Грижата за сексуалното и репродуктивно здравје се води со редовни контроли

0
359

Грижата за сексуалното и репродуктивно здравје е неопходна за да се постигне состојба на потполна физичка, емоционална, психичка и социјална благосостојба поврзана со сексуалноста, а не само отсуство на болест или онеспособеност. Експертите велат дека за неа е неопходно подеднакво да се грижат и жените, и мажите, и дека таа опфаќа многу повеќе аспекти отколку што вообичаено се подразбира меѓу општата популација.

Информираноста за своето тело и права, препознавањето, пријавувањето и навремената превенција од болести и сексуално преносливи инфекции, односно стекнување навика за редовно посетување на лекар и навремена едукација ги наведуваат како неопходни.

Од Младинскиот центар „Сакам да знам“ – Водно велат дека редовноста на дерматовенеролошките прегледи зависи од самата потреба, односно од веќе настанати кожни промени или присуство на сексуално преносливи инфекции.

Како што информираат, во Центарот, дерматовенеролошките услуги се едни од најбараните, најчесто помеѓу машките лица. Како најчести сексуално преносливи инфекции со коишто се инфицираат, ги издвојуваат ХПВ, трихомонас, гонореја, хламидија или сифилис.

„Во Младинскиот центар досега се испитуваа сите горенаведени, со тоа што од оваа година поради кратењето на буџетот од страна на Министерството за здравство, центарот не е во можност да понуди бесплатно тестирање за ХПВ. Останатите сè уште се користат, но во помала мера во споредба со претходните години“, велат оттаму.

Инфекциите, како што велат, најчесто настануваат поради незаштитен сексуален однос и недоволна посветеност на сексуалното и репродуктивното здравје, нередовни прегледи, игнорирање на симптомите и ненавремена терапија и третман на сексуално преносливите инфекции.

Гинеколошкиот преглед е задолжителен во порана возраст, уролошкиот од 45-та година

Гинекологот Филип Исјановски вели дека жените во репродуктивна возраст, кои се сексуално активни, би требало еднаш годишно да посетат гинеколог во склоп на превентивен преглед, додека, повозрасните жени може и поретко, на две до три години.

Заболувањата кај жените, како што вели, се најчесто од воспалителна природа и нарушувања на менструалниот циклус, а поретко се работи за бенигни и малигни творби на женскиот репродуктивен тракт.

Грижа за сексуалното и репродуктивно здравје на жената, според Исјановски, води примарно гинеколог, а секако, како што дополнува, по потреба се вклучуваат и лекари од други специјалности и супспецијалности.

„Лично мислам дека здравствената култура не е на задоволително ниво од аспект на превентивни прегледи. Во примарната здравствена заштита има околу 150 гинеколози. За вкупната бројка немам точен податок. Математички треба да се доволна бројка, но во пракса изгледа дека не е така, бидејќи има области во кои воопшто нема гинеколог“, вели тој.

На прашањето зошто почесто се зборува за гинеколог отколку уролог вели дека хирург уролог е специјалист кој се вклучува во третман на заболувања и кај мажите и кај жените, само по потреба.

„Исто како што може да се вклучи на пример и лекар дерматовенеролог и секако други специјалисти. Но, примарен преглед на маж секако може да изврши и лекар од општа пракса. Сепак, не се прават редовни и превентивни прегледи на мажите од аспект на репродуктивно здравје“, потенцира Исјановски.

Мислењето дека користењето контрацепција е повеќе женска должност и обврска, отколку машка, смета дека потекнува од недостигот на сексуално образование.

Специјалистот по урологија, професор д-р Љупчо Лековски вели дека според препораката на Европската уролошка асоцијација, од 45-та година па натаму,  мажите треба да посетуваат уролог најмалку еднаш годишно.

„Најмногу поради проблемите со простатата, односно карциномот на простатата што се манифестираат во таа возраст, некаде по 45-та година. Еднаш годишно уролошки преглед е сосем доволно“, вели тој.

Љупчо Лековски

Пред таа возраст препорачува дека пациентите можат да се јават на преглед доколку почувствуваат некакви симптоми, а за помладата популација го посочува самопрегледот.

„Генерално, помладата машка популација би требало да врши самопреглед на своите гениталии. Тука се мисли на тестисите, пенисот, главата на пенисот, тоа што е достапно за самопреглед, за да се детектираат промени во смисла на рана детекција на малигни болести, односно тумори на  тестисите, или тумори на пенисот, коишто, исто така, постојат“ вели тој.

Доколку станува збор за инфекции, како што посочува, тие ќе дадат клиничка манифестација, ќе има секрет, црвенило, и тогаш, посочува, неопходно е да се јават на преглед.

Во однос на редовните прегледи на мажите, Лековски вели дека кај нас сè уште постои ставот дека е срамота да се јавиш на уролог.

„Тоа што се смета дека е срамота доколку имаш некаков проблем со гениталии веројатно ги одвраќа младите да се јавуваат на преглед. Јас и денеска сè уште имам пациенти кои доаѓаат на 60-70 годишна возраст и кажуваат дека прв пат доаѓаат на уролог, што во основа не би требало да биде така и не е така во западните земји“, вели тој.

За бројот на уролози во нашата држава вели дека има некаде околу 75.

„Тоа се менува во последните години, можеби и 80, меѓутоа тоа е бројка којашто е сепак мала, така што би требало да има повеќе стручни лица, специјалисти во оваа струка“, посочува тој.

Од Министерството за здравство пак, велат дека се залагаат за долгорочно зајакнување на специјалистичките дејности преку доделување специјализации со Програмата за специјализации која се изготвува на годишно ниво.

„Со Програмата за специјализации за 2022 година која е во тек, предвидено е зајакнување со специјалисти од повеќе области меѓу кои и гинеколози, уролози“, наведоа оттаму.

Во однос на бројката на гинеколози, уролози, како и соодветните прегледи за изминатите години тие одговорија дека во специјалистичките служби имало вкупно 180.092 посети, додека, во гинеколошки ординации 549.792. На специјализација има 64 уролози, и 381 гинеколози.

На прашањето зошто почесто се зборува за гинеколог отколку уролог, Лековски вели дека тоа е поради фактот што кај женската популација гинеколошките проблеми и појавата на болестите можеби се манифестира во некоја порана фаза, затоа и се препорачува женска популација да посетува гинеколог во пораната возраст, додека, кај мажите, болестите се манифестираат некаде во петтата деценија.

Според специјалистот контрацепцијата е должност на двајцата партнери.

Документот за јавни политики Со подобар пристап до контрацепција и услуги за семејно планирање до универзална здравствена заштита покажува дека кога се работи за достапноста и користењето на модерна контрацепција, реалноста е загрижувачка.

Според него, само 14% од жените во земјава, кои се во врска или во брак, користат контрацепција која проверено штити од непланирана бременост, а Индексот за Македонија, со кој се изразува потребата за семејно планирање, задоволена со модерни методи во рамки на генералниот национален „Индекс на универзална здравствена покриеност“, е оценет со 25, при што во светски рамки полош индекс од ова имаат само Албанија, Јужен Судан, Сомалија и Чад.

Сеопфатното сексуално образование придонесува кон грижата за сексуалното и репродуктивно здравје

Ивана Андреевски од Здружението на граѓани ХОПС – Опции за здрав живот Скопје, вели дека сексуалноста е централен аспект на човековото искуство низ животот и го опфаќа полот, родовиот идентитет и родовите улоги, сексуалната ориентација, еротицизмот, задоволството, интимноста и репродукцијата.

Репродуктивното здравје, пак вели дека е состојба на целосна физичка, психичка и социјална благосостојба поврзана со функционирањето на репродуктивниот систем.

Андреевски објаснува дека стигмата, менталитетот и општо прифатени норми имаат огромна улога во однос на тоа дека се почесто се зборува за посета на гинеколог, отколку уролог.

Ивана Андреевски

„Ако народски се изразиме по ова прашање, ќе дојде онаа ‘пусто турско’. Отсуството на информации во однос на сексуалноста и планирањето на семејство на секое ниво кај нас е огромно. Не само кај децата, туку и кај родителите кои најчесто не зборуваат отворено со своите деца на овие теми. Важноста на уролошките прегледи не е доволно афирмирана во јавноста, а за жал и не се претпочитуваат како препорачаните гинеколошките прегледи, барем еднаш годишно. Самиот факт дека секоја жена во Република Северна Македонија треба да има матичен гинеколог, а не постојат матични уролози, зборува многу“, вели таа.

Смета дека сеопфатното сексуално образование ќе придонесе кон грижата за сексуалното и репродуктивно здравје и кон превенирање на сексуално преносливите заболувања.

„Сè уште темата за сексуалното и репродуктивното здравје кај нас е табу тема, а тоа придонесува и до лошо сексуално здравје кај младите, насилство, врсничко насилство и дискриминација. Информирана и образована младина значи себеприфаќање, добро физичко и ментално здравје и реализирана личност“, вели таа.

Мери Цветковска од Aсоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА вели дека грижата за сексуалното и репродуктивното здравје значи грижа и одговорност за себе, своето тело и целокупно психо-физичко здравје и благосостојба.

„Грижата за своето сексуално и репродуктивно здравје значи и превенција и справување со сексуална злоупотреба, насилство и лоши искуства. Планирање на семејство, информираност за тоа какви видови контрацептивни заштитни методи постојат и како се употребуваат, опфаќа позитивен став и уживање кон својата сексуалност и телесна автономија, но и почит кон туѓата“, вели таа.

Мери Цветковска

Според неа, во нашето општество неретко момчињата, и машките генерално, одењето на доктор го гледаат како покажување слабост и помала „машкост“.

„Го гледаат како срамно или непотребно бидејќи тие се „силни“ и ништо не ги боли, објаснувајќи дека доктор се посетува само кога има некој проблем, па за жал, најчесто одат кога е веќе доцна. Се разбира дека овие сфаќања и негрижа за машкото здравје не се вродени, туку стекнати, наметнати и научени од родителите, училиштето, системот и средината генерално“, вели таа.

Дополнува дека решението за овој лош тренд е познато, односно дека тоа е сексуалното образование.

„Во државите каде што од најмали нозе подеднакво се информираат и момчињата и девојчињата, нема ваква родова дискрепанца во однос на посетувањето лекар и во врска со сексуално преносливите инфекции“, заклучува таа.

Користењето на контрацепција како женска обврска смета дека е наметнато поради неинформираност, предрасуди и нееднаков пристап кон девојчињата и момчињата од страна на возрасните.

„Уште од најрана возраст момчињата се изоставени од едукација и подигнување свесност за своето сексуално и репродуктивно здравје, а кога немаат грижа за самите себе, логично е дека уште помалку ќе се грижат за туѓото здравје. Но, тоа што треба да се знае за користењето на контрацепција е дека одговорноста да користиме заштита е секогаш лично наша, а не на партнерот, без разлика дали е момче или девојче“, вели таа.

Цветковска сподели дека фактот што статистиката покажува дека девојките повеќе користат контрацепција, кажува дека се многу поинформирани од момчињата.

„Во изминативе 10 години со повеќе од 3.000 едуцирани млади, 90% од пријавените учесници на нашите обуки за сеопфатно сексуално образование се токму девојчиња. Па така, не само што за момчињата е срамно одењето на уролог и дерматовенеролог, туку и едуцирањето за овие теми е сè уште табу тема и така, оваа причинско-последична врска оди на штета на младите, а најпрво почнува од игнорантноста и несериозноста за овие теми од страна на училиштето и државата“, вели таа.

Авторка: Ангела Рајчевска