Случајот со онлајн сексуално вознемирување на жени Ромки уште без разрешница

0
534

Случајот со сексуално вознемирување на жени и девојки Ромки на социјалната мрежа Фејсбук, каде се објавуваа експлицитни фотографии, и по повеќе од еден месец, сè уште нема институционална разрешница.

Дел од жртвите се соочиле со бројни проблеми по онлајн малтретирањето а според нивните сведоштва, кога се обратиле во полициските одделенија, службени лица, како што тврдат, им рекле дека не можат да им помогнат и дека тешко ќе се најде виновникот.

„Ромките не смеат да бидат жртви на нова ‘Јавна соба’“ – порача уште тогаш неформалната група на Ромки активистки – „Иницијатива на жени од Шуто Оризари“, објавувајќи за случајот, кога и официјално побараа итно постапување од надлежните институции.

Фејсбук страницата повеќе не постои, но од Иницијативата велат дека одговор од надлежните институции до кои доставиле барања, сè уште немаат, а покрај тоа биле креирани и други лажни Фејсбук профили кои исто така споделувале таква содржина.

Претседателката на Иницијативата, Салија Беќир Халим за ПИНА вели дека по обелоденувањето на случајот, и самата таа станала жртва на говор на омраза и исмејување од креаторите на страницата.

Салија Беќир Халим

„На 8 октомври поднесовме барање до МВР- одделение за компјутерски криминал и дигитална форензика. Од нив побаравме да се поведе детална истрага за Фб-страната каде се пласирани фотографии и видеа со експлицитна сексуална содржина на жени Ромки. Оттука поднесена е и пријава и од мое лично име каде по објавувањето на нашата Фб-страна за случајот кој што наликува на ‘Јавна соба’, беше споделена и моја семејна фотографија како предмет на исмејување“, вели Беќир Халим.

Таа додава и дека по поднесување на пријавата, контактирале со претставници од МВР кои ги известиле дека Основното јавно обвинителство треба да даде дозвола, за МВР пак официјално да побара дозвола од Фејсбук за откривање на лицата кои ја креирале страницата.

Во меѓувреме МВР го информирало ОЈО Скопје, со цел негово известување во целост по пријавите и давање насоки за понатамошно постапување.

„Во врска со настанот за кој покажувате интерес до Основното јавно обвинителство Скопје, на 14.10.2021година е доставено известување од Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика и веднаш уште истиот ден јавен обвинител издаде наредба за да се направат неопходните проверки. По наредбата сè уште се постапува“, соопштија кратко од ОЈО Скопје за ПИНА.

Несензитивноста, неажурноста и неказнивоста придонесуваат кон обесхрабрување на жртвите да пријавуваат

Активистката Салија од Иницијатива на жени од Шуто Оризари посочи дека со дел од жените жртви стапиле во контакт и неколку од нив пријавиле до надлежните, но бидејќи дел од нив биле надвор од државата, се соочиле со потешкотии при пријавување. Таа сподели и дел од нивните сведоштва откако дознале дека нивните фотографии и видеа се нашле на таквата Фејсбук страница.

„Дел од жртвите поради нарушени семејни односи посегнаа дури и по сопствениот живот.Сведоштвата нивни велат дека дури и кога се обратиле во полициските одделенија, службени лица им рекле дека не можат да помогнат и дека нема да се најде виновникот итн. Ваквите постапки на одредени службеници допринесуваат кон обесхрабрување на самите жртви и секако кон штетни последици врз личниот живот на жените“, истакна Салија.

Според неа особено загрижува фактот што надлежните институции премногу бавно работат на случајот со што дополнително се остава простор за креирање и споделување на материјали со ист контекст, но можеби од различни профили.

Во меѓувреме, Ана Аврамоска Нушкова од Национална мрежа против насилство врз жените и семејно насилство Глас Против Насилство вели дека со оглед на зачестеноста на овие случаи, јасен е индикаторот дека делото треба да се санкционира, бидејќи сторители кои ги создаваат овие групи и учесниците во нив, како што вели, ќе продолжат да вознемируваат знаејќи дека нема санкција за нив.

Ана Аврамоска Нушкова

Таа исто така е согласна дека овој случај со споделување на фотографии на девојчиња и жени Ромки е сосема ист како и претходните случаи на Јавна соба кои се појавија на социјалните медиуми.

Сè уште нема пресуда за првата „Јавна соба“, а тоа ги охрабрува сторителите

За групата „Јавна соба“ на апликацијата Телеграм јавноста прв пат дозна пред две години. Во јануари 2020, една година подоцна, се појави уште една „Јавна соба“, а институциите ветуваа дека ќе има разрешница, но до тоа сè уште не дошло.

Во однос на казнувањето, сè уште се гонат двајца за првиот случај на „Јавна соба“ и тоа за кривично дело производство и дистрибуција на детска порнографија. Дека уште нема пресуда за овој случај потврди и Аврамоска Нушкова.

„Принципот е ист, се споделуваат слики без согласност на жртвите и воедно се објавуваат нивни лични податоци како име, каде работи и/или учи, телефонски број, но, она што особено загрижува е податокот дека во рок од две години, на национално ниво, ова е четврта група од овој вид“, вели таа.

За прв пат кај нас се регулира сексуалното вознемирување преку интернет во новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство кој се донесе крај на јануари 2021 година, а започна да се применува од мај.

Како граѓански закон може да ѝ даде заштита на жртвата но, кривичната одговорност, казните и санкцијата ќе бидат поголеми доколку се усвои поднесениот Предлог на закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик.

Предвидени измени во Кривичниот законик – потребно е доусовршување

Нушкова вели дека генералниот заклучок на граѓанските организации за предлогот на Министерството за правда е дека се согласуваат за воведување на ново кривично дело, но дека во меѓувреме во законот се потребни и терминолошки усогласувања.

Имено, „полово“ вознемирување секаде низ текстот на законот треба да се замени со „сексуално“ вознемирување, со цел усогласување на законот со постоечката антидискриминациска правна рамка. Нашата држава има обврска да го усогласи домашното законодавство со Истанбулската конвенција, вклучително и овој закон.

Дополнително со измените во КЗ е предвидено да се регулира сексуалното вознемирување преку интернет, други социјални медиуми и преку други средства за електронска комуникација и за истото да бидат предвидени соодветни казни за сторителите.

Покрај ова, Предлогот на закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик е дополнет и со воведување на кривичното дело „демнење“.

Од Иницијативата на жени од Шуто Оризари дополнително испраќаат апел до жените Ромки да се охрабрат и пријават, а воедно и да сфатат дека се жртви на сексуално везнемирување и дека општеството треба и мора да ги прифати.

Но, исто така, претседателката на Иницијативата потенцира дека за ова е потребна едукацијаи ги повикува жените-жртви да се обратат и кај нив за било каква поддршка како и препраќања до институциите или организации кои нудат психо-социјална помош и поддршка за надминување на овој горлив проблем каде што жените се жртви на сексуално вознемирување и се нарушува нивниот дигнитет.

Автор: Љубица Иванова