Филипче: Наесен се очекува нов бран на ковид-19 кој може да биде посилен

0
180

Дополнителни болнички капацитети се подготвуваат за евентуалниот нов бран на ковид-19 наесен, за кој министерот за здравство Венко Филипче, смета дека може да биде посилен и побрз во однос на ширењето.

Тој вели дека во период кога луѓето почесто се во затворени простории, а периодот се поклопува и со сезонскиот грип, па следствено на тоа позафатени ќе бидат тие болнички капацитети.

„Имав средба со повеќе директори на повеќе болници во изминативе денови во Штип, Охрид и во Битола. Разговараме и ги разгледуваме евентуално дополнителните капацитети кои би можеле да се користат како болнички. Има неколку студентски домови, конкретно во Охрид и Битола за кои ќе дискутираме дали тие ќе може да се користат. Условите се сосема добри, солидни и со кујни, може да се сместуваат пациенти. Но е прашање како тоа ќе се изменаџира во следниот период со Министерството за образование секако“, рече Филипче на денешната прес-конференција.

Тој вели дека засега има доволно капацитети и соопшти дека целосно е завршена инсталацијата за довод на кислород во Модуларната болница и таа е подготвена да прими пациенти.

„Заврши постапката за ист таков тип модуларна амбуланта и евентуално сместувачки капацитет до Клиниката за пулмологија за следниот период, за да се направи уште еден центар за тријажа на пациенти блиску до Клиника, каде има експертиза во однос на третман на белодробни заболувања“, додаде Филипче.

Како што рече, целта е да се растерети амбулантата која сега ја користат повеќе интернистички клиники, каде влегуваат и пациенти со белодробни заболувања. Во следниот период целта е тие целосно да се одделат од сите други пациенти, дури и во амбулантскиот дел.

Во моментот вкупно хоспитализирани се 421 пациент, суспектни и позитивни на ковид-19, или 11,4 отсто од вкупниот број на активни случаи. Бројот на хоспитализирани од активни случаи е речиси ист изминатиот период и се движи од 11 до 12 отсто, останатите 88 отсто се на домашно лекување со лесна клиничка слика или асимптоматски.