Рамадани: Преку ,,Бубамара“ ќе се посветиме на известувањето за феминизмот и човековите права

0
241

Неодамна со работа започна првиот медиум на албански јазик фокусиран на феминизмот и човековите права во Македонија – „Mollëkuqja“, што во превод на македонски значи ,,бубамара“. ПИНА разговараше со коосновачот на порталот Ардит Рамадани за искуствата на развивање на овој онлајн простор во кој авторките и авторите пишуваат на теми поврзани со родовиот идентитет, сексуалното здравје, човековите права, зајакнувањето на улогата на жената и феминизмот.

Рамадани кој е дипломиран правник, а кој работи и како новинар, објаснува за предизвиците со кои се соочуваат, за неговиот развој, но и позитивните промени кои порталот треба да ги донесе во општеството.

Создадовте прв албански медиум во Македонија кој ќе биде посветен исклучиво на човековите права и феминизмот. Како е составен тимот, колку членови броите и кои се критериумите за влез во него?

„Mollëkuqja.mk“ ќе биде прозорец каде може да се вклучат сите лица без оглед на род, националност, сексуална ориентација или верска припадност. Меѓутоа, лицата кои искажуваат интерес за да помогнат на феминистичката кауза во Северна Македонија, преку приклучување кон нашата платформа ќе треба да споделат одредени принципи, меѓу кои, најважното – да веруваат во потполна родова еднаквост.

Нашата екипа се состои воглавно од новинари со поранешно искуство во оваа област како и активисти на цивилното општество. Во моментов, ангажирани со полно работно време се пет новинари, впрочем, имаме ангажирано новинари кои ќе ги истражуваат феминистичките проблематики во нашата земја и истите ќе ги адресираат. Заради транспарентност и новинарска етика, нашиот персонал и нивните биографии се објавени на веб страница на нашиот портал и секој заинтересиран може да ги види.

Од каде се роди идејата и како беше реализирана? Која е вашата инспирација, односно мотивот за креирање на медиум од овој тип?

Организацијата „Бубамара“, иако (службено) функционира веќе една година, нашата феминистичка група и активностите во насока на родовата еднаквост и зајакнување на улогата на жената во нашето општество датираат од 2017 година.

Увидовме дека многу теми кои во развиените земји се дискутираат секојдневно, кај нас сè уште се сметаат за „табу“ и воопшто не се зборува за истите, следствено, срамот при дискутирање за важни теми како што е сексуалното здравје, менталното здравје, родовите улоги, гинеколошките проблеми, домашното насилство и слични, носи поголеми последици од самиот „срам“. Преку овој медиум, ќе се обидеме да им кажеме на жените и мажите дека не е срамота да бидете информирани за вашето тело и ќе им го олесниме добивањето на информации до кои досега немале можност да ги добијат на албански јазик.

Која е публиката кон која целите, и дали сметате дека фали еден ваков медиум на сцената?

Девојки, момчиња, мажи и жени кои се заинтересирани да дознаат повеќе во врска со извршување на полови односи на здрав начин, како да се грижат за своето репродуктивно здравје, каде и како да го пријават нивниот/ната насилен/на партнер/ка, како да постапат во моменти кога се чувствуваат дискриминирани по основ на пол или сексуална ориентација, што (не) е срам и зошто општеството ни го има научено како такво, кои се последиците на патријархатот и како да ги избегнеме истите – и доста други интересни теми.

Тоа е нашата целна публика како нов медиум, ние нема да функционираме како медиум каде само привилегирани лица ќе може да не читаат, не, ние имаме за цел да создадеме едукативни материјали каде и обичните луѓе, кои немале можност за (формална) едукација, да научат нешто преку нашиот медиум. Еден таков медиум, не само што недостасува во Македонија, туку е и многу потребен, а пак последиците од таквиот недостаток, ги гледаме секој ден.

Дали во иднина сте размислувале содржините од медиумот да се преведуваат и на македонски јазик, или пак да се создаде уште еден сличен медиум на македонски јазик?

Поради фактот дека има слични содржини на македонски јазик што ги реализираат различни феминистички организации, одлучивме медиумот првично да биде само на албански јазик, со можност во иднина, зошто да не, сите објавени материјали да бидат на два јазика.

На страницата „Center for Equal Opportunities Mollëkuqja“ на Фејсбук, реакциите на нашата организација и најважните објави постојано се објавувале на два јазика. Успехот во нашата феминистичка кауза ќе им биде од корист на сите жени и мажи, без оглед на нивната националност, тоа е најважно.

Вашата примарна цел е да ги скршите митовите за феминизмот и на жените да им понудите алтернативна визија за нивната улога во општеството. Каква порака сакате да испратите до нив?

Нашата главна цел е да информациите што досега се сметале за „забранети“, но се многу важни и кои се директно поврзани со родовата еднаквост, веќе имаат адреса и до таа адреса може да се стигне со само два клика, која решивме да ја наречеме „Бубамара“.

Со или без намера, медиумите во нашата земја често известуваат на начин што и наштетил на феминистичката кауза, и ние имаме намера да го смениме начинот на информирање во врска со феминистичките прашања – еднаш засекогаш да кажеме дека не, жртвите не се криви, да се бара расветлување на случаи на убиства на жени, како и професионално и соодветно информирање во врска со семејното насилство и други чувствителни теми.

Каква е иднината на феминизмот кај нас? 

Секогаш кога почнуваме да веруваме дека иднината на феминизмот зема вистинска насока во нашата земја, се случуваат случки како онаа на „Јавна Соба“ и многу други, и на жалост не враќаат неколку чекори назад. Ова може да се гледа од два аспекти, првиот е дека да, колективната свест за важноста на родовата еднаквост почна да расте, меѓутоа, како да оваа свест се развива секој ден се повеќе и повеќе надвор од вратите на нашите институции, додека внатре во нив како да злото и неколку децениската практика веќе се нормализира и ништо не се презема за да се обучи јавниот кадар во врска со нивниот пристап кон феминистичките прашања.

Почнувајќи од самата суштина, од моментот на пријавување случаи на семејно насилство до расветлување на истите – досегашната практика ни покажува дека ефикасноста на институциите не секогаш била на вистинското ниво. На тој што го разбира поимот „феминизам“, му е јасно е дека поделбите меѓу мажите и жените се нешто што не доаѓа во обѕир, и поради ова, во нашата организација имаме многу момчиња и мажи кои секојдневно се борат за родова еднаквост и феминизам.

Долга е борбата на жените за рамноправност. Тие сè уште се борат за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите. Сè уште не заработуваат како мажите иако работат на исти позиции, има помалку жени на високи политички и одговорни позиции. Дали уште треба да се работи на менување на размислувањата дека нема потреба од борба за еднаквост?

Не само што нашата земја има потреба од феминизам, туку мислам дека нема доволно активисти и добронамерници кои би работеле во овој правец колку што има потреба. Некои од прашањата кои ги имате истакнато се доста основни, но жените ги доживуваат секој ден, како што е економска, политичка и социјална дискриминација.

Некои студии покажаа дека за иста работа, жените се плаќаат помалку од мажите само поради нивниот пол, а да не зборуваме за работата што не им се смета за таква, но која за жал патријархатот и ја доделил на жената како одржување на домот, грижа за децата, готвењето и така натаму.

„Бубамара“ постојано алармираше за потребата од вклучување на жените во политиката, но не само како фигури, туку и доделување на важни функции, но нашите барања наидоа на глуви уши, и тоа може да се потврди со екстремно малиот број на жени кандидати за градоначалнички на изборите во октомври годинава.

Постојат многу причини и дејствија, кои во многу места (главно рурални) се веќе нормализирани за жал и не се гледаат како проблеми, но кои ни го вклучуваат алармот за итна потреба од „борбата“ за родова еднаквост.

Пандемијата на коронавирусот го промени од корен начинот на живот на каков што луѓето беа навикнати. Кои ќе бидат последиците што оваа криза ќе ги има врз човековите права?

Меѓу одговорностите и обврските кои врз жените ги наметнуваат патријархатот и традицијата, неспорна е неплатената работа во домот. Со други зборови, жената мора да се грижи за семејството, за куќата. Пандемијата извесно време ги стави под клуч градинките, кои откако беа отворени почнаа да работат со намалени капацитети.

Жените се принудени да дадат отказ од работното место за да се грижат за децата, но тоа не се случи со мажите. Според податоците од Државниот завод за статистика, од почетокот на пандемијата со ковид-19 околу 11 илјади граѓани го изгубиле своето работно место. Од нив, 47%  се на возраст од 30-49 години. Според нас оваа возраст не е случајно погодена бидејќи на таа возраст има најмногу млади мајки.

Ваквите податоци за последиците се доста вознемирувачки за нас. Освен тоа, во недостиг на работно место, жените би можеле да се соочат со проблеми поврзани и со здравственото осигурување.

Колку е честа родовата дискриминација во земјава? Колку е потребно да се покрене свеста кај граѓаните со оглед што многумина не си ги познаваат основните човекови права ниту механизмите со кои можат да се заштитат од неа?

Не веруваме дека има област каде жените не се дискриминирани во однос на мажите во Северна Македонија, вреди да се спомене дека нашата земја има многу добри закони, според кои треба да се санкционира секаква родова базирана дискриминација, но применувањето на овие закони во пракса не е на задоволително ниво.

Една од главните цели на „Бубамара“ е да ги едуцира помладите генерации за нивните законски загарантирани права и да ги запознаеме со сите постоечки државни механизми кои се во корист на жените во случај на пријавување на насилство или било каков друг случај.

Токму поради оваа причини, веќе месец дена сме започнале со кампањата „SEEN, пријавувај, не игнорирај“, каде преку правни експерти ги учиме младите девојки на возраст од 18-25 години, во врска со тоа каде може да ги пријават вознемирувањето, заканите или уцените кои им се прават преку социјалните мрежи, и ги охрабруваме да го пријават секој случај, без оглед на идејата што е создадена во јавноста дека репресивните институции не ги преземаат потребните мерки, наше е да ги пријавиме и да стоиме зад случаите до нивно расветлување.

Автор: Маја Терзиова