Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Александар Донев, се дел од функционерите кои јавно агитираа за партијата СДСМ пред локалните избори. Јавна поддршка преку Фејсбук за ВМРО-ДПМНЕ пак упати и еден директор на училиште. Ваквата појава е честа, но сѐ додека не трошат државни ресурси за тоа, државните службеници не кршат никакви законски регулативи додека агитираат за партиите, сметаат аналитичарите. Сепак останува моралната дилема бидејќи тие се избрани да работат во служба на сите граѓани, а не само оние кои ги гласале.
„За да си го спасиме нашето Скопје и да си го направиме европско, модерно и чисто. За чист воздух и за подобра иднина на мојот син, јас гласам за слободно Скопје и Петре Шилегов“, напиша на својот Фејсбук профил, Александар Донев, директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.
Тој е само еден од низата државни функционери и јавни службеници кои преку социјалните мрежи отворено агитираа за одредени кандидати за градоначалници, како и за програми на политички партии. Дали смеат да го прават ова, дали ставот го искажуваат како граѓани на оваа земја или функцијата што ја вршат, министри, директори на државни претпријатија или директори на училишта? До каде е црвената линија што не треба да ја преминат?
Сѐ додека државните службеници не трошат државни ресурси додека агитираат за кандидати при избори или за партиски активности, не кршат никакви законски регулативи, но сепак, останува моралната дилема дали ова е во ред, со оглед на тоа што тие работат во служба на сите граѓани, смета комуникологот Петар Арсовски.
– Бидејќи се работи за етичко прашање, би требало, особено државните службеници од министри, до портири да се воздржат од тој тренд, или да се воздржат додека трае кампањата. Тие се министри на сите граѓани и додека не се донесе некое законско решение за забрана, треба да користат здрав разум – вели за ПИНА, Арсовски.
Изразуваме лични ставови, надвор од работното време
На својот официјален фејсбук профил, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска како насловна фотографија неодамна ја имаше поставено кампањата на СДСМ за локалните избори. Таа го објавила и линкот на платформата на оваа партија „Живот во Македонија“.
Побаравме коментар од министерката дали оваа партиска агитација ја смета за мешање на државата и партијата и дали според неа, во ек на изборна кампања е во ред да агитира за партиски кандидати за градоначалници или за одредена партија? Од нејзиниот кабинет добивме одговор дека министерката Мила Царовска е член на работни тела на СДСМ, а во владата е ангажирана на предлог на оваа партија.
– Таа ја спроведува програмата „Живот во Македонија“, која беше предложена на парламентарните избори. Сите ангажмани поврзани со партијата, Царовска ги спроведува исклучиво и строго надвор од работното време и исклучиво за време на викенд. На официјалната фејсбук страница на Министерството за труд и социјална политика не постојат постови со партиска содржина. Министерката повлекува строга граница меѓу ангажманот како министерка и партискиот ангажман – велат во одговорот до ПИНА од нејзиниот кабинет.
И директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Александар Донев на својот профил на Фејсбук, пред изборите постираше дел од кампањата на СДСМ за локалните избори, и отворено даде поддршка за одредени кандидати за градоначалници на оваа партија.
И него, го прашавме дали ова партиско агитирање е во ред, со оглед на тоа што е директор на државна агенција. Донев ни одговори дека потребна е департизација на државата и дека го поддржува овој процес, но не смета дека има нешто лошо да поддржи кандидат на одредена политичка партија како граѓанин. Тој ни нагласи дека нема партиска книшка и дека сите ставови што ги изразува на Фејсбук профилот се лично негови и дека не користи државни ресурси за партиска агитација.
– Не гледам ништо лошо во тоа да поддржам нешто што е за општо добро и со цел да го победиме криминалот што ни се случуваше. Да не заборавиме, дека пред неколку месеци држава ќе немавме. Малку е различна ситуацијата и не чувствувам морален проблем околу тоа. Баш посебно затоа што свесно го правам тоа, поддржувајќи нешто што ќе помогне да излеземе од оваа агонија што ни се случуваше во државата. Инаку, поддржувам одлука да не се користат државни ресурси за избори, знаеме до кој степен тоа беше злоупотребено претходно – вели Донев.
Бракот „партија – држава“ се критикува во сите меѓународни извештаи
Во извештаите за напредокот на Македонија во процесот на пристапување кон ЕУ, континуирано се нагласува за проблемот на мешање на државата и на партијата или „партизацијата“ на државата. Во пресрет на локалните избори, Владата донесе декларација за заложби за слободни и фер избори. Роберт Поповски, министерот без ресор, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност на прес-конференција изјави дека ниту еден кандидат за градоначалник нема да користи државни ресурси за време на изборната кампања.
Од Владата велат дека забраната за мешањето на државата и партијата е еден од главните предуслови за одржување на фер и демократски избори. Затоа направиле прецизно упатство за начинот на постапувањето на премиерот, министрите во Владата и на сите останати државни функционери за користење на државните ресурси како возила, опрема и останато за време на изборната кампања. Но, сепак се наметнува дилемата, како агитирањето на државните функционери, иако е надвор од работното време и без државните ресурси може да влијае на гласачите, со оглед на позицијата на моќ што ја имаат во моментот.
Аналитичарот Арсовски смета дека во последен период сме станале малку хистерични по прашањето на одвојување на државата од партијата, бидејќи имавме многу лошо искуство, на целосна метастаза на партијата во државата под водство на ВМРО-ДПМНЕ. Според него, јасна линија на одвојување не постои, бидејќи државните службеници имаат право на свое мислење, може и да кажат за кого ќе гласаат на своите профили, па дури и да ги повикаат своите пријатели да гласаат. Но, тој нагласува дека проблемот настанува кога се трошат државни ресурси во агитација и пропаганда за некоја политичка опција.
– На пример ако за тоа се користат државни профили, ако се прави за време на работно време, ако се користат државни автомобили, државен интернет итн. Тоа е забрането, но бидејќи се работи за нешто што е етичко, би требало, особено државните служнбеници од министри, до портир да се воздржат од тој тренд, или да се воздржат додека трае кампањата – вели Арсовски.
Според него, постојат земји во кои е законски забрането, кога некој ќе стане државен службеник, да работи за една или за друга партија.
– Тоа е системот на Велика Британија. Таму напишано е точно што смее, а што не смее да прави еден државен службеник. Тие не ни смеат да разговараат за партиски теми. Со оглед на тоа што кај нас има само забрана за користење на државни ресурси, но не и забрана за агитација надвор од работно време, сè останува на морално ниво – вели тој.
Директор на училиште повикува на глас за Ивица Конески
Покрај јавно навивање за одредена политичка партија и за нејзини кандидати, кај нас се случува, тоа да го прават и јавните службеници, како директори на училишта. Тоа го покажува примерот на Раде Жегарац, директор на основно училиште од општина Аеродром. Тој на својот Фејсбук профил, пред локалните отворено ги изрази своите симпатии за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и за нивниот кандидат за градоначалник на општината.
Жегарац за ПИНА вели дека тој има право како граѓанин на оваа земја да има политички став и свој фаворит на локалните избори.
– Во моите постови не велам да се гласа отворено за некој, туку ја фалам работата на еден човек за кој сметам дека добро работел и сум задоволен како граѓанин. Тој не е политичка личност туку е за сите граѓани. Во постовите ниту назначувам одредена политичка партија, ниту велам отворено да се гласа за некој, тоа не е агитирање. Си го кажувам моето мислење како граѓанин – ни изјави Жегарац.
И директорот Донев смета дека иако се државни службеници и се во служба на народот, имаат и приватен живот и свои права како граѓани.
– Не може до толку да се навлезе во тоа, имаме право да бидеме членови на партија, да поддржувaме некој што треба да биде поддржан, но сето тоа е во ред додека знаеме да го делиме приватното и државното – ни изјави Донев.
Од друга страна пак, комуниколот Арсовки е дециден дека со оглед на тоа што нема мерка за забрана за политичко агитирање, треба да постапиме исто како со пушењето и да има законски измени.
– Ваквото однесување на државните и на јавните службеници треба да се критикува, бидејќи ние немаме мерка за забрана. А бидејќи немаме мерка, треба да биде како со пушењето. Ако не можеме да се повикаме на здрав разум , треба никој да не смее да го прави тоа. Потребни се законски измени да се направат, бидејќи очигледно е дека ние не ги почитуваме здраворазумските норми – смета Арсовски.
Авторка: Милена Атанасоска- Манасиева