартија

Освен промената на навиките, соговорниците предупредуваат дека недостига и поефикасен институционален надзор.

Од Министерството за животна средина велат дека државата инвестира во регионален систем за управување со отпад, изградба на санитарни депонии, трансфер-станици и инфраструктура за селекција и рециклирање. За овие проекти се планирани инвестиции од околу 90 милиони евра, но признаваат дека долгорочното решение не може да се сведе само на чистење на отпадот.

Покрај инфраструктурата, неопходни се контрола, санкции и подобра координација меѓу институциите и локалните власти.

Во Општина Прилеп велат дека веќе подолго време се подготвува нова Одлука за комунален ред, која треба да биде усогласена со поновите закони од областа на управувањето со отпад.Во план е и екипирање на комунални редари, чија улога ќе биде првенствено превентивна – да предупредуваат и да спречуваат прекршоци пред да биде потребно казнување.

Но, според Македонското здружение на млади правници, проблемот не е само во локалните одлуки.

Иако Македонија донесе нов Закон за управување со отпад, дел од клучните подзаконски акти сè уште не се усвоени, што го кочи функционирањето на целиот систем. Еден од нив е Правилникот за тарифа за отпад, кој требало да биде донесен уште во 2022 година. Без него не може да се воведе модел според кој домаќинствата би плаќале според количината на создаден отпад – систем што во многу европски земји се покажал како силен поттик за намалување на отпадот.

Дополнителен проблем се ограничените човечки капацитети.

Според податоците на Македонското здружение на млади правници, на Државниот инспекторат за животна средина му недостигаат инспектори, а голем број општини имаат само по еден инспектор или воопшто немаат таков кадар. Во такви услови, контролата врз незаконското фрлање отпад останува ограничена, а прекршителите ретко се санкционираат.

Токму затоа, предупредуваат експертите, проблемот со дивите депонии не може да се реши само со повремени акции за чистење. Додека системот не стане поефикасен, а казните не почнат доследно да се применуваат, постои ризик јавните средства повторно да се трошат за расчистување на истиот отпад.

Што можеме да научиме од другите?

Искуствата од европските земји покажуваат дека проблемот со дивите депонии не се решава само со повеќе контејнери или почести акции за чистење. Многу поважни се системските решенија што ги менуваат секојдневните навики на граѓаните.

Како пример, од Македонското здружение на млади правници ја посочуваат Љубљана. Таму локалните власти постепено го реорганизирале начинот на собирање отпадот, вовеле почесто празнење на контејнерите за одредени видови отпад и систем според кој домаќинствата плаќаат според количината што ја создаваат. Истовремено, промените биле проследени со интензивна јавна кампања и постојана комуникација со граѓаните.

Таквиот пристап, велат од здружението, не ги променил навиките преку казни, туку преку комбинација од јасни правила, финансиски поттик и континуирана едукација.

За разлика од тоа, Македонија сè уште не ги применува целосно ниту постојните законски решенија. Дел од подзаконските акти не се донесени, инспекциските служби се соочуваат со недостиг од кадар, а локалните самоуправи секоја година повторно издвојуваат средства за расчистување на диви депонии што повторно никнуваат на истите места.

Почист град не се гради еден ден во месецот

Осумте изданија на „Зелен петок“ покажаа дека кога граѓаните, училиштата, институциите и јавните претпријатија работат заедно, може да се исчистат јавни простори, да се мобилизираат волонтери и да се поттикне разговор за одговорното управување со отпадот.

Но, тие покажаа и нешто друго. Дека ниту една волонтерска акција не може да го замени системот.

Колку и да се успешни граѓанските иницијативи, тие не можат сами да спречат создавање нови диви депонии ако нема континуирани инспекции, доследна примена на законите и јасна одговорност за оние што отпадот го оставаат таму каде што не му е местото.

Во Прилеп, како и во многу други општини, прашањето повеќе не е дали има доволно луѓе што сакаат да волонтираат. Прашањето е дали институциите ќе успеат да создадат систем во кој ваквите акции ќе станат исклучок, а не неопходност.

Додека тоа не се случи, секој последен петок во месецот ќе останува потсетник дека граѓанската иницијатива може да ја исчисти една депонија, но не може сама да го реши проблемот.

Авторка: Светлана Ристеска 

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за жени новинарки на ПИНА
ПИНА
Privacy Overview

This website uses cookies so that we can provide you with the best user experience possible. Cookie information is stored in your browser and performs functions such as recognising you when you return to our website and helping our team to understand which sections of the website you find most interesting and useful.