Што ќе откријат идните генерации кога ќе копаат низ остатоците од нашето време?
Ова прашање го поставува Ана Тодоровска, авторка на проектот „Археологија на сегашноста“, преку изложбата што месецов беше претставена во Културниот центар Јадро во Скопје.
„Артефактите“ се собрани од отпад на повеќе локации низ Македонија и се трансформирани во уметнички дела.
Авторката вели дека отпадот е огледало на цивилизација што живее од инстант задоволства, но и ни раскажува какви вредности сме избрале како општество.

Ана Тодоровска е мултидисциплинарен уметник, лиценциран психолог и практичар на експресивна арт терапија.
Ја користите уметничкатa трансформација на отпадот за се погледнат трагите што луѓето ги оставаат врз заштитените и значајни простори. Колку е кревко и загрозено нашето културно и природно наследство од она што го забележавте на терен преку истражувањето за проектот?
Во рамки на проектот беа посетени 15 локации кои претставуваат или значајно културно наследство или споменици на природата, но намерно одлучив да посетам места кои не се толку познати. Од она што го видов на терен, забележав дека не постои место кое не е допрено од човечка рака, колку и да е тешко пристапно. Ова поднебје се одликува со богато културно наследство – сите градови и села имаат во близина значајни локалитети и археолошки наоѓалишта, но за жал, поголемиот дел од нив се во запуштена состојба, оставени на забот на времето и на милоста или немилоста на секој случаен минувач. Дел од локалитетите не се сè уште целосно истражени, има уште многу да се открива. Истовремено, дом сме на уникатни природни богатства и ендемски видови животни, птици, езерски сунѓери, пеперутки, инсекти и растенија, кои исто така патат од современиот начин на живот и масовната потрошувачка.
Која е пораката што сакате да ја пренесете со „Археологија на сегашноста“?
Преку овој проект земам перспектива од археолог од иднината и се обидувам да дознаам што идните генерации би откриле за нашиот живот денес, т.е. што ќе им оставиме како наследство. На тој начин, преку трансформацијата на отпадот во дела кои раскажуваат двојна приказна – една за значајноста на локациите на кои се пронајдени овие остатоци и другата за влијанието на овие материјали врз животната средина – гледачот е предизвикан да се соочи со последиците од своето удобно живеење денес. Делата се едукативна алатка, но и наше огледало – бараат да размислиме кои се нашите вредности, како ги користиме ресурсите на планетата кои се ограничени, но и да станеме свесни за нивото на отуѓеност од природата од која сме дел.

Како психолог и уметник, како ја објаснувате врската меѓу човечкото однесување кон животната средина и прекумерното создавање отпад?
Природата функционира во циклуси и има совршен механизам на употреба на ресурсите, создавање, користење, распаѓање, одново обновување. Човекот е единствената форма на живот која успеа да ги наруши екосистемите и биодиверзитетот на планетата, што сметам дека зборува за нивото на отуѓеност од природата – ја гледаме како нешто „таму некаде“ што го посетуваме повремено, или како бесконечен потрошен материјал кој постои за нашата удобност, заборавајќи дека и ние сме дел од неа и една алка во целиот екосистем. Ако набљудуваме еден поединец кој што трупа отпад во својот дом, веројатно би се загрижиле и би заклучиле дека нешто не е во ред со неговото душевно здравје. Кога истото тоа го правиме како колектив, како општество и како човештво, ќе си дадам слобода да посочам дека тоа е симптом на една колективна криза за смислата на нашето место во светот; живееме во општество кое ни праќа порака дека вредиме само ако купуваме и трошиме повеќе, потрошувачката веќе нема врска со реалната потреба и стана цел сама за себе. Така, начинот на кој се однесуваме со природата и живиот свет воопшто е само рефлексија на тоа како се однесуваме кон себеси, а сето тоа ни се враќа.
Сметате ли дека современото општество ја нормализира небрежноста кон околината и на кој начин тоа влијае врз индивидуалната одговорност?
Да, сметам дека проблемот е во коренот на функционирањето на денешното општество. Ако денес живееме по капиталистички вредности – самиот назив укажува што е во центарот на организацијата на општеството: пари и добивка. Денес, може да видиме на целата планета примери како се уништуваат огромни површини прашуми, џунгли, питка вода и останати благодети неопходни за живот, за да се оствари профит. Во контакт со една таква машинерија, индивидуата е обесхрабрена за своето влијание, па забележувам дека денес владее едно апокалиптично расположение меѓу луѓето, во смисла „и така светот оди во неповрат, дај барем јас да се изнаживеам сега, оти утре не ни е ветено“. На тој начин, консумеризмот се прошири не само на стекнување предмети, туку и на потрошувачка на искуства – не смееш ништо да пропуштиш! Меѓутоа, секој од нас влијае директно на својата блиска околина преку изборите што ги прави, а системите ги одржуваме на тој начин, секој ден избирајќи да продолжиме на истиот начин како вчера. Ние можеме да продолжиме да користиме платнени торби и метални сламки и со тоа да го намалиме нашиот личен отисок, но сметам дека треба да се здружиме и да извршиме притисок за промена на начинот на производство и комплетно отфрлање на неодржливи материјали.
Колку е тешко во време на конзумеризам и прекумерно создавање отпад да се сочуваат наследените простори?
Сè потешко, зашто наследените простори бараат инвестиција, постојана грижа, континутитет, а од друга страна, не генерираат инстант профит и не штанцаат нови и брзи искуства, што е основата на потрошувачката логика. Всушност, многу локалитети се оштетени и уништени поради градба на „поисплатливи“ приказни. На тој начин, не губиме само физички простори, туку и дел од историјата, значењето и поврзаноста со местата кои нè обликувале.

Каде според вас се формира клучниот проблем во човековото однесување кон животната средина и прекумерното создавање отпад? Во воспитувањето, образованието или во поширокиот систем на вредности?
Системот на вредности е јадрото околу кое се создава секој аспект на живеењето – образованието, работата, слободното време, меѓучовечките односи, односот кон останатиот жив свет. Да не ја заборавиме и вештачката интелигенција која станува нов важен фактор во експлоатацијата на ресурси и загадувањето, и која веќе навлегува во секој сегмент од општеството. Секој изум може да се користи на конструктивен начин – за подобрување на квалитетот на живеење, за подигнување на нивото на општата добросостојба, но и на деструктивен начин – за присилно стекнување моќ и загрозување на животот. Па, така, не е доволно само да ги воспитуваме децата „како треба“, кога тие директно се соочуваат со свет кој функционира по спротивни правила. Ако се насочиме кон создавање на заедници кои го обновуваат контактот со природата, практично ја промовираат грижата и одржливоста како дефиниција за успех и здравје, тогаш веројатно има шанси да излеземе од кругот на негрижа.
Како уметноста може да помогне во менување на перцепцијата и да ја зголеми „еколошката емпатија“ кај луѓето?
Ако уметничкото дело придвижило нешто во вас и ве натерало да почувствувате нешто, без разлика дали е пријатно или непријатно искуство, тогаш тоа ја остварило својата функција. Често, кога читаме вести и факти, тие минуваат низ нас како дел од многуте информации во текот на еден ден и ги забораваме. Уметноста има моќ не само да не информира за проблемот, туку и да ни го претстави на јазик кој ќе го разбереме и лично ќе не допре. А, кога сме допрени, тогаш се поврзуваме со темата и искуството останува запаметено. Па, така можеби, темата ќе ја почувствуваме за своја и следен пат ќе се пронајдеме себеси во останатиот жив свет, зашто емпатијата пред сè е способност чувствено да ја разбереме другата страна.
Ако отпадот го гледаме како психолошка и културна порака, што според вас тој ни кажува за нас како општество денес?
Отпадот е нешто толку обично и сеприсутво, а тука е главниот наратор на приказната. Тој раскажува за цивилизација која живее во култура на инстант задоволства, пати од комплекс на бог, има прекинато чувство за припадност на останатиот жив свет, се обидува да ја пополни внатрешната празнина со привремени задоволства, го обожува култот на бесконечниот раст, живее површно, на сметка на останатите видови.

Преку „Второ азно“ организирате и настани за размена на книги, облека и предмети од втора рака. Во описот за „Второ азно“ велите „Непотребното за тебе е богатство за друг!“. Како потрошувачката култура влијае врз чувството на вина или одговорност кај луѓето кога станува збор за отпад?
Иницијативата Второ азно, или по ново Азнотека, има за цел да ги поврзува луѓето преку чинот на размена, како што тоа се правело низ целата човечка историја наназад, но и да понуди простор каде што сè уште може да се постои бесплатно. Пораката е дека нашиот посед не ја одредува нашата вредност. Потрошувачката култура и нејзиниот маркетинг прво создаваат чувство на недостаток – дека не си доволен/а ако не го поседуваш најновиот производ, а потоа продаваат производ кој наводно ќе ја пополни оваа празнина, додека не излезе следната генерација понов производ и така во круг. Луѓето не купуваат од место на потреба, туку купуваат идеја на статус, среќа или идентитет. Соочени со сите овие информации, може да се почувствуваме виновни за начинот на кој живееме, но мислам дека е важно топката од индивидуалната одговорност да се префрли кон изворот и создавачите на овие механизми – а тоа се компании кои имаат имиња и адреси. Уште поважно е сите кои го љубиме животот да се самоорганизираме и да создадеме средини по сопствена мера, каде што ќе може да развиеме мрежи за поврзување, свесно живеење и култура на грижа, како за себе, така и за светот кој не опкружува.

Делата на Тодоровска може да се погледнат на веб страницата „Археологија на сегашноста“ каде ќе имате можност да ја дознаете приказната за местото на кое се собрани материјалите: културното, историското или еколошкото значење на секое место – од антички населби до планински резервати и крајбрежја на реки. Истовремено, преку делото ќе дознаете од какви материјали е создадено, вклучувајќи го и влијанието врз животната средина на секој вид отпад – неговиот животен век, процесот на распаѓање и придонесот кон загадувањето.
Авторка: Бјанка Станковиќ





![[Интервју] Јетон Мазлами: Наставата и учењето се можни и во време на Ковид 19](https://pina.mk/wp-content/uploads/2020/08/Jeton-Mazlami-100x70.jpg)