ААВМУ констатираше дисбаланс кај Алфа при известувањето за изборната кампања

0
99

Телевизиите на државно и регионално ниво и радијата во првите 10 дена од изборната кампања за локалните избори генерално се фокусирани на известување за кампањите на двете големи коалиции – предводени од ВМРО ДПМНЕ, односно од СДСМ, кои имаат најголем број потврдени листи со кандидати за градоначалници и советници, соопшти Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Нивниот мониторинг кој се одвивал од 25 септември до 4 октомври покажал дека радиодифузерите во извештаите од кампањските активности, настојуваат да обезбедат еднаков третман и квантитативно и квалитативно, со тоа што за Коалицијата на ВМРО ДПМНЕ често има повеќе време како резултат на нивните реакции и критики за активностите и политиките на власта.

„Поради ова, дисбаланс во известувањето е констатиран единствено кај ТВ Алфа која, споредено со телевизиите на државно ниво кои имаат сличен начин на реализација на вестите, одвои забележливо повеќе време за Коалицијата на ВМРО ДПМНЕ.

Кај Јавниот радиодифузен сервис МРТ има отстапувања од законски пропишаниот образец за структурата на вестите – 30%+30%+30%+10%, но не се констатирани прекршувања на балансот во известувањето затоа што – во законски определените сегменти од вестите во кои известуваат за активностите од кампањите на партиите од власта, односно од опозицијата, постои квантитативно и квалитативно еднаков третман. Исто така, четирите анализирани сервиси направиле напори да известат и за активности на вонпарламентарни партии (Левица) и за независни кандидати.

Потребно е да се забележи дека дел од програмските сервиси на МРТ издвојуваат повеќе време за да известат за дневните настани од земјата и светот што, како медиуми и како јавен сервис, е нивна примарна обврска. Сепак, до крајот на кампањата, треба да обрнат повеќе внимание на законските барања за структурата на вестите“, се вели во соопштението на агенцијата.

Според агенцијата, информативните редакции на медиумите се труделе да ја задржат логиката на конкретниот политички процес, односно да ги претставуваат пред сè изборните активности на кандидатите за градоначалници, а не примарно лидерите на одредени партии/коалиции.

„Но, ваквата комуникациска практика не зависи секогаш од волјата, свеста и од уредувачкото искуство на редакциите, туку предвид мора да се имаат и изборните концепции, и организаторските „техникалии“ на самите партии/коалиции, односно: Како е изведен настапот пред гласачкото тело (митинг/средби со граѓани/промоција проекти), кому му е даден приоритет при таквиот настап, или, пак, колку траел тој изборен настап, а како било медиумски известено за него во планираното време за прилогот, и, конечно, има ли медиумот доволно развиена дописничка мрежа за такво изборно промотивно темпо и за таков информативен опфат?

Во оваа смисла, пошироко погледнато, од аспект на – „информативните намери“ на медиумите, просудбата за рамномерноста на досегашното известување за активностите на учесниците во изборниот процес, секако предвид ги зема и другите новинарски/медиумски облици за известување од кампањата, најнапред – интервјуата и дебатите. Притоа, предвид е земена и комуникациската практика на некои политички партии/коалиции, во овој комуникациски сегмент – од најразлични причини, помалку-повеќе експлицитно, да ги игнорираат редакциските обиди за организирање предизборни медиумски соочувања“, велат од ААВМУ.