ЗНМ бара судовите да не лиценцираат новинари и медиуми

0
161
Фото: ЗНМ

Граѓанскиот и Апелацискиот суд во Скопје продолжуваат да ги одбиваат тужбите за клевета и навреда против онлајн -медиумите со крајно несериозно и тенденциозно објаснување дека тие не биле медиуми, а луѓето што работат таму не биле новинари, реагира Здружението на новинари на Македонија.

За овој проблем за кој пишуваше и Пина, ЗНМ денеска јавно го изразува незадоволството и бара од Врховниот суд на Македонија во најкраток рок да постапи по нивните барања за усогласување на судската пракса и во иднина Граѓанскиот суд и Скопска Апелација да ги процесуираат предметите.

– Убедени сме дека ваквата чудна судска пракса, која за среќа ја нема и во другите Апелациски судови во земјата, ја загрозува слободата на говорот и ја дискредитира новинарската професија и улогата на медиумите во едно демократско општество. Ќе доставиме претставка и до Судскиот совет за сите судии што несоодветно и селективно го применуваат Законот– соопштија од ЗНМ.

Тие ја повикуваат и меѓународната заедница, Европската Унија, САД, ОБСЕ и Советот на Европа да ја споделат со овие судови нивната загриженост со цел да се спречи ваквиот напад против слободата на говорот, професионалните онлajн – медиуми и обидот за нивно лиценцирање.

– И покрај јасната одредба во законот, кој ја регулира одговорноста на електронските публикации, овие судови продолжуваат да ги одбиваат тужбите за клевета и навреда против онлајн – медиумите. Ваквото паушално, неодговорно и непрофесионално однесување на одредени судии претставува заобиколен обид за лиценцирање на медиуми и новинари, која е крајно недемократска практика присутна во авторитарни земји – велат од ЗНМ.

Оттаму се сомневаат дека зад ваквата судска пракса, има политичка позадина, која треба да ги дискредитира овие медиуми и да обезбеди лажно алиби на Владата за да воведе нивна построга регулација, спротивно на европските стандарди за слобода на интернет.

– Предупредуваме дека обидите на одредени партиски кругови, кои бараат наводна законска регистрација на овие медиуми, е опасна политичка игра, која има за цел државата да ја контролира нивната медиумска содржина – соопштија денеска од Здружението.

ПИНА објави дека тужби во Основниот суд Скопје 2 Скопје за случаи за клевета и навреда во кои едната страна е новинар што работи во онлајн-медиум, се отфрлаат со образложение дека „порталот нема пасивна легитимација“. Со ова, судиите практично не ги признаваат порталите за медиуми.