Почетна Вести Блокада пред Влада против институционалното непостапување за родово базираното насилство

Блокада пред Влада против институционалното непостапување за родово базираното насилство

Од иницијативата „Ниту една повеќе“ бараат одговорност oд надлежните институции, подобра координација меѓу полицијата, социјалните служби и правосудството, како и преземање мерки против функционерите што го оправдуваат или го нормализираат насилството.

0
14
Со едноминутен молк и огромен транспарент „Женски надзор“, поставен пред Владата започна денешната блокада против институционалното непостапување за родово базираното насилство кое годинава резултираше со 7 фемициди.
На блокадата се обрати и Бети Ангеловска, мајката на 21-годишната битолчанка која беше претепана од својот партнер.

„Го молам министерот за внатрешни работи, го молам Јавното обвинителство. Телефоните се земени на вештачење, во нив има снимки, видеа, материјали на кои се гледа дека е претепана. Ме лазат морници при самата помисла на тие слики од моето девојче“ изјави таа.

Граѓаните пред Владата со извици, свирчиња и тапани го искажаа својот револт за случаите на фемицид што ја потресоа јавноста, коишто се резултат на институционални пропусти. Еден од случаите што предизвикаа силни реакции во јавноста е смртта на 17-годишната Билјана Кириќ од Богданци. Кириќ иако претходно го пријавувала насилството и заканите од својот партнер и биле преземени одредени правни мерки, сепак тие не биле доволни за да се спречи нејзиното убиство.
„Гневни и бесни сме на сите кои ја хранат културата на насилство во ова општество, на секое непостапување на полицијата, на секоја пријава која завршува во фиока, на секој повик за надзор, на секое релативизирање на насилството како мал престап, на обвинителството, судовите и социјалните служби кои имаат одговорност и обврска да стават крај на монструозното фемицидно секојдневие!“ соопштија од иницијативата „Ниту една повеќе“ која ја организираше блокадата.

Активистите бараат институциите да престанат со празни ветувања и да преземат конкретни мерки за заштита

Од „Ниту една повеќе“ бараат побрзо усвојување на законските измени за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство. Тие ги споделија нивните шест конкретни барања до институциите:

1.     Итно усвојување на измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, поднесени на 26 август во Собрание најдоцна до 10 декември 2026 година.

2.     Финализирање и усвојување на пакетот измени на осум закони, за кои беше формирана работна група во Април 2026 година меѓу кои Законот за полиција и Законот за семејство кои треба да обезбедат поефикасна институционална заштита и подобра координација меѓу полицијата, социјалната заштита, правосудството и другите институции.

3.     Обезбедување конкретни буџетски средства во Буџетот за 2027 година, вклучително и најмалку 200 милиони денари за специјализирани услуги за заштита и поддршка на жртвите на насилство и превентивни програми за третман на сторителите.

4.     Усвојување и јавно објавување на заклучоците од собраниската надзорна расправа за родово базираното насилство, со конкретни институционални задолженија, рокови и механизми за следење.

5.     Повлекување на регресивните измени во: законите за основно образование и учебници  за основно и средно образование усвоени во април 2025, упатството за заштита од насилство во основно образование (усвоено јули 2025) и програмата за сексуално образование, со кои е ослабена заштитата од дискриминација, родовата еднаквост и превенцијата од родово базирано насилство, како и враќање на сексуалното образование.

6.     Итно утврдување индивидуална и институционална одговорност за сите случаи на фемицид, вклучително и последниот случај со 17-годишната девојка од Богданци. Бараме независни проверки на постапувањето на надлежните институции и конкретни последици за утврдените пропусти.

Блокадата заврши со едноминутен молк за починатите жртви на родово базирано насилство.

Иницијативата „Ниту една повеќе!“ најави протест за среда, 25 ноември, кој ќе започне во паркот Жена Борец.

„Ќе продолжиме да протестираме и блокираме сѐ додека не се исполнат сите услови за безбеден живот: итно постапување по сите наши барања за целосни, транспарентни и правични судски постапки и соодветни казни за насилниците и убијците.“ сооопштија од иницијативата.

За оваа сабота пак, најавен е протест и во Охрид од 12 до 14 часот на охридскиот плоштад. Како што споделуваат организаторите, протестот е поттикнат од последниот случај што го потресе Охрид, од гневот и загриженоста поради зачестеното насилство врз жените, како и институционалното непостапување за истото.

ПИНА и претходно пишуваше на темата родово базирано и семејно/партнерско насилство.

Во лавиринтот на судството – жртвите чекаат, реформите остануваат на хартија

Фемицидите во Македонија – последица на институционални пропусти

Момировска: Насилството често е скриено, но секогаш остава траги

Уште една трагедија ја потврди нефукционалноста на институциите за навремена заштита од семејно насилство

Меѓу закон и пракса: не функционира гонењето по службена должност за семејно насилство

Авторка: Бјанка Станковиќ
ПИНА
Privacy Overview

This website uses cookies so that we can provide you with the best user experience possible. Cookie information is stored in your browser and performs functions such as recognising you when you return to our website and helping our team to understand which sections of the website you find most interesting and useful.