Употребата на дроги треба да се третира како здравствен проблем, а не како кривично правен проблем. Декриминализацијата не може да се постигне само со измени на Кривичниот Законик, туку неопходен е мултисекторски пристап. Ова се дел од заклучоците на Меѓународната конференција за модели за регулација на дроги во организација на Коалиција Маргини и ХОПС која се оддржа на 18-ти и 19-ти ноември преку платформата ZOOM.
Во фокусот на конференцијата се најдоа и моделите на декриминализација на употребата на дрогите во Португалија, Холандија, Чешка и градот Франкфурт во Германија и причините зошто овие држави се одлучиле за декриминализација, како и начините на кој е спроведена декриминализацијата на дрогата и влијанието на овој процес во обезбедувањето на ефективна и хумана политика за дроги.
Првиот ден беше посветен на здравствените и социјалните придобивки од декриминализацијата на дроги, додека вториот ден се разговараше за декриминализацијата на дрогите и улогата на кривично правниот систем.
Министерот за здравство, Венко Филипче кој се обрати на конференцијата рече дека темата е многу комплексна и никогаш не може да се гледа само низ призмата на еден од секторите коишто ги допира, туку исклучиво со координиран пристап, анализа на политиката којашто треба да се имплементира и дека ова може да биде еден успешен процес.
‚‚ Лично ја поддржувам дикриминализацијата и понатаму сметам дека една политика може да биде успешно имплементирана само доколку процесот на носење на таа политика бил инклузивен, ги вклучил апсолутно сите чинители на коишто се однесува и бидеме упорни во имплементацијата заради тоа што ако биде само парцијално нема да го даде посакуваниот ефект.“
Тој смета дека целиот процес ќе отвори многу инвестиции и работни места, и дека драстично се зголемил бројот на заинтересирани специјализанти во оваа сфера на фармацијата.
Министерка за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, рече дека тие како Министерство и сега даваат поддршка преку креирање политики и годишни програми за поддршка и активности за лицата кои се вклучени во системот како корисници на дроги, но оваа пракса треба да се надоградува. Според неа, МТСП за 2020 година преку посебна програма овозможиле услуга за 30 корисници во Центар за социјална рехабилитација на лица кои се корисници на дроги.
‚‚Како МТСП секако ќе учествуваме во дебатата за изнаоѓање најдобар модел на декрминиалзаиција на дроги и верувам дека ќе го избереме најдобриот модел за нашето општество. Преку улогата на социјалните претпријатија, во кои ќе бидат вклучени маргинализирани лица, вклучително и корисници на опојни дроги, може да помогне за социјална и економска инклузија на овие граѓани”.
На конференцијата беше посочено дека употребата на дроги треба да се третира како здравствен проблем, а не како кривично правен проблем.
,,Прохибиционистичкиот и репресивен модел на казнување на употреба на дроги во ниедна земја не дава резултат во намалувањето на употребата на дроги, но и во намалувањето на трговијата со дроги, додека значително влијаат на повреда на правата на поединците, создаваат јавно-здравствени проблеми и ги зголемуваат економски трошоци на државите“, истакнаа експертите.
Според невладините организации кои работат на проблематиката неопходно е да се декриминализира употребата на дроги и поседувањето заради лична употреба, за што јасна и јавна поддршка дадоа присутните претставници на извршната власт, но и практичарите кои се директно вклучени во извршување на законите.
,,Декриминалиазацијата на употребата на дроги не може да се постигне само со измени на Кривичниот Законик, туку за воспоставување на успешен модел на декриминализација неопходно е да се воспостави мултисекторски пристап и да се направат соодветни системски измени во здравствениот и социјалниот систем кои ќе овозможат превенција, поддршка, намалување на штети и соодветен третман и рехабилитација на луѓето кои употребуваат дроги“, сметаат од невладините.
Автор: Кристијан Трајчов
Текстот е дел од Програмата за менторска поддршка на млади новинари на ПИНА поддржана од Civil Rights Defenders.