Новинарот мора да биде во позиција да си ги заштити своите сведоци, „свиркачите“ мора да бидат заштитени, за да зборуваме за вистинско новинарство – смета Карло Бонини, новинар на „Ла Република“ и автор на филмот „Дафне: Егзекуцијата“, посветен на убиството на малтешката новинарка Дафне Керуана Грација. Заедно со американскиот новинар Мет Сарнецки и Кристина Озимец, како модератор, на последниот ден на Истражувачкиот филмски фестивал Скопје дискутираа за безбедноста на новинарите во Европа и кој го штити новинарството.
На прашањето зошто да се избере филмот како медиум за да се раскажат приказни во кои се води истрага за убиства на новинари, Бонини вели:
– Сакавме да стигнеме до што поголема публика, затоа го избравме филмот како медиум за да ја работиме оваа тема. Јазикот на сликите е посилен од напишаните зборови, тоа е современ начин да и покажете на публиката добро новинарство. Филмот го направивме за да ја рехуманизираме Дафне, да ѝ возвратиме за тоа што таа беше и го работеше. Најтешко од сѐ беше да ги убедиме луѓето да зборуваат пред камера. Не беше проблем да ни бидат соработници, ама штом требаше да се вклучи камерата, тоа стануваше – рече Бонини.
За Сарнецки, кој го претстави својот филм „Убивањето на Павел“ за белорускиот новинар Павел Шерамет, многу е важно кога работите на вака деликатни проекти, да знаат и вашите колеги.
– На гласникот може да му се случи нешто, ама пораката не смее да умре. Дискусии како што се на ИФФС и на вакви средби се добри и треба да ги имаме. Не велам дека вака ќе спречиме некој новинар да биде повреден, но важно е да се поврзуваме, да соделуваме искуства, да соработуваме – вели Сарнецки.
Тој истакна дека за разлика од пред десеттина години кога соработката помеѓу медиуми и организиации од различни земји беше ретка, денес таа слика е сменета.
Особен интерес предизвика работилницата на Даниел Жонса од Google News Lab, кој ни ги претстави онлајн-алатките кои Гугл ги нуди, а кои може да помогнат за изработка на многу поквалитетни новинарски приказни.
Низ примери кои се однесуваат и на Македонија, Жонса ни покажа како новинарите можат да ги збогатат своите текстови и прилози. Посебно внимание предизвика алатката која Гугл e ја нуди за да утврдите дали една фотографија е соодветна за конкретниот текст, односно дали е навистина од одреден настан или некој сака да ја измами јавноста.
Тројца врвни истражувачки новинари од Германија, Анете Довидајт од „Велт“, Оливер Шрем од „Коректив“ и Фолкер Штајнхоф од „Панорама“ зборуваа за состојбите на новинарството во нивната земја. Тие се согласија дека Германија има силно истражувачко новинарство и дека не се соочуваат со политички притисоци, но повеќе економски.
– Ако имаме некоја приказна, се консултираме со нашите адвокати, кои не предупредуваат дека сигурно ќе не тужат луѓето за кои пишуваме и ни кажуваат, ако не ви е проблем вашиот медиум да плати казна, тогаш објавете. Тогаш мораме да процениме дали вреди да ја објавиме одредена приказна – вели Довидајт.
Штајнхоф е еден од пионерите во германското истражувачко новинарство. Тој нагласува дека не смета дека треба да има поделба помеѓу истражувачко и друго новинарство, зашто секое новинарство треба да се бави со истражување, со постојано проверување дури и на најјасните факти.
Сите се согласија дека публиката денес губи доверба во медиумите зашто ги има секакви. Довидајт објасни дека „Велт“ имаат форма на дијалог со читателите за да имаат подобра интеракција и доверба.
Шрем истакна дека гледа иднина за истажувачкото новинарство во Германија.
– Новите генерации новинари се добро подучени, знаат повеќе странски јазици, имаат технологија на располагање. Проблемот е во издавачите кои не знаат како да ги продадат приказните – рече новинарот на „Коректив“.
На последниот ден на фестивалот гости беа и претставници на хрватскиот медиум „Лупига“, кој пред неколку години успеа со помош на јавна поддршка од читателите да собере пари за да ја продолжи својата работа.
Фука објасни како ја реализирале кампањата, даде многу практични совети кои незавнисните медиуми можат да ги користат доколку сакаат да добијат поддршка од читателите.
Со филмот „Убивањето на Павел“ беше затворено второто издание на Истражувачкиот филмски фестивал Скопје, што го организираше Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА, заедно со Фридрих Еберт Скопје.