Недоверба во институциите за пријавување на семејно насилство

0
106

Жена од Неготино, на возраст од 46 години и мајка на две полнолетни деца, неодамна почина како резултат на брутално претепување од страна на нејзиниот вонбрачен партнер.

Таа е една од жртвите на фемицид во Македонија, а статистиката за оваа кривично дело станува застрашувачка последниве години.

Според податоците од публикацијата „Анализа на случаи на фемициди – убиства на жени во Република Македонија” на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство во периодот од 2017 до 2020 година во Македонија се убиени дури 22 жени.

Со убиецот најчесто биле во брак, или им бил вонбрачен или поранешен партнер, а во повеќето случаи заедно имале и деца.

Според истражувањата на Мрежата од 2008 до 2016 година, пак биле убиени 70 жени, од кои речиси сите биле жртви на семејно насилство.

Околу 50% од убиствата се случиле во семејниот дом, а околу 25% во дом во кој жртвата живеела сама, со родители или други блиски роднини.

Мотивот за насилството најчесто бил конфликтен однос помеѓу партнерите, љубоморно однесување, сомнежи, како и прекин на врската или развод на бракот, со кој убиецот не можел да се помири.

Според истражувањата на Мрежата повеќе од 80% од жртвите на насилство во земјава претходно не го пријавиле во надлежните институции, кое подоцна во неколку случаеви резултирало со убиство.

Наместо помош, повторно жртви


Ваквиот негативен тренд се должи пред се на неефикасниот државен систем на заштита, превенција и пружање помош на жртвите на насилство.

Голем број жени во Македонија, жртви на насилство, истото не го пријавуваат, бидејќи немаат доверба во надлежните институции, а тие пак што ќе соберат храброст да пријават, системот и средината уште по неколку пати ги виктимизира, вели за ПИНА, Елена Димушевска, извршен директор на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

„Системот на заштита не е функционира како што треба. Кога жените сакаат да пријават насилство, им бараат докази, по што најчесто се подразбира видливи повреди. Но, што кога се работи за други форми на насилство, на пример психолошко или економско, кои се многу чести. Како тоа да го докажат?

Тие пак што ќе решат да го направат тоа институциите повторно ги виктимизираат. Како да им веруваат?

Да не ја заборавиме и средината, која најчесто им лепи етики, како и на женската несолидарност, за разлика од машката.

Таа посочува дека една од причните за ваквата состојба со насилството врз жените во Македонија е и нивната економска зависност.

“Економската ситуација има големо влијание врз одлуката дали некоја жена ќе пријави насилство или ќе одлучи да го напушти насилниот партнер.

Голем број од овие жени немаат ништо на свое име, живеат под кирија, во домот на партнерот или се со малолетни деца, некои имаат и кредит, кој тие ќе треба да го исплаќаат без разлика на епилогот од конфликтот. Како да донесат одлука во вакви ситуации?“, вели Димушевска.

Од Платформата за родова еднаквост, исто така сметаат дека високиот степен на недоверба во постапувањето на надлежните институции, вклучително и полицијата, центрите за социјална работа и правосудството, значително влијае граѓаните да бидат демотивирани да го пријават насилство.

„На тоа се надоврзува ниската свест кај граѓаните дека секој има обврска да пријави насилство, а притоа доминантниот став е дека пријавување насилство од позиција на трето лице претставува мешање во туѓиот живот“, посочија од Платформата во реакцијата за убиството на жената од Неготино.

Кој да го имплементира законот

Како и во многу други сфери, Македонија според експертите од оваа област има добро законско решение, но, проблемот е неговата имплементација.

Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство беше донесен пред повеќе од една година, но сè уште не се усвоени сите подзаконски акти и оперативни процедури неопходни за негова успешна имплементација, почучуваат од Платформата за родова еднаквост.

„Фемицидот сѐ уште не е препознаен како посебно кривично дело во нашиот Кривичен законик, како потежок облик на убиство кога е сторено при вршење на семејно насилство.

Сепак, најголем проблем не е легислативата, која последниве години се усогласува со меѓународните стандарди, туку нејзината несоодветна имплементација од страна на надлежните институции“, велат од Платформата.

На ист став е и Димушевска, кој прашува кој ќе го имплементира законот.

„Кој ќе го имплементира законот? Полицијата, центрите за социјални работи? Жените не им веруваат„, вели таа.

Според анализи на случаите на насилство, на сторителите најчесто им се изрекуваат затворски казни од десет до четириесет години, а во три случаи од минатото, биле изречени и казни доживотен затвор, посочуваат од Мрежата.

Автор: Петре Димитров