Кој ги штити новинарите, работилница на Google News Lab, истражувачкото новинарство во Германија – темите што ќе ги отвори ИФФС на последниот ден

0
34

„Безбедноста на новинарите во Европа – Кој го штити новинарството“ е тема на дебатата што ќе се одржи денеска во 12.30 часот во Кино Култура, во рамки на Истражувачкиот филмски фестивал Скопје.

Само во една година се случија повеќе убиства на новинари во Европа, со сомнежи дека мотивите на убиствата може да се бараат токму во нивната работа. Безбедноста на новинарите станува сѐ поголема грижа во многу земји, велат од фестивалот во образложението на дебатата.

Ќе дискутираат: Карло Бонини, новинар на Ла Република, Мет Сарнецки од Проектот за организиран криминал и корупција и Кристина Озимец, претседател на Платформата за истражувачко новинарство и анализи и координатор на ИФФС.

Модераторот Васко Попетрески

Веднаш по дебатата, гостин на фестивалот ќе биде Ивор Фука, основачот на хрватскиот портал „Лупига“. Тој ќе и сподели на публиката како независните медиуми можат да постигнат успех со кампања за crowd-funding, односно со поддршка на читателите.

Една од најголемите глобални измами „Рајските документи“ на филм ќе биде прикажана во 17 часот во Кино Култура. „Рајски документи: Вистинската приказна позади тајната деветмесечна истрага“ на Ерик Вајнриб ќе овозможат увид во тајната истрага од првиот ден на протекувањето.

Гостинот од Google News Lab, Даниел Жонса во 18.30 часот ќе одржи работилница за новите онлајн-базирани алатки и како да се искористат во новинарството.

„Истражувачкото новинарство во Германија: Предизвици и моментална состојба“ е темата на дискусијата што е закажана за 19.45 часот. Гости се врвни новинари од Германија, земјата која ги има едни од најдобрите истражувачки медиуми во светот. Ќе дискутираат: Анете Довидајт, Оливер Шрем, Фолкер Штајнхоф, а модератор ќе биде Владимир Мирчески.

Со филмот „Убивањето на Павел“ во 21 часот ќе биде затворено второто издание на Истражувачкиот филмски фестивал Скопје.

Филмот е посветен на Павел Шеремет, наградуваниот белоруски новинар кој живееше во Украина, на 20 јули 2016 година беше убиен од автомобил-бомба во Киев.

Интересни и конструктивни дебати се случија вчера на вториот ден на ИФФС. Се дискутираше за тоа владиниот пиар и социјалните медиуми и за тоа до каде е границата за користењето на социјалните медиуми за промоција на владината агенда. Бранко Героски, Бојан Кордалов, Божидар Божиновски, Васко Малгешов и Марјан Забрчанец ги споделија своите мислења на темата. Дебатата предизвика и бројни прашања од публиката.

Голем интерес покажа публиката и за дебатата на тема „Истражувачкото новинарство во Македонија – предизвици и како понатаму“. За ова новинарство треба пари и време, се согласија учесниците – Васко Попетрески, Александра Денковска, Фуркан Салиу, Елiда Зулбеари и Петар Клинчарски.

Истражувачкото новинарство треба да се изучува уште на факултет, меинтрим-медиумите да го сфатат сериозно и да вложуваат, новинарите меѓу себе да се инспирираат кога еден медиум ќе започне приказна, други да ја продолжат, а пред сѐ, да постои солидарност во професијата, тоа беа дел од заклучоците на дебатата.

Гостин на вториот ден беше Карло Бонини, кој го претстави неговиот филм „Дафне: Егзекуцијата“. Тој ја импресионираше публиката со неговиот филм за убиството на новинарката од Малта, Дафне Каруана Галиција и сподели како е работен филмот.

Два македонски документарци беа прикажани – „Случајот Дрисла: Не смрди само ѓубрето“ и „Водомила“.

Истражувачкиот филмски фестивал Скопје го организира Платформата за истражувачко новинарство – ПИНА, во соработка со ФЕС – Скопје.

Сите детали за фестивалот може да ги следите на веб-страниците www.pina.mk и www.iffs.mk, како и на нашите страници на Фејсбук:https://www.facebook.com/pina.mk/ https://www.facebook.com/iffs.mk/, Твитер https://twitter.com/pinamkd и Инстаграм.