Македонското општество во последните неколку години е се погласно кога се работи за еколошките прашања и животната средина, а на ваквиот бран засурфаа и политичките чинители на последните локални избори.
Покрај политичките центри, на локалните избори се изнедрија и бројни независни советнички листи во некои општини во главниот град, на ниво на Скопје, но и во други место како Тетово и Струмица. Воглавно, нивниот примат е животната средина.
Кон животната средина се сврте и генерално етничката партија Демократска унија за интеграции (ДУИ) која неодамна се „ребрендираше“ во зелена партија, а која речиси 13 години е во зградите на Владата.
Фокусот на ваквите желби и барања јасно се гледа и во јавниот дискурс во кој се впуштаат различни формални и неформални организации, но и обичните граѓани.
Во однос на тоа како се создадени овие прилики, како тие се третираат и во која насока ќе се движат, ПИНА побара одговор од еко-активисти и луѓе од социолошката сфера.
Одржувањето на животната средина и нејзиниот квалитет, лик и стандард треба да стане централна и секојдневна грижа, смета социологот Ѓорѓи Тоновски. Притоа, тој објаснува дека не смее да се занемари фактот дека предметот животна средина и зелени политики, како што вели, претставува целина од фактори кои мораат да дејствуваат рамномерно и синхронизирано.
Тоновски вели дека радува тоа што ваквата идеја постепено созрева и меѓу македонското население, и во јавноста и во политичкото организирано, односно, особено во граѓанските организирања.
„Тоа е многу добро, бидејќи климатските промени и неодговорното однесување на човековата раса кон животната средина (војни, корупција, загадувањето на природните ресурси, човековата негрижа кон се` поголемите количини отпад, и слично) не гарантираат заштитена и чиста животна средина. Човекот се претвори во главниот причинител на ‘социјалните и еколошките пореметувања на неговиот животен амбиент’. Заради одржување на посакуваното ниво на условите достојни за хуманите суштества, човекот/заедницата е најповикан да ја чува, да ја заштитува, да ја унапредува и да ја осознава/проучува животната средина и врз основа на искуствата да гради соодветни зелени политики“, објаснува Тоновски.
Во меѓувреме, тој посочува дека еколошкото прашање е актуелизирано и промовирано поради процесот на демократизација и либерализација на нашето општество. Ова според него претставува доказ дека македонските граѓани, социјалните институции и здруженија стануваат се посвесни и попосветени во однос на состојбите во животната средина и квалитетот на живот.
„Иако сме далеку од многу позитивната оценка за ова поместување на квалитетниот ангажман, сепак е добро што не сме на мртвата точка по ова прашање. За волја на вистината, речиси и да нема политичка програма во која нема е посебен дел што е посветен на екологијата, а еве сега гледаме дека тоа се издигнува и на едно повисоко ниво со ребрендирање во зелена партија. Покрај тоа се формираа бројни невладини граѓански здруженија, а во овие локални избори дури се појавија и освоија советнички места во локалната самоуправа бројни претставници на неколку независни, непартиски групации“, вели Тоновски.
Тоа, како што вели тој индицира дека проблематиката на животната средина станува рамноправна според свето значење за електоратот, како и сите други најексплоатирани теми како социјалната политика, урбанизмот, образованието и слично.
„Ова може слободно да се означи како голем цивилизациски исчекор на македонскиот политички простор. Оваа насока би требало да остане јасно обележена во натамошните размислувања и изборни ветувања на општествените и политичките субјекти“, дециден е Тоновски.
За еколошката организација „Еко-свест“, фокусот кон животната средина и зелените политики пак, се должи на загадениот воздух кој станал тешко да се игнорира и интересот на се повеќе млади за здравата животна средина и што може да се направи за тоа.
Според нив, фокусот на политичките центри е поради тоа што тие едноставно реагираат на барањата од граѓаните кои станаа погласни кога се работи за тоа.
„За жал, од нив се уште не гледаме реални долгорочни планови и се е сведено на моментални политики“, додаваат тие.
Независните листи пак, тие сметаат дека се резултат на зголемената свест за важноста на чиста животна средина и потребата од самоорганизирање на граѓаните за нејзино, но и за подобрување на климата.
Зелените политики и барања ќе станат уште поактуелни – но што е со реализацијата?
Земјава е дел од глобалните политики, а државите веќе се мобилизираат за трансформирање на економиите со зелени политики како би ги забавиле климатските промени, велат од „Еко-свест“. Истовремено, тие додаваат дека барањата во однос на тоа ќе станат уште поактуелни во следниот период.
Дополнително, оттаму објаснуваат дека со покачувањето на глобалните температури на глобални ниво и со високото аерозагадување на локално ниво, денеска општеството е посвесно од било кога дека здравјето и опстанокот директно зависи од здравјето на животната средина.
„Само добро информирани и едуцирани граѓани имаат моќ да ги натераат властите да ги сменат политиките во насока на обезбедување на здрава животна средина и безбедна клима“, децидни се тие.
Но, и покрај оптимистичните проекции, социологот Тоновски вели дека земјава е обележана како една од таканаречените „валкани делови на светот“, додавајќи дека дури и во најавите за преговори со Европската Унија провејува и барањето, за како што вели, да се преземат сериозни ангажмани со цел прочистување на земјата.
„Буквално, нема нити едно излетничко или туристичко место во кое расфрланото ѓубре не е дел од пејсажот. Такви купови ѓубре по ливадите или другите излетнички места стојат со години. Истото се случува и со дивите депонии, па и со слободните простори покрај главните сообраќајници кои со години се распослани со ѓубре или шут“, вели тој.
Според него, и покрај тоа што постојат како што вели издржани формално-правни документи по европски терк, Македонија останува без ефикасна општествена акција да ги реализира усвоените законски текстови и договорени зелени политики.
„Истовремено таа мора да учествува и да даде свој позитивен придонес и на зафатите што ги прави меѓунаодната заедница на овој план на планетата“, дециден е Тоновски.
Тука, тој додава дека високоразвиениот свет посветува големо нормативно и практично внимание на оваа проблематика.
„Бројни нормативи, документи, одлуки, препораки и слично, но и општествени напори и залагања на надлежните фактори се однесуваат на состојбите во оваа сфера. Успесите на овој план варираат од земја до земја. Најуспешни зафати се ние во високоразвиениот свет, додека речиси виртуелни се зафатите кај неразвиените земји“, додава тој.
Покрај природното, Тоновски вели дека еколошкиот момент има и социјална димензија, односно, додава дека човекот е еден од факторите кои со своето на моменти неодговорно дејствување е причинител на голем дел од деструкцијата на животната средина и големите природни закони и последици.
„Второ, тој е оној кој е најповикан да ги корегира и смири природните непогоди и девастираната животна средина и трето, постои и аспектот на тнр. социјална екологија која ги засегнува општествените односи и го прави животот пријатен, а тоа ги вклучува демократијата, слободата, сетот на човекови права и слободи, општествен развој, цивилизирани и хумани релации меѓу луѓето во и помеѓу нивните заедници“, додава тој.
Според Тоновски ова е предизвик и ориентир за политиката на Македонија во еколошката сфера. Истовремено, тој заклучува дека еколошки успешна земја и модерно уредениот комплекс животна средина и зелени политики, како што вели, ќе не промовираат како европска цивилизирана земја.
Автор: Мартин Колоски